Талат и петте џуџиња

На прв поглед, домаќински и ударнички, рударски, како во приказната за Снежана и седумте џуџиња, при што Џафери посветено ја одржува, а потпретседателите неуморно ја снабдуваат куќата, се наметнува впечатокот оти Собранието има навистина многу работа. Но кога се знае на што во изминативе години, па и децении, личи куќата наречена законодавен дом на Македонија и кога, се разбира, е познат профилот на просечниот македонски политичар, тогаш на сите им е јасно колку перверзна може да биде овдешната верзија не само на ова ремек-дело туку и на повеќето други светски остварувања. Учителките во Македонија, веројатно, погрешно им ги толкувале на децата. И тоа на повеќе генерации

Не знам зошто една од најпознатите бајки на браќата Грим, „Снежана и седумте џуџиња“ ми дојде како асоцијација по веста дека Собранието ќе избира пет парламентарни потпретседатели, како поддршка на старо-новиот спикер Талат Џафери. Иако за многумина веројатно е незамисливо сказната со убави и симпатични ликови, што во сликовниците, филмските и театарски продукции беше претставувана со светли бои и фантастични предели, да се идентификува со дел од она што деновиве се случува во македонското собрание, луѓето што го доживуваат светот повеќе низ слики отколку низ лажни вести, дезинформации, спинови и превртени тези, во моментите на информативното и секакво друго растројство, попрво ќе посегнат по бајките отколку што ќе се оптоваруваат со политичките и слични на нив умотворби.  А токму одлуката Собранието да има пет потпретседатели е една од умотворбите што деновиве ѝ го изеде џигерот на јавноста, дури и повеќе од комарците, кои со досега невиден наплив ја нападнаа земјава.
На прв поглед, домаќински и ударнички, рударски, како во приказната за Снежана и седумте џуџиња, при што Џафери посветено ја одржува, а потпретседателите неуморно ја снабдуваат куќата, се наметнува впечатокот оти Собранието има навистина многу работа.

Но кога се знае на што во изминативе години, па и децении, личи куќата наречена законодавен дом на Македонија и кога, се разбира, е познат профилот на просечниот македонски политичар, тогаш на сите им е јасно колку перверзна може да биде овдешната верзија не само на ова ремек-дело туку и на повеќето други светски остварувања. Учителките во Македонија, веројатно, погрешно им ги толкувале на децата. И тоа на повеќе генерации.
Но за нештата да бидат појасни – како резултат на погрешното толкување на бајките, беше прифатена процената дека законодавниот дом на државата со само два милиони жители и со веќе познатите економски други параметри треба да има прво три, а потоа и пет потпретседатели. Па, кој со таквата комоција не би се нафатил да ја извршува оваа функција и покрај помалку или повеќе добронамерните укажувања оти „и со потпретседателите, овoј пат, се претерало“.

Но без намера да се оправда моменталната ситуација во Собранието, треба да се потсети дека таа е само логично продолжение на она што со години се случува во земјава, а тоа се неброените измислени позиции во државната, но и во локалната власт и управа како резултат на политичките компромиси што имаат за цел само и по секоја цена да се вдомат партиските лежилеби.
Затоа јавноста во земјава, и покрај сите напредни технологии, никогаш не ги доби на увид безброј пати најавуваните отчети за бројот на државните и јавни функционери и службеници, поради чии потреби во континуитет и без усул се прекршуваат Уставот и законите и се упаѓа во државниот буџет како во „Македонските пошти“, секојпат кога на некоја од помоќните политички партии ќе ѝ притреба нешто.

Не се потребни бројки за да се види оти таквиот систем е неодржлив. Уште поголем проблем настанува кога се знае дека и она што се нарекува реален сектор секојдневно сѐ повеќе личи на државен апарат во кој на една продуктивна се накалемуваат барем по пет непродуктивни позиции, делумно затоа што државата, по разни основи и на разни начини, и тука интервенира. И по тоа Собранието навистина претставува верен одраз на општата состојба во државата. Лежилебите, независно дали се ангажираат преку партиски или по семејни, кумашински и пријателски линии, доминираат на раководните позиции како во државниот и во јавниот, така и во приватниот сектор. И затоа не треба да се чудиме што не нѐ бидува

Ако се оди по некаква зрела, чисто научна логика, тоа резултира со хиперпродукцијата на луѓе паразити – тие што живеат на туѓа сметка, да паразитираат. А за „паразитите“ да можат да продолжат да егзистираат, потребни им се „домаќини“, луѓе подготвени да ги носат тие што им се качени врз грбовите.

Но, за разлика од природната симбиоза, во која два различни вида на организми подолго време живеат во блиска заедница заради остварување корист барем за еден од нив, во патолошката симбиоза, каква што ја имаме, еден од двата видови постојано трпи штети од тие односи и, како што и самиот Фројд, а подоцна и некои други психоаналитичари објаснија, и двата, наместо да се развиваат и напредуваат, постојано играат некои игри на меѓузависноста, ја одржуваат постојната состојба и со тоа, практично, назадуваат, на сите полиња.
Таквиот вид на односи не постои во природата. Само на човекот му е карактеристично да гради такви меѓусебно штетни односи, зашто му е дадена можност да прави и неприродни работи, исто како што му е дадена и одговорноста да го користи своето право на избор.

А во повеќето случаи, тоа сосема погрешно се користи. Не се потребни бројки за да се види оти таквиот систем е неодржлив. Уште поголем проблем настанува кога се знае дека и она што се нарекува реален сектор секојдневно сѐ повеќе личи на државен апарат во кој на една продуктивна се накалемуваат барем по пет непродуктивни позиции, делумно затоа што државата, по разни основи и на разни начини, и тука интервенира. И по тоа Собранието навистина претставува верен одраз на општата состојба во државата. Лежилебите, независно дали се ангажираат преку партиски, или по семејни, кумашински и пријателски линии, доминираат на раководните позиции како во државниот и во јавниот, така и во приватниот сектор. И затоа не треба да се чудиме што не нѐ бидува. И не треба да бараме виновник во некакви глобални случувања и односи.

[email protected]