Тоа што може филмот не може ниедна политика

Причината за поразувачките резултати од натпреварувачките селекции може да се лоцира во вообичаената поставеност на кабестите филмски случувања и лобирањето, што е задолжителен дел од пробивањето и промоцијата на филмските дела. На овие фестивали пристигнуваат илјадници филмови. Најголем дел од нив селекторите воопшто и не гледаат. Без силно лоби и препораки, и добар филм може да помине сосема незабележано

Деновиве продукцискиот тим на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, во пресрет на официјалната светска премиера, на 10 февруари на Берлиналето, а со цел да го држи интересот кај јавноста, испрати соопштение до медиумите во што донесува детали за ликовите што ја носат приказната на филмот. Продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со ова покажува дека има несомнено добро искуство во светските трендови на маркетиншкиот пласман на филмовите што се во трка за некоја фестивалска награда. И тоа го прави сосема заслужено, затоа што „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, новиот филм на Теона Митевска, по долго отсуство на македонскиот филм во натпреварувачките програми на големите фестивали, успеа да влезе во трка за една од најпрестижните филмски награди, „златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал.

Ова е првиот македонски филм во трката за награда на Берлинале, а по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, ова е прво учество на Македонија воопшто во конкуренцијата за награди на еден од трите најголеми фестивали во светот, Кан, Берлин или Венеција, по неколку децении. Имено, откако Манчевски го освои „златниот лав“ во 1994 година за „Пред дождот“ и подоцна, во 2001 година, кога неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот, не сме имале премиера на македонски филм на венециската „Мостра“, но ни на другите фестивали од А-категорија. Понекоја копродукција во која учествува Македонија во изминативе години се провлекла во некоја од програмите, или понекое македонско име се појавило како учесник во некој од селектираните проекти и тоа е сѐ, очигледно за домашните филмови Венеција, Кан, Берлин… биле далечна дестинација. И тоа се случува со децении.

Дури и оние македонски филмови што аплицирале за учество на големите фестивали не успеале во тоа, дури ни во годината 2004-та, кога имавме квалитетни кандидати, „Големата вода“ на режисерот Иво Трајков, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски и филмот чиј работен наслов беше „Години на надеж“ на Светозар Ристевски. Ниту еден од нив не стигна во Венеција. Остварувањето од кое најмногу очекуваше македонската културна јавност беше „Големата вода“ во продукција на „Кавал филм“. Тогаш продуцентите и режисерот во неколку наврати за македонските медиуми ја споменуваа Венеција како почетна точка во светската промоција на своето остварување. Но тоа, за жал, не се случи.

Причината за поразувачките резултати од натпреварувачките селекции може да се лоцира во вообичаената поставеност на кабестите филмски случувања и лобирањето, што е задолжителен дел од пробивањето и промоцијата на филмските дела. На овие фестивали пристигнуваат илјадници филмови. Најголем дел од нив селекторите воопшто и не гледаат. Без силно лоби и препораки, и добар филм може да помине сосема незабележано.

За малите кинематографии големите фестивали и награди значат многу. Тоа го покажа и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој во 1994 година ни го донесе престижниот „златен лав“ од Филмскиот фестивал во Венеција и со тоа ги подгреа надежите и ја подигна нашата самодоверба. Со своето појавување филмот отвори многу порти и направи многу повеќе за државата од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика

Токму лобирањето и присуството во филмските кругови веројатно се еден од начините да се стигне до ваков успех. Тоа сестрите Митевски многу добро го знаат и своето искуство на европската филмска сцена успеаја да го искористат на најдобар начин. Сѐ веројатно почна уште кога во 2016 година, на 73-от Филмски фестивал во Венеција, проектот во развој на Теона Митевска, „Господ постои – нејзиното име е Петрунија“, беше селектиран за реномираниот маркет „Геп фајненшл маркет“ на „Мостра“, каде што се претставуваат филмски проекти во развој од целиот свет. Прв чекор на долгиот фестивалски пат. Друга предност е што со жирито за „златната мечка“ на Берлинале годинава претседава оскаровката Жилиет Бинош, која во 2014-та дојде во Битола да ја прими наградата за придонес кон светскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“, чија директорка тогаш беше Лабина Митевска. Познанството не треба да се потцени.

Сестрите веќе неколкупати биле присутни во Берлин. Тие таму не се анонимци. Продуцентката Лабина Митевска кажа дека филмот, во сѐ уште незавршена форма, ѝ бил прикажан на комисијата на Берлинале на 3 декември, а поканата за селекцијата стигнала на 11 декември. Уште еден одличен потег за пласман на филмот. Како што ќе рече Лабина, а што е апсолутно точно, до ваков пробив не се доаѓа брзо и едноставно.
Ова е четврти долгометражен филм на Митевска што е на Берлинале, во 2001-та краткиот „Вета“ беше во конкуренцијата за краток филм, а во програмата „Панорама“ во 2008-та играше „Јас сум од Титов Велес“, во 2012-та играше „Жената што ги избриша своите солзи“, а во 2017-та „Кога денот немаше име“. И чекањето за влез на големите порти конечно е завршено, како што истакна директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Не случајно се стигнува дотаму. И тоа на македонските филмаџии треба да им биде јасно. Не е доволно да се испочитува процедурата и да се испрати копија од филм. Она што треба да претходи е добро осмислена стратегија за промоција на филмовите и на нивните автори, пред сѐ излегување од анонимноста и изолацијата. И се разбира, како што вели продуцентката на филмот Лабина Митевска, успехот следува по многу труд и работа, особено што доаѓаме од регион каде што кинематографијата не наидува на особен меѓународен прием.

А токму за таквите мали кинематографии овие фестивали и награди значат многу. Тоа го покажа и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој во 1994 година ни го донесе престижниот „златен лав“ од Филмскиот фестивал во Венеција и со тоа ги подгреа надежите и ја подигна нашата самодоверба. Номиниран беше и за „оскар“ и е добитник на уште 30 награди. „Њујорк тајмс“ го вброи меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња. „Пред дождот“ со своето појавување отвори многу порти. Најпрвин, тој направи многу повеќе за државата од севкупната македонска внатрешна и надворешна политика. Освои многу награди, а режисерот стана респектиран во целиот свет. Актерот Раде Шербеџија токму преку „Пред дождот“ почна да ја гради својата интернационална кариера, а светот ја запозна и дотогаш непознатата Лабина Митевска.