Теоретичари и практичари

Во средните стручни училишта во државата од оваа година се воведоа новини, кои треба да ги натераат училиштата конечно да почнат да испорачуваат кадри што им се потребни на компаниите. Центарот за средно стручно образование подготви нови програми и содржини од современиот живот, за да биде подобра поврзаноста на училиштата со компаниите, а промените треба да донесат и нови лаборатории во училиштата во кои учениците ќе можат да работат. Идејата за промени е за поздравување, но се поставува и прашањето колку е таа брзо спроведлива и применлива

Од оваа учебна година, во средните стручни училишта во државата се воведоа новини, кои треба да ги натераат училиштата конечно да почнат да испорачуваат кадри што им се потребни на компаниите. Центарот за средно стручно образование подготви нови програми и содржини од современиот живот, за да биде подобра поврзаноста на училиштата со компаниите, а промените треба да донесат и нови лаборатории во училиштата во кои учениците ќе можат да работат.
На прагот е првото тримесечје, а во практика нема поместувања во однос на практичната работа, за што зборуваат и некои професори што предаваат во средното стручно образование.

Најавените реформи како замисла се одлични, но нивната реализација бара голема посветеност од директорите на училиштата, кои треба да започнат најпрво со организациската поставеност. Новите решенија се добри на хартија, но за да се спроведе сето тоа во практика се потребна волја, посветеност и средства, бидејќи работите не може да се променат прекуноќ. Со новините се очекува да се надмине состојбата на огромен јаз помеѓу стручното образование и пазарот на трудот, во која компаниите посочуваат дека образованието не произведува кадри што ќе ги задоволат нивните потреби. Идејата за промена на ваквата состојба е за поздравување, но се поставува прашањето колку е таа брзо спроведлива и применлива, со оглед на тоа дека државата не дава соодветна поддршка во форма на опремување соодветни лаборатории во училиштата, ниту пак, се следи како се реализира процесот.
Многумина професори, кои се дел од средното стручно образование, ќе се согласат дека главниот проблем е во тоа што кога учениците ќе завршат со своето образование, поради недостиг од соодветни умеења и вештини тешко се снаоѓаат на работна позиција за која на хартија се оспособени. Им недостигаат самодоверба и практично искуство.

Од друга страна, суштинската разлика меѓу гимназиското и средното стручно образование е во тоа што во стручните училишта учениците, освен знаење стекнуваат и практични вештини и умеења.

Во согласност со новите реформи, нема повеќе наставен предмет практична настава, туку секој стручен предмет е поврзан со практична настава, која се реализира откако ќе се помине теоретскиот дел. За практична работа во некои училишта во моментов нема услови, иако идејата со новините е токму тоа, да се надмине овој проблем што постои. Искуството покажува дека професорите го предаваат теоретскиот дел, а практичната работа што вклучува, на пример, правење некакви експерименти, сепак во практика не се реализира и на тие часови повторно теоретски се објаснуваат работите. Наместо практични вежби, повторно повеќе се оди на теорија, чест за училиштата што се исклучоци.

Следниот голем проблем во средното стручно образование ќе биде недостигот од кадар по стручните предмети, нешто на што постојано предупредуваат професори во стручните училишта. По општообразовните предмети нема голем дефицит од кадар, но стручните предмети се сериозен проблем. За да може учениците да имаат знаења со употребна вредност и за да има квалитетна практична настава, неа мора да ја води стручен професор што ќе се вложи и ќе знае како практично да им го презентира она што теоретски се учи од наставната програма. Во некои училишта има професори што не можат покрај теорија да држат и практична настава, бидејќи самите немаат соодветно практично искуство. Кога на ученикот не му се пренесени употребни знаења и наместо тоа учи само теорија, тогаш утре на пазарот на трудот и за потребите на компаниите тој како таков не им е потребен. Затоа, треба меѓу другото да се обрне поголемо внимание на тоа колку учениците можат да ги поврзат теоретските знаења со нивната практична применливост.

Со новите програми за стручно образование, стекнувањето вештини треба да ги следи стекнатите теоретски стручни знаења. Воведени се феријална практика и учење преку работа кај работодавец. Сево ова изгледа одлично, но она што недостига е добра организација на замислата.

Она што некако постојано како да изостанува низ годините е конкретна образовна политика во однос на стручното образование. Повремено се прави по нешто, се реформираат програми, но конкретни и суштински ефекти како да нема.
Одговорните во Министерството за образование и наука мора да знаат дека образовниот систем треба да генерира кадри што се вешти и што се научени да размислуваат. Затоа државата мора да влезе во суштината на проблемот, кој е сложен, за да утврди јасно поставени цели што би ги подобриле состојбите, но не само декларативно, се разбира.

Фото: Игор Бансколиев