Тргување под маса

Очигледно некои поголеми геостратегиски интереси на земјите-членки на ЕУ секогаш ѝ даваат предност на политичката прагма, пред етичките принципи и пред меѓународното право. Се чини дека на Германија ѝ е поприоритетна поддршката на присутна и активна земја-членка на состаноците на европските самити, отколку инсистирањето на планот за проширување и укажување на неразумните бугарски позиции со историско-идентитески услови за преговарачката рамка за Македонија

На крајот, темата за проширувањето не се најде ниту на дневниот ред на состанокот на лидерите на декемврискиот самит на ЕУ, последен во време на германското претседателство. Дипломатското одмолчување и бирократското поттурнување под тепих на темата за која германското претседателство со Унијата тврдеше дека е во врвните приоритети, веројатно се обид со „учтива форма“ да се игнорира сопствената неверодостојност, односно „нестоење на зборот“ од страна на ЕУ дека до крајот на годинава ќе се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија. ЕУ повеќепати не си останала на зборот откако Македонија го доби статусот на земја-кандидатка, но засега се бројат само ветата откако беше отстранета наводно клучната пречка со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и со менување на уставното име на државата. До Преспанскиот договор, ЕУ некако успеваше дополнително да ги аргументира ветата на Грција со неисполнување на некои од критериумите за проширување од страна на Македонија. И покрај апсурдноста и на грчките аргументи за ветата, сепак Македонија се согласи на Преспанскиот договор, со многу контроверзни отстапки во смисла на своите идентитетско-историски обележја. Сега се покажува дека тој договор не бил затворање на проблемот, туку активирање на спиралата на нови уцени под „наметката на критериумите за проширување на ЕУ“. Со потиснувањето на темата за проширувањето со своите поголеми внатрешни проблеми меѓу земјите-членки (овој пат со проблематизирањето на усвојувањето на седумгодишниот буџет на Унијата од страна на Полска и на Унгарија), ЕУ на некој начин си дава алиби за примената на двојните принципиелни стандарди спрема земјите-кандидати.

Намерите на обидите на отворената европска сцена на германската дипломатија за разубедување на Бугарија да го повлече своето новокомпонирано вето по грчки терк за Македонија, се чини дека почнуваат да се разобличуваат од сега видливите резултати на политичката „трговија под маса“. Имено, по самиот на ЕУ, добро информираниот европски медиум „Еуроактив“ открива дека токму германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов биле двајцата лидери што отворено се спротивставиле на предлогот за санкции за Турција, поради дупчењата за гас што ги врши во источниот Медитеран, во близината на Кипар. Други земји, како Шпанија, Италија, Малта и Унгарија, исто така биле против санкциите, но, според изворите, не го искажале тоа отворено. Австрија ги поддржувала санкциите, додека Франција, која барала жесток одговор на ЕУ, наводно ја ублажила реториката на самитот. Според заклучоците на самитот за Турција, лидерите на ЕУ ги осудија нејзината агресивност и еднострани активности во источниот Медитеран, но сепак, конечно, тие зазедоа мек став, доделувајќи ѝ на Анкара уште три месеци грејс- период.

Очигледно некои поголеми геостратегиски интереси на земјите-членки на ЕУ секогаш ѝ даваат предност на политичката прагма, пред етичките принципи и пред меѓународното право. Се чини дека на Германија ѝ е поприоритетна поддршката на присутна и активна земја-членка на состаноците на европските самити, отколку инсистирањето на планот за проширување и укажување на неразумните бугарски позиции со историско-идентитески услови за преговарачката рамка за Македонија. И покрај изјавите исполнети со формулации за разочараност од бугарското вето и загриженост за безбедносните импликации врз регионот и Европа, од страна на германскиот министер за Европа, Михаел Рот, постветовското однесување на Бугарија покажува дека улогата на Германија во македонско-бугарскиот случај била само „мек притисок“ кон неа, или можеби само глумење пред Македонија. Она што е јасно е дека Македонија и понатаму ја очекуваат нови идентитетско-историски искушенија според бугарското сценарио и геостратегиската трговија под маса.

Дипломатското одмолчување и бирократското поттурнување под тепих на темата за која германското претседателство со Унијата тврдеше дека е во врвните приоритети, веројатно се обид со „учтива форма“ да се игнорира сопствената неверодостојност, односно „нестоење на зборот“ од страна на ЕУ дека до крајот на годинава ќе се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија

Во своето тридецениско самостојно опстојување на глобалната политичка сцена, Македонија речиси постојано е трн во окото и предмет на желба за исчезнување или асимилирање од соседите во регионот. И покрај таквата поставеност на односите, Македонија сепак како своја геостратегиска цел консензуално се одлучи својата иднина да ја бара во ЕУ и во европските вредности и стандарди. Од друга страна, можеби ЕУ практикува двојни стандарди за проширувањето во однос на Македонија, а на земјите-членки приоритет им се сепак националните интереси, но и нејзина стратегиска определба е заокружување на Унијата со интегрирање на земјите од Западен Балкан. Главниот предизвик за Македонија е во овој (сепак долг) период на интегрирање во ЕУ да не се откаже и да не ја изгуби својата идентитетско-историска посебност на нацијата низ лавиринтите на уцените. Всушност, стандардите и критериумите за реформи на општеството во преговарачката рамка за ЕУ се познати и на нив може да се работи и без официјален почеток на преговорите. Последното бугарско вето, за Македонија ја наметнува потребата од институционален национален консензус за прашањата што не смеат да бидат предмет на политички раскусурувања, ниту на големите, ниту на малите играчи на геополитичката сцена.