Технологија

Технологијата е многу актуелна последниве години, но таа во спортот е присутна повеќе од еден век, преку системот за фотофиниш во атлетиката, а во меѓувреме стана секојдневие на натпреварите и во многу други спортови. Tехнологијата во спортот не е присутна само како помагало во врска со правилата, таа одамна е присутна и надвор од теренот и е важен предуслов и само дел од вкупната работа во трката за спортски напредок, победа, медал…

И спортот веќе шест месеци има ново лице, во услови на пандемијата на коронавирусот, па некои спортови натпреварувачки се запрени, други се враќаат во изменето опкружување, главно без публика или со намален број гледачи… И спортот во овој период се соочи со многу пречки за нормално функционирање, но на тој пат се создадоа и многу нови предизвици, нови можности, но, во некои случаи, и нови патишта.
„Пречките не мора да ве запрат. Ако налетате на ѕид, не свртувајте се и не откажувајте се. Најдете начин како да го искачите, да поминете низ него или смислете решение“, е една од многуте изјави на славниот американски кошаркар Мајкл Џордан.
Во тој стил и спортот работи за надминување на актуелната пречка, па бара начини како да продолжи со натпреварите. Така, најпопуларниот спорт на планетата, фудбалот, на пример, засега меѓународно функционира без публика, со изменет систем на натпревари, како и кошарката, таа најквалитетната на светот, лигата НБА, која е на едно место, во Орландо, тенисот од вчера одново се игра на највисоко можно ниво, оти во Њујорк е во тек првиот гранслем-турнир за време на пандемија…, а сите заедно со многу нови правила преточени во протоколи, за да може сето тоа да се одвива во вакви услови. И за сите нив сега еден од најчестите зборови е „меур“, безбедносен меур, без кој, веројатно, многу организациски аспекти би се „распрснале“ како меур од сапуница.

Но некои од нив „на помош“ ја повикаа и технологијата. Во фудбалот веќе некое време се применуваат технички помагала за судиите, така е и во кошарката и во многу други спортови, но тенисот, се чини, како сега да прави уште еден исчекор. Така, на терените во Њујорк (освен на главните два) се игра, практично, без линиски судии. Со идеја да се намали бројот на луѓе присутни околу теренот, организаторите, покрај тоа што нема публика, на пример, го редуцираа бројот на децата што ги собираат топчињата за време на натпреварите и привремено решија речиси целосно да ги заменат линиските судии со системот око соколово, дополнет со снимен човечки глас што се огласува со „аут“ кога топчето ќе падне надвор од теренот (така беше за време на минатонеделниот мастерс-турнир Синсинати, што се играше, исто така, во Њујорк, на истите терени на кои ќе се одвива САД опен). Оваа технологија и досега беше во употреба, но само по потреба, по барање од некој тенисер за проверка на одредена ситуација.

Спортот, како и во целиот свој развој, не мирува и покажува дека уште има огромен простор за новитети. Иноваторите го движат напред и светот на спортот и со унапредување на играта или на изведбата. Во минатото тие што го менувале спортот живееле со играта веројатно повеќе од другите, па, така, во светот ги донеле денес некои секојдневни елементи, нешто без што не може да се замисли некој спорт. На пример, во тенисот тоа е сервисот преку глава, во фудбалот, на пример, тоа се голмани што се и играчи надвор од шеснаесетникот, во кошарката тоа е скок-шутот, во одбојката сервисот со забивање, во атлетиката различните начини за повисок скок или побрзо трчање, во ракометот познатата голманска пеперутка или шутот од крило со вртење на топката, во скијачките скокови сега незаменливиот В-стил итн.

Сите тие донеле напредок на својот спорт. На другата страна на оваа спортска иновативност и постојаната потрага по начин да се подобрат нештата е технологијата, која денес на големо сѐ повеќе го освојува спортот (во фудбалот, на пример, веќе се тестира технологија за детектирање офсајд). Технологијата е многу актуелна последниве години, но таа во спортот е присутна повеќе од еден век. Така, фотофинишот за одредување победник во некоја тесна трка првпат е употребен во 1912 година, на атлетскиот натпревар на Летните олимписки игри во Стокхолм. Во меѓувреме технологијата е присутна на натпревари и во хокеј на мраз, мечување, американски фудбал, рагби, крикет, кошарка, тенис, одбојка, бејзбол, ракомет, теквондо, џудо, снукер, бадмингтон, хокеј на трева, фудбал… главно за колку што може повеќе да има натпревар со прецизни судиски одлуки, во дел од секундата.

Сепак, технологијата во спортот не е присутна само како помагало во врска со правилата, за надгледување на гол-линијата или аут-линијата, одредување на офсајдот и сл. Технологијата одамна е присутна и надвор од теренот, оти технологија се и, на пример, нова поквалитетна опрема, нови начини за побрзо санирање повреди, нов начин на исхрана, камери што снимаат тренинзи за подоцнежна анализа, нови топки…
Многумина сметаат дека примената на технологијата може да ја направи разликата помеѓу еднаквите, а во многу спортови разликата може да биде изразена и со милиметри или со делови од секундата. Технологијата, секако, му помага на спортот, но таа автоматски не создава прваци, туку е важен предуслов и само дел од вкупната работа во трката за спортски напредок, победа, медал…

[email protected]