Три датуми за Македонија во октомври

Кога веќе зборуваме за датумот, мислам дека многу е важно и кој ден од октомври ќе се случи тој историски настан за нашата државата. Сепак, мислам дека се издвојуваат само три потенцијални датуми во октомври што се најсериозни кандидати за доделување датум во октомври од страна на ЕУ. Еве кои се можните фаворити

По спорот за името, договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, пред Македонија никнаа нови задачи и предизвици. Сега на ред за решавање се куп европски и балкански проблеми. Како на пример грчко-турскиот спор за Кипар, внатрешнополитичката криза во Албанија, проблемите на Франција со жолтите елеци, хаосот околу брегзит, блоковската поделеност и раскол во ЕУ, мигрантската криза, спорот меѓу Турција и Кипар околу Медитеранот итн.

Сите овие и уште редица други спорови чекаат на Македонија да ги реши.
Зашто веќе се покажавме како „врвни преговарачи“ за надминување нерешливи децениски проблеми. За Македонија нема нерешлива загатка. Било да се работи за историски прашања (од антички, среден век или поновата историја) идентитетски теми, јазични прашања итн. Рецептот е едноставен – прифати сѐ што бараат другите.
ЕУ сега сака да го искористи тој наш потенцијал. Да им ги решиме и нивните проблеми… Европските спорови чекаат на Македонија.

Или беше обратно. Македонија ќе чека Европа да ги реши проблемите со самата себе, па потоа да добиеме датум за преговори. Сеедно. Заеднички именител и во двете ситуации е чекањето. Ќе мора да се почека. Да созрееле работите. Очигледно некој се прави зелен во умот, но кога еднаш ќе подлегнете под уцени и диктати, потоа нема враќање назад.

Велат ЕУ си го погазила сопствениот збор, сопствените принципи, вредности… Ветувала едно, а сега ни кажува друго. Не, бре луѓе. ЕУ била и останува доследна на својата недоследност. Во однос на Македонија, се разбира. Затоа и не треба да нѐ чудат сите нејзини еквилибристики поврзани со доделувањето датум за преговори. Во таа насока е и дозата на иронија и сарказам во почетокот на текстот. Колку да не помислат дека не знаеме дека си тераат мајтап со нас.

Вистината понекогаш боли, но очигледно воопшто не бил проблем спорот со Грција.
Македонија неправедно, ирационално, противзаконски, надвор од здравиот разум е блокирана и порано и сега. Спорот за името со Грција повеќе од една деценија се користеше само како алатка и изговор за таквата блокада. Сега, кога спорот е надминат, потребни се нови изговори. За нови одложувања или блокади. Па, сега тука се редица други отворени прашања и проблеми на ЕУ, споменати во почетокот на текстов.

Ако порано над глава ни висеше едно вето, сега на повидок се мал милион вета на незадоволни земји-членки.
Дури и оние со кои потпишавме договори за добрососедство пројавуваат знаци на нервоза и покажуваат заби. Работата стигна до Гоце Делчев. Македонскиот деец и револуционер што светот го разбираше единствено како поле за културен натпревар меѓу народите. Само штета што овие другите не го разбираат така, туку го третираат како поле за блокади и условувања на поголемите кон помалите. И сите врз грбот на Македонија, иако со ништо не придонела за тоа, ниту пак има некаква одговорност. Ова ме потсетува на вицот за двајцата пријатели што пронашле две вреќи, едната полна со пари, другата со неплатени сметки. По некое време се среќаваат и првиот го прашува вториот: Што направи со вреќата? Што да правам, секој ден трошам колку што можам ама не се дотрошува, многу пари се тоа. А ти што стори со твојата, се интересира другиот. А бе, еве и јас, плаќам колку што можам, ама никако да ја подиспразнам, многу туѓи неплатени сметки ми натоварија на грб, одговорил натажено.

Зарем и Македонија ја има истата судбина. Да бере туѓи гајлиња и да страда.
Но да се вратам на доделувањето на фамозниот датум за почеток на преговори со ЕУ. Колку само проблеми за еден обичен датум. Ќе биде во јуни, па јули, па септември, па, сега, не подоцна од октомври. А, види чудо, годината не ја споменуваат. Важно нема да биде подоцна од октомври. Која година во октомври како да не им е важно.
Но кога веќе зборуваме за датумот, мислам дека многу е важно и кој ден од октомври ќе се случи тој историски настан за нашата држава. Зашто октомври, нели, има 31 ден.
Сепак, мислам дека се издвојуваат само три потенцијални датуми во октомври што се најсериозни кандидати за доделување датум во октомври од страна на ЕУ.
Еве кои се можните фаворити.

Можеби ЕУ планира да ни го додели датумот на 11 октомври, Денот на бунтот на македонскиот народ против окупаторот, со што започнува и борбата за ослободување на македонскиот народ и држава. Ова е и државен празник со кој се одбележува важен настан како меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ.
Интересна симболика, нели. На денот на борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ да добиеме датум за преговори со ЕУ и храбро да зачекориме напред кон посветла европска иднина.

Одиме со вториот потенцијален кандидат.
Постои веројатност ЕУ да ни го додели датумот на 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кој исто така се одбележува како државен празник и носи своја симболика.

Е, сега тука малку може да има одредени негодување и тегавења меѓу домашните политичари, кај баш на 23 октомври, но факт е дека и тоа е македонски државен празник на сите граѓани.

Згора на тоа, кој смее да ѝ забележи на ЕУ, па датум е ова не е шега, нема тука сакам-нејќам. Ако ме прашате мене, јас сепак претпочитам датумот да го добиеме на 29 октомври, роденденот на „Нова Македонија“. Тоа е мојот фаворит за датум, кој има исто така своја голема тежина и симболика. Токму на овој датум годинава првиот македонски дневен весник одбележува 75 години од излегувањето на првиот број. Да не говорам за историското значење и улога на весникот во минатото и сега, за кодифицирањето на македонскиот и државен идентитет и сѐ што значи изградба на македонската нација и народ, со сѐ што се подразбира под тоа.
Притоа, 29 октомври е најблиску посочен и во заклучоците на Советот на министри на ЕУ, кои, нели, претпочитаат датум не подоцна од октомври. А подоцна од 29 октомври се само уште 30 и 31 октомври. Па, нема белки на последниот ден од месецот да ни доделуваат датум.

Некому можеби сето ова да му прозвучи и како мајтапење или несолена шега, но што, всушност, прави Европа со нас цело време. Ако нивното не е мајтапење, тогаш и сѐ од горенаведеното воопшто не може и не треба да се сфати така.
Сосема за крај, неколку добронамерни препораки во очекување на датумот. Она што е најнеопходно во моментов на домашната политичка сцена во пресрет на најавените промени и преструктурирања е реформата на свеста. Значи, не нарачани реформи однадвор заради задоволување нечии туѓи интереси како досега, туку суштествени реформи дома, исклучиво во интерес на граѓаните и државата. Реформи што ќе донесат висок економски раст, повисок животен стандард, подобро здравство, подобро образование, поефикасна администрација, функционална правна држава итн.
Веројатно добар дел од овие препораки се совпаѓа и со препораките и очекувањата што Европската Унија ги има од Македонија и постојано ни ги повторува. Сепак, постои една навидум мала но многу суштествена разлика. А таа е во знаменцето. Европското да го замениме со македонско знаменце.

Многу често во минатото кога се сакаше да се забрза некоја постапка или да се донесе некој законски акт, неговата важност се истакнуваше со ставање европско знаменце, пред законот. И сето тоа би било во ред доколку вака обележените законски акти не беа потоа предмет на честа злоупотреба за политички односно партиски цели, од страна на власта или опозицијата. Или, со други зборови, наместо кон нив да се пристапува со сериозност и внимание и да им се дава суштинска тежина, тие се третираа само како проформа и се носеа потоа со многу недоречености.

Мојата препорака е европското знаменце да се замени со македонско знаменце. Акцентот да се стави исклучиво на интересот на граѓаните и државата. Ако го разбереме тоа, веќе сме го направиле потребниот исчекор. Не толку за датумот, многу повеќе за самите нас.

[email protected]