Три свети начела за Македонија

Како што во христијанската религија се споменува светото тројство во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, така за иднината и опстанокот на Македонија е неопходно фокусирање на трите клучни начела што живот значат, а тоа се економијата, образованието и правната држава, или скратено ЕОП. Затоа во продолжение, во време на изборниот молк, кратко навраќање на секое од нив одделно

Вторпат молк за две недели кај нас. Последниов се совпаѓа, односно надоврзува по Светскиот ден на слободата на медиумите. Па, така, ден по празникот за слободата на медиумите, кај нас доаѓа молкот. Е, јака слобода со затворена уста, па макар што трае и само 24 часа, пред почетокот и до завршувањето на гласањето!
За многумина молкот е суштествена спротивност и директен удар токму врз слободата на медиумите, правото на изразување и слобода на говорот. Но кај нас молкот пред избори е законска категорија, која мора да се почитува, иако во редица други држави и во САД тој воопшто не се применува, па дури, напротив, таму непосредно пред, па и за време на гласањето политичките кампањи се интензивираат и тогаш најмногу се агитира. Но тоа е, нели, демократски развиениот Запад, кон кој целиме, и таму важат други правила, кои се различни од оние на проблематичниот и немирен Балкан.

Но, нејсе. Повеќе или помалку, сите веќе сме заморени од кампањи и политика и добро е барем малку да се здивне од целиот тој театар. Така што, колку побрзо заврши, толку подобро за сите. Во таа насока за многумина најпосакувана варијанта е успешен втор круг, беспрекорно чист изборен циклус, постигнат цензус и брзо враќање на државата во нормала, со фокусирање на секојдневните потреби и проблеми на граѓаните. Тука пред сѐ мислам на фокусирање на економијата, обезбедување предуслови на повисоки стапки на раст, потоа реформи во образованието и правосудниот систем, без кои нема напредок ниту иднина за оваа наша држава. Не случајно и во време на молк се одлучив да обрнам внимание токму на овие три сегменти (економија, правна држава и образование), за кои не може и не смее да има молк никогаш и од никого. Напротив, за нив треба да се говори јасно и гласно, пред и по избори, дење и ноќе, во секоја можна пригода, сѐ додека не стане кристално јасно дека без реформи и напредок токму во овие три области сѐ друго е залудно. Затоа што сѐ паѓа во вода, се множи со нула, доколку не се почувствуваат опипливи резултати во споменатите три области.
Инаку, како во бајките не молкот туку сите ќе нѐ изеде волкот лош.

Затоа во продолжение, во време на изборниот молк и пред посетата на папата на Македонија, само кратко навраќање на трите свети начела за нашата држава. Како што во христијанската религија се споменува светото тројство во името на Отецот, Синот и Светиот Дух, така за иднината и опстанокот на Македонија е неопходно фокусирање на трите клучни начела што живот значат, а тоа се економијата, образованието и правната држава, или скратено ЕОП. Ова, секако, не е пропаганда, бидејќи политичка структура или партија со такво име не постои, ниту досега е регистрирана во Македонија, иако гласачкиот и коалициски потенцијал што може да го привлече токму една ваква јасна визија и идеја е огромен и неисцрпен. И сега, сосема накратко, за секој сегмент посебно.

Економијата е столбот на секоја држава. Без здрава и стабилна економија, нема просперитетно општество. Тоа како држава најдобро го почувствуваме изминативе декади преку бранот иселувања токму поради недоволните економски реформи, партизацијата на администрацијата, некокурентноста на пазарот, што доведе до чувство на бесперспективност кај младите и неможност дома, во својата татковина, да ги изразат своите потенцијали. Во таа насока, наместо јалови и тривијални дебати колкава да биде минималната плата, на пример, фокусот да се стави на постигнување повисоки стапки на пораст на БДП. Мора да стане јасно дека платите не може да се делат или зголемуваат тукутака, од ракав или според некаква политичка формула, туку личниот доход пред сѐ треба да се заработи и да биде одраз на продуктивноста на трудот. Како што во земјоделството нема леб без мотика, така и во стопанство или администрацијата не може да има плата без пот.

И ова правило важи секаде во светот. Дали и колку ова правило се применува и кај нас, нема да споменам во оваа пригода, да не го прекршам случајно изборниот молк. Но платите се само еден мал сегмент во економијата. За интензивен економски пораст се потребни редица мерки, за кои како весник досега многупати сме пишувале, а ќе пишуваме и во иднина.

Во однос на образованието, ќе се повикам на една позната стара мудрост, која вели доколку сакаш да уништиш некоја држава, прво удри по образовниот систем. Со необмислени политики, проекти, квазиреформи и чести експерименти во сферата на образованието, државата сама ќе се распадне и разјаде однатре. И токму тоа сиве изминати години ѝ се случуваше и на Македонија. Целосен колапс на системот. Суфицит на факултети, дипломци и магистранди, а хроничен дефицит на способен кадар за стопанството и индустријата.

Завршени средношколци и гимназијалци со знаења како колку за на квиз, а без практични вештини и способности за примената практична работа во кој било сегмент од стопанството. Девастирани и унакажени генерации, насочени главно да паразитираат на нечиј туѓ грб наместо самостојно да креираат, создаваат и напредуваат. Затоа и сме таму каде што сме, на дното на рангирањата на светски реномираните универзитети. Да не зборувам за истражувањата и рангирањата за писменоста и знаењата кај средношколците и основците, каде што резултатите се исто така поразителни.

И конечно неколку збира и за правната држава. Во овој сегмент општа констатација е дека досега имавме само политички приспособувања и толкувања наместо законска примена и спроведување на правдата и правната држава. Политичките партии на свој начин ја интерпретираа правната држава, па кога ги слушате едните тоа звучи како тажачка и жалопојка, додека другите ја интерпретираат како весел славенички или свадбарски рефрен.

Вистината, пак, е дека ниту едното ниту другото не е целосно точно. Правната држава не е нарачан музички рефрен што може да се преработува, аранжира или дотерува според сопствени потреби, гласовни можности и свој призвук, туку правна држава подразбира јасно дефинирани норми и правила што важат еднакво за сите. Притоа законите не се музички ноти, врз кои секој нешто чепка, преправа, додава, снижува, повишува тонови и на крајот тоа звучи како раштиман оркестар. Дотолку раштиман што се слуша и до Берлин и до Брисел. Затоа и Европа не нѐ милува многу вакви какви што сме. После, Цацко ни е крив. Кој не верува, нека се подраспраша кај Макрон.

[email protected]