Трамвајот не е желба, туку потреба на Скопје

Ова време на корона ни покажа дека само автобускиот превоз одамна не е решение за Скопје, бидејќи градот со својата големина, и по бројот на жители и по простор, со потребите на граѓаните, одамна го има надминато овој автобуски систем. Можеби Скопје е единствениот пример во Европа, како град со над 700 илјади жители, кој се потпира единствено на автобуски јавен превоз, и тоа со мал капацитет. На градот одамна му треба воведување на брз и покапацитетен вид на превоз, кој, заедно со автобускиот, ќе ги опслужува граѓаните

Пандемијата со коронавирусот исфрли на виделина многу скопски градски проблеми. На површина исплива и градскиот нефункционален јавен превоз. А таков е поради многу причини. Пандемијата само покажа колку стана градот нефункционален само затоа што јавниот превоз се одвива со стари дотраени автобуси, возила што немаат капацитет да ги опслужат граѓаните, па тие постојано во нив се туркаат и тискаат, наместо да одржуваат дистанца неопходна за да се заштитат од самата зараза. И згора на тоа, имаме автобуси што го загадуваат воздухот, а познато е дека Скопје повеќе денови беше на врвот на листата како еден од најзагадените градови во Европа.

Во ова време на пандемија, може ли да запре крвотокот на градот, ако така се нарекува јавниот градски превоз, ако животот не запира? Животот си тече и продолжува, а со ваквиот градски превоз само уште повеќе продолжија проблемите на скопјани. Ете, на пример, можеше ли во изминатите викенди со продолжен полициски час, сите оние што за доброто на заедницата мораа да стигнат до своите работни места, градот да ги остави без минимум јавен превоз. Никој не се прашува како тие луѓе стигнуваа и се враќаа од работа, им требаше ли јавен превоз на оние што немаат ниту автомобил ниту велосипед. За сиот овој период во ваквите денови, секој се снаоѓаше како знае и умее, а јавниот превоз не беше во служба на скопјани. Полицискиот час како да „важеше“ и за јавниот сообраќај во градов. ЈСП воопшто и не мораше да се труди да ги повторува соопштенијата секој викенд, кога граѓаните веќе си го научија редот, автобуси нема да има.

Ова време на корона само ни покажа дека автобускиот превоз одамна не е решение за Скопје, бидејќи градот со својата големина, и по број на жители и по простор, со потребите на граѓаните одамна го има надминато овој автобуски систем. Можеби Скопје е единствениот пример во Европа, како град со над 700 илјади жители, кој се потпира единствено врз автобуски јавен превоз. На овој град и на граѓаните одамна им е надраснат овој тип на јавен превоз, бидејќи е нефункционален, многупати нередовен и со мал капацитет. На Скопје одамна му треба воведување брз и покапацитетен вид на превоз, кој, заедно со автобускиот, ќе ги опслужува граѓаните.
Метро е многу скапа инвестиција и можеби неодржлива идеја поради подземните води на кои лежи градот, регионална железница можеби би го решила проблемот само во еден дел од градот, а трамвајот сѐ уште е само пуста желба на скопјани и првична идеја на Ристо Пенов, еден од поранешните скопски градоначалници. Но идејата беше најблиску до реализација во времето кога градоначалник на Скопје беше познатиот бизнисмен Трифун Костовски.

Но не е важно кој бил и за што се залагал, важно е некој да го постави конечно тој трамвај на шини и да тргне низ Скопје. А многу лесно и сега може да се реализира оваа идеја, потребно е само некоја од градските политички гарнитури да се нафати на еден ваков голем и сериозен чекор за Скопје. Костовски, всушност, остави готова студија на оправданост за трамвајот. Проектот за трамвајот го остави во неговата завршена прва фаза, а требаше да се реализира во три фази, со кои беа трасирани правците по кои требаше да се движи трамвајот.
Првата почнуваше од Лисиче до Центар, а втората фаза требаше да оди кон Чаир и Бутел и третата кон Ѓорче Петров и Сарај, со мали краци кон Клиничкиот центар. Лисиче беше утврдено место на депото, кое требаше да биде опремено со најмодерна опрема, односно со 48 композиции од по два вагона.

Трасата беше дефинирана и остануваше да се дефинираат уште постојките. Како што многупати изјавуваше Костовски, требаше да се јават фирмите што требаше да ги почнат работите на терен, а неговиот мандат беше при крај. Но никој по него, ама баш никој, не се зафати проектот да се доврши и да се финализира, а тендерската документација постоеше и беше платена изработката на проектот во висина од 1,5 милион евра.
На Скопје му треба трамвај, бидејќи тој е брз, бесшумен, не загадува. Овој град треба и мора да има алтернатива. Јавното сообраќајно претпријатие, и покрај купените двокатни автобуси во времето кога градоначалникуваше Коце Трајановски, го нема решено целосно проблемот, а има автобуси што времето ги надминало, кои се под сите стандарди. Уште полоша е состојбата со автобусите во приватна сопственост. Скорашниот настан со опожарувањето на еден од нив на линијата број 45 само го вклучи алармот и за безбедноста на патниците, кои, за среќа, не беа во возилото.

Од метежи и чекање по постојките нема да бидат спас ниту новите седум автобуси што пристигнаа неодамна од Хрватска, а ниту преостанатите 26 што доправа треба да стигнат, до крајот на јули. Прашање е колку и тие ќе помогнат да се намалат метежите. Како ќе се одржува дистанца меѓу патниците наесен, кога рапидно се зголемува бројот на корисници на градскиот превоз. Сега не се возат учениците, не се возат и некои од граѓаните што работат од дома, помалку се возат и пензионерите, па повторно има метежи. Летото многу бргу ќе помине. Учениците повторно ќе тргнат на училиште, студентите исто така ќе почнат со предавања, а кога ќе се зголеми физичкото присуство на луѓето, што тогаш?

Што ќе се прави тогаш ако стигне најавениот втор бран од пандемијата? Како ќе се одржува тогаш дистанца и колку ќе бидат полни автобусите? Ќе има ли редари што ќе бараат одржување на дистанцата и истовремено веќе по четвртата постојка нема да дозволуваат качување на други патници, со препорака да го чекаат следниот автобус? Па, и сега патниците се изначекаа по постојките. Што поради нередовноста, што поради метежите се изместуваа термините на пристигнување, па така информативните табли многупати не прикажуваа реално пристигнување на автобусите на некои линии. Од сето ова што сега се случуваше, најдобро се покажа колку не функционира јавниот превоз и затоа надлежните мора да извлечат поука. На Скопје му треба брз превоз, со поголем капацитет, превоз што нема да загадува и ќе ги реши турканиците.