Творештво во магла

Книгата „Јаболки во магла“ е резултат на еден вид солидарност, но не на некое површно или медицинско ниво, туку солидарност на креативноста, која може дури и во вакви некои замисли да трае и да предизвикува. И затоа ова е нешто што претставува мало чудо, креативен погон, мисловна експлозија…

Она што почна како идеја, прерасна во книга. Прекрасна, печатена, со тврд повез, одлично илустрирана… класична хартиена книга. Она што почна спонтано и слободно, без никаква поддршка, само со силата на креативноста и волјата на духот, од виртуелниот свет се пресели во физичкиот…
Станува збор за заокружување на проектот „Едни на други“, настанат за време на пандемијата на коронавирусот. „Јаболки во магла“ е насловена книгата што се појави деновиве, а во која се вклучени авторски текстови на врвни писатели од регионот: Алек Попов, Јовица Ачин, Ана Ристовиќ, Ферида Дураковиќ, Вил Фирт, Игор Ремс, Кемал Мусиќ, Давид Кецман, Иван Берислав Водопија, Радоман Чечовиќ, Весна Шибалиќ, Петар Арбутина, Јованка Вукановиќ, Балша Брковиќ…, меѓу кои и двајца македонски писатели: Лидија Димковска и Александар Прокопиев, и една наша уметница, Маја Стефановска. Овој симпатичен проект, кој го почна црногорската писателка Соња Живаљевиќ, наиде на одличен одзив и резултира со мноштво интересни текстови: есеи, раскази, поезија, како и цртежи, напишани и насликани во мигот кога човештвото се соочуваше (и сѐ уште се соочува) со огромна закана, а отсуството на физичка и социјална поврзаност на авторите стана нова реалност.

Имено, во време на оваа корона-окупација, кога беа најстрогите мерки за движење и слободна размена на мислења, црногорската писателка Соња Живаљевиќ почна проект што беше најспонтан. Тргна некаде во почетокот на април, со тоа што тој проект го нарече „Едни на други“ и се поврза со балканските автори, но и со некои странци што ја сакаат балканската литература, како Вил Фирт. Како што доаѓаа текстовите по мејл, така се градеше, може да се нарече, електронското списание, каде што многу пријателски и природно авторите почнаа да си пишуваат, а се вклучија и ликовни уметници што испраќаа цртежи. Со голем ентузијазам се приклучија познати писатели, па дури и 80-годишни автори. И кога се чинеше дека короната ќе стивне, Живаљевиќ го прекина проектот како привремен, а подоцна повторно го почна повторно, под нов наслов, а сега еве и книга!
Очигледно дека креативноста во вакви ситуации се буди на различни начини затоа што се менува состојбата, прво физичката состојба на човекот. Тој е ограничен во неколку од најубавите работи, тоа е спонтаното дружење со луѓе, потоа тоа се патувањето и комуникацијата што ги носи со себе.

Неверојатно е сознанието дека уметноста сепак е најжилавиот цивилизациски сегмент, таа преживува и кога животот е ставен на рипит, кога живееме меѓу маски и дезифиценси, дистанци, затворања и отворања, неостварени планови, одложувања, поместувања, несигурност и рестрикции… со недоволно дружење и патувања, и со крајно неизвесна иднина

„Иако живееме во ова време на електроника, длабоко во себе човекот ја носи жедта за контакти и патувања. Тоа се нарекува слобода. И секој има свој начин како таа слобода ја искажува. Живата размена на мислења е првиот начин. Короната на еден начин обезбеди дека луѓето што во себе го чувствуваат тој креативен нагон, сега се принудени да размислуваат што ќе прават. Тие почнаа да ја промислуваат својата кревкост на друг начин. Тоа е дел од човечкото суштествување, особено кај уметниците, кои велат дека во осаменоста создаваат, но ако го нема животот што ќе создаваат?“, прашува нашиот писател Прокопиев.
Затоа „Јаболки во магла“ е резултат на еден вид солидарност, но не на некое површно или медицинско ниво, туку солидарност на креативноста, која може дури и во вакви некои замисли да трае и да предизвикува. И затоа ова е нешто што претставува мало чудо, искра што те тера да се порадуваш, креативен погон, идејна експлозија… Неверојатно е сознанието дека уметноста сепак е најжилавиот цивилизациски сегмент, таа преживува и кога животот е ставен на рипит, кога живееме меѓу маски и дезифиценси, дистанци, затворања и отворања, неостварени планови, одложувања, поместувања, несигурност и рестрикции… со недоволно дружење и патувања, и со крајно неизвесна иднина.

И додека мнозинството е во длабок, егзистенцијален шок бидејќи вакво нешто никогаш не ни се случило, додека многумина се деморализирани и депримирани, уметничкиот свет наоѓа начини да се поврзе и да твори, и во физичката стварност, надвор од виртуелноста што се заканува да го замени животот.