Треба ли Собранието да биде ставено на респиратор

Не дека од распуштените пратеници се очекува некакво соломонско решение, ама барем да се задоволи формата и да се испочитува процедурата, за колку толку да се врати доверба во институциите. Или партнерите во Владата, меѓу кои и партијата на Џафери, можеби се плашат оти пратениците што не биле ставени на кандидатските листи, а кои изгледа и не се малку на број, овој пат би можеле навистина да почнат да си ја вршат работата и да се спротивстават на некои нивни намери, што пак, скраја да е, би ги мотивирало и уставните судии повнимателно да ги разгледаат досегашните владини решенија. Е, тогаш, навистина би требало да се побрза со избори

Во длабока сенка на здравствената и на економската криза, со сѐ уште несогледливи последици, како и на сѐ поизвесната криза на духот, во кои заедно со остатокот од светот се најде и Македонија, на домашен терен полека но сигурно се развива и уставната криза предизвикана пред сѐ од сосема оправдано запрениот изборен процес поради пандемијата на коронавирусот, но и од веќе докажаната неспособност на политичките елити да ги предвидат и да ги превенираат состојбите или барем да се усогласат околу начините за нивно ефикасно надминување. Вистина дека во моментите кога се формираше техничката влада и кога се самораспушташе Собранието никој не се надеваше на ваков развој на настаните, но многубројните досегашни уставотворци и законодавци можеле малку повеќе да се потрудат при дефинирањето и разработката на некои состојби.

Тоа особено кога се знае дека во изминативе години сѐ почесто се зборуваше за одредени глобални закани, како што се тероризмот, нелегалните миграции, природните катастрофи предизвикани од климатските промени, но и разни епидемии, кои би можеле да доведат до некакви кризи и во Македонија.
Сепак, политичките фактори во земјава цело време постапуваа сосема спротивно од препораката на другарот им Тито: се однесуваа како постојано да се во некаква војна, а се подготвуваа како стотина години дека ќе владее мир. Поточно, воопшто не ја подготвија државата за сериозни предизвици, што конечно и не би требало да претставува големо изненадување кога се знае со колку маки и во нормални околности досега беа спроведувани трансферите на власта и со каков ентузијазам тие работеа на руинирањето на институциите и на осквернувањето на демократското начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Токму затоа ни појавата каква што е уставна криза не е некоја новост за Македонија, кога таа се манифестира само како одреден судир помеѓу органите на државната власт околу надлежностите и ингеренциите што не се дефинирани со Уставот или се недоволно разработени во законите, при што, според досегашните искуства, таа неретко добиваше повеќе или помалку драматични заплети. Но кога сето тоа се случува паралелно со големата планетарна драма, сосема се оправдани стравувањата дека нештата би можеле да тргнат по навистина опасни текови.

А веќе е евидентна тенденцијата политичката состојба во Македонија да се драматизира, и тоа по повеќе основи. Едната е одлуката на претседателот Стево Пендаровски по вторпат да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена, што, според Уставот, би требало да го направи парламентот. Втората е дилемата до кога техничката влада, како таква, може да функционира и кој, во услови кога Собранието е самораспуштено, ќе го закаже новиот термин за избори. Третата е хиперпродукцијата на владините уредби со законска сила, со кои, меѓу другите, се најдоа погодени и судиите, така што сите столбови на власта, Собранието, претседателот на државата, Владата и судството, се најдоа заплеткани во нејаснотиите. Кон тоа, освен дефицитот на демократска традиција и на политичка култура, придонесе и суфицитот на уставни и на законски одредби донесени како резултат на политички компромиси, а не на реалните потреби, така што безмалку повеќе содржина има во над 30-те амандмани на Уставот отколку во неговиот основен текст, на пример.

Собранието не функционира, а има претседател, кој заедно со пратениците зема плата од државниот буџет?! Не знам како лекарите би ја дијагностицирале и лекувале оваа состојба помеѓу животот и смртта. Можеби, за почеток, Собранието би требало да го стават на респиратор. Нели Владата вложуваше огромни напори за набавка на доволен број од тие машини, белки ќе се најде некоја и за таа намена

А и смислата на клучните закони одамна е загубена во неброените нивни измени и дополнувања спроведени за дневнополитички потреби или заради интереси на некои потесни но моќни групи. Но и во целиот тој неред, тој што сака, може да ги види стеблата и гранките зад шумата и знае дека Собранието, иако самораспуштено, може да заседава во услови на воена или вонредна состојба, особено ако за тоа е и платено. Не дека од распуштените пратеници се очекува некакво соломонско решение, ама барем да се задоволи формата и да се испочитува процедурата, за колку толку да се врати доверба во институциите. Или партнерите во Владата, меѓу кои и партијата на Џафери, можеби се плашат оти пратениците што не биле ставени на кандидатските листи, а кои изгледа и не се малку на број, овој пат би можеле навистина да почнат да си ја вршат работата и да се спротивстават на некои нивни намери, што пак, скраја да е, би ги мотивирало и уставните судии повнимателно да ги разгледаат досегашните владини решенија. Е, тогаш, навистина би требало да се побрза со избори.

Конечно, ако се прифати објаснувањето на Талат Џафери, во кое и да е својство, дека Собранието не може да се состане зашто мандатот му завршил или затоа што пратениците не се мотивирани да заседаваат откако повеќето од нив не биле ставени на кандидатските листи, тогаш зошто тој сѐ уште се одзива на функцијата претседател на Собранието, притоа дозволувајќи и понатаму да им се исплатуваат платите на пратениците? И во кое својство тој пред некој ден, на пример, ѝ се обрати на нацијата со велигденската честитка? Навистина тешка загатка.

Собранието не функционира, а има претседател, кој заедно со пратениците зема плата од државниот ! Не знам како лекарите би ја дијагностицирале и лекувале оваа состојба помеѓу животот и смртта. Можеби, за почеток, Собранието би требало да го стават на респиратор. Нели Владата вложуваше огромни напори за набавка на доволен број од тие машини, белки ќе се најде некоја и за таа намена.

[email protected]