Тајниот код на пораките од Илинден

Политичарите кажаа што кажаа и си заминаа, секој со своите калкулации и комбинаторики. Граѓаните пак останаа да се борат со своите стравови, надежи, очекувања и, секако, со дилемата кому да му веруваат

Република Македонија го испрати и овој Илинден поделена и раскарана меѓу себе повеќе од кога и да е. За тоа и овој пат се погрижија политичарите, преку своите празнични пораки, во кои доминантно место ѝ беше отстапено на спогодбата со Грција. Едните ја величаа, идентификувајќи ја со иднината на државата, додека другите ја напаѓаа, карактеризирајќи ја како јамка на вратот на народот и државата. Уште пред одбележувањето на големиот македонски празник по медиумите и социјалните мрежи имаше коментари дека ова може да биде и последниот наш Илинден, зошто понатаму, во согласност со одредбите од спогодбата со Грција, сѐ ќе биде поинаку. Во такво нешто сепак не би сакал да верувам. Вековната традиција, идеалите и македонскиот генетички код сепак не може да се променат или избришат прекуноќ. Но да се вратам на пораките на Илинден и нивниот одек меѓу граѓаните. Политичарите кажаа што кажаа и си заминаа, секој со своите калкулации и комбинаторики.

Граѓаните пак останаа да се борат со своите стравови, надежи, очекувања и, секако, со дилемата кому да му веруваат. На оние што велат дека е време за иднина наместо небиднина, а иднината е токму во спогодбата со Грција, или на другите, кои тврдат дека со неа се укинува македонскиот народ и тој се турка во самоубиство. На Мечкин Камен и на Пелинце слушнавме и две спротивставени толкувања за тоа што е патриотизам. Дали е патриотизам да се поклониш пред паднатите жртви од историјата и да им се оддолжиш со преземање храбри чекори, како преименување на државата, или патриотизам е токму спротивното, да не им го одземаш на идните генерации правото што го оставиле нашите предци. И кога сме кај предците, се добива впечаток дека токму на Илинден тие беа грубо злоупотребени за политички цели.

Во говорите не беа поштедени ниту јунаците на крушевската, илинденска епопеја и храбрите борци од МОБ, на кои се повикуваа денешните политичари, идентификувајќи ги нивните политички потези со заслугите на паднатите борци. Па, така парафразирано, на моменти тоа прозвучи како демек македонските илинденци да се залагале токму за ова денес – за градење на иднината преку преименување на државата. Дека ги дале животите за ние утре да бидеме граѓани на северна Македонија, со официјален јазик македонски и со „МК“ и „МКД“ како меѓународно прифатливи кодови. Според оваа политичка логика, сите македонски херои всушност биле со социјалдемократска идеологија и, да беа живи, несомнено ќе ја поддржеле спогодбата?!

Од друга страна, слушнавме и дека слободата и човечките правдини, меѓу кои и правото на самоопределување, биле идеалот на Илинден и во 1903 и во 1944 година и за тоа тие се бореле и загинале. Дека ниту една генерација, вклучувајќи ја и нашата, не може да тврди дека со и од неа почнува сѐ. Нацијата и државата се создадени од многу генерации, низ историјата, а делата на Конески, Прличев, Делчев, Глигоров, Трајковски, укажувајќи колкаво е значењето на македонската државност, јазикот, нацијата, беа пораките од Крушево.

Се плашам дека Илинден е само почеток. Во периодот што следува веројатно токму ваквата кампања ќе биде сѐ посилна и побезмилосна. Во крајно политички поларизирана и поделена Македонија тоа ќе доведе до уште поголем раздор и дополнително ќе ја наелектризира атмосферата. Поделено општество, пак, во никој случај не може да биде добра солуција за иднината на државата. Без разлика која и да е и како и да се вика

И повторно, овој пат од различен дискурс на гледање, историски дејци и личности се споменуваат и сместуваат во спротивниот политички табор, кој се противи на спогодбата со Грција. Па сега излегува дека првиот социјалдемократ Киро Глигоров, со членска книшка број 1, е славен и величен од оние што се против спогодбата со Грција. Дека и мртвите и живите и хероите и писателите се ставени во функција на нечија политичка кампања.

И вакви примери и контрадикторности можете да најдете уште доста во годинешните илинденски политички пораки.
Не навлегувајќи во полемика кој е право или не, сметам дека политичарите што поскоро треба да престанат со ваквиот вид политичка пропаганда и злоупотреба на историјата за сметка на своите политичко-партиски агенди. Во најмала рака, доколку се чесни и доблесни, треба да им се извинат на македонските херои, сите паднати борци и поранешни политичари за споменување на нивните имиња и доведување во контекст со сегашните политички случувања. Делата и заслугите на македонските херои се добро познати и вреднувани низ историјата. Затоа нема потреба сега да се доведуваат во контекст со актуелните политички случувања.

Сепак се плашам дека Илинден е само почеток. Во периодот што следува веројатно токму ваквата кампања ќе биде сѐ посилна и побезмилосна. Во крајно политички поларизирана и поделена Македонија, тоа ќе доведе до уште поголем раздор и дополнително ќе ја наелектризира атмосферата. Впрочем, и самото поврзување и идентификување на претстојниот референдум ,со дилемата да се биде или не, води кон тоа – длабока поларизација и поделба на граѓаните и општеството. Поделено општество, пак, во никој случај не може да биде добра солуција за иднината на државата, без разлика која и да е и како и да се вика.

За политичарите од власта и од опозицијата за крај и еден добронамерен совет, па кој како сака така нека го толкува. Се фали само лошата стока. Добрата сама се продава. Затоа оставете на граѓаните сами да одлучат што е најдобро за нив. Секој што однапред ја потценил народната мудрост длабоко се излажал.