Трипати размисли, потоа кажи

Мисијата на ОБСЕ во писмено предупредување, меѓу другото, ги повикува и членовите и поддржувачите на сите политички партии да се воздржат од изразување и споделување навредлива содржина на етничка, верска или друга основа. Во таа насока, во никој случај не смееме да дозволиме самите себеси да си го затвораме европскиот пат, преку евентуално замижување или премолчување на ваквите несакани појави и поттикнување омраза преку социјалните мрежи

Ако можат политичарите, зошто јас не? Вака веројатно размислуваат илјадници корисници на современите интернет-социјални форми на комуникација, кои неретко ја поминуваат црвената линија практикувајќи говор на омраза на социјалните мрежи. Повод за размислување на оваа проблематика, секако, е раширената појава на закани и навреди упатени кон носители на јавни функции во земјава што се актуелни деновиве на социјалните мрежи во период кога сѐ уште не е распуштено Собранието, ниту пак официјално е почната изборната кампања. Ако е вака сега, со толку вжештени глави, како ли ќе биде понатаму, кога кампањата ќе се интензивира, се прашуваат многумина.

Имајќи го сето ова на ум, кога пак се обидуваме да станеме дел од ЕУ и треба да покажеме европски вредности на однесување, а претстојните парламентарни избори треба да минат во фер и демократска атмосфера, поразителни се статистиките, кои покажуваат дека, освен што постои огромна нетрпеливост кај луѓето, сето тоа се рефлектира и на социјалните мрежи, кои се полни со антисемитизам, навреди, поделби и говор на омраза.

Просто е невозможно да нема објава на друштвените мрежи, особено доколку веста е поврзана со политика, а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, а притоа да не изостанат ниту навредите и омразата.
За ваквиот феномен, кој е загрижувачки и кој дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, деновиве следуваше и писмена реакција од ОБСЕ, која апелира да престанеме со говорот на омраза и сите форми на расизам, антисемитизам и нетолеранција. Да не каже после некој дека не ни кажале навреме. Мисијата на ОБСЕ во писмено предупредување меѓу другото ги повикува и членовите и поддржувачите на сите политички партии да се воздржат од изразување и споделување навредлива содржина на етничка, верска или друга основа. Податоците на Мисијата и на локалните НВО од изминатите седум години исто така покажуваат дека инцидентите од говор на омраза во Македонија историски бележат пораст за време на предизборните периоди, особено по основа на етничка и политичка припадност.

Оттука, се наметнува прашањето што треба да научиме од ова најново предупредување од ОБСЕ, но и редица други примери на други меѓународни организации што сугерираат и посочуваат како да ги искорениме навиките за ширење омраза и закана кон неистомислениците. Дополнително се наметнува и прашањето како да се искорени ваквиот говор на омраза и да се спречи поттикнување на насилството во која било форма, но истовремено и да се пронајдат оние што се одговорни, кои го практикуваат тоа и против сторителите да се преземаат соодветни мерки.
Една подлабока анализа може да покаже и дека интензивирањето на објавување на лажните вести, но и говорот на омраза се последица од деструктивното дејствување на одредени политички структури во земјата. Политичко-партиските послушници или ботови особено при објавите на социјалните мрежи се насочуваат кон употребата на непримерна терминологија, која понатаму предизвикува низа реакции, при што кај некои од нив често доаѓа и до масовна размена на навреди и клевети.
Сепак, и за тоа има лек и терапија. Се разбира, доколку навремено се аплицира и применува. Неопходна е многу позасилена контрола на непримерните содржини што се пласираат на социјалните мрежи за да се избегне за грст одредени вжештени глави да страда целата држава. Притоа не смее да се заборави дека Македонија периодов е под силен мониторинг.

Во никој случај не смееме да дозволиме самите себеси да си го затвораме европскиот пат, преку евентуално замижување или премолчување на ваквите несакани појави и поттикнување омраза преку социјалните мрежи.
Во таа насока, високо ниво на превенција и претпазливост е посакувана мерка на сите што општат на социјалните мрежи. Тоа, впрочем, е и израз на култура, достоинство и вредност како индивидуи.
Исто така еднакво е важно и неопходно политичките партии и нивните партиски ботови да му стават крај на недоличниот стил во јавната комуникација, која потоа предизвикува гнев и омраза кај граѓаните. Политичките партии треба и мора да го променат и начинот на водење политичка кампања.

Во нашата земја нема место за антисемитизам, ксенофобија и омраза и треба да има нула толерантност кон обидите за ширење навреди и омрази кон поединци и цели заедници.
Затоа сите треба да ја практикуваме, а најмногу јавните личности и политичарите, добропознатата изрека што вели трипати мери, еднаш сечи, или преведено во дадениот контекст, пред да направиш нешто размисли трипати, па потоа стори го.

[email protected]