Стрес-тест

Во овие моменти голема е одговорноста да се носат брзи и енергични одлуки што може да бидат од витално значење за државата. Борбата против вирусот треба да се одвива паралелно со борбата за економско преживување и задржување на работните места. Тоа, впрочем, би било и најголемиот подарок за работниците и за Денот на трудот

Пандемијата на коронавирусот го стави општеството на сериозен тест, во глобални, но и во локални рамки. Речиси секојдневно се соочуваме со нови и нови предизвици, искушенија, недоумици, кои ги наметнуваат новонастанатите околности. Со еден збор, под стрес-тест се сите, граѓаните, институциите економијата, здравството, образованието итн. Во едни вакви невообичаени околности првпат досега ќе се одбележи и Први мај, Меѓународниот ден на трудот. Токму овој Први мај е најспецифичен досега, не само по мерките за изолација и заштита на здравјето што се препорачуваат туку и по серијата мерки што се преземаат да се спаси економијата и, по можност, да се зачуваат работните места. Сега веќе никому не му е до пикник или празнување, туку мислите се насочени кон зачувување на работните места и спас на економијата.

Веројатно годинава ќе паднат во заборав препознатливите слики со синдикални и работнички маршеви низ улиците, проследени со излетнички скари, кои во едни други и не толку дамнешни времиња беа типични за Македонија кога се одбележуваше празникот на трудот.

Во меѓувреме, корона-кризата ги покажа и сите слабости во одредени сегменти на општеството. Така, во овие нетипични услови во кои „живее“ Македонија, по малку шокантно и изненадувачки беше примена одлуката на Уставниот суд.
Имено, со последната одлука, македонскиот уставен суд се изјасни против намалувањето на платите на администрацијата, но и на судската власт, што ги зовре реакциите на стручната јавност. Со тоа оваа институција, која со години седеше во длабока сенка, небаре спиеше зимски мечкин сон, и не реагираше за редица суштествени прашање, како воведувањето на двојазичноста, промената на името на државата, прогласувањето на вонредната состојба итн., сега, кога станува збор сопствениот џеб, реагира експресно.

Постапките или, поточно, непостапувањето на Уставниот суд многу пати досега предизвикувало стрес-тест за граѓаните и јавноста, како што се покажа и овој пат.
Сепак, последната одлука на Уставниот суд, која се однесува на поништување на уредбата за намалување на платите на функционерите за време на пандемијата, според стручната јавност, не само што не е етичка и не е солидарна туку не е ниту правно издржана. Опонентите на Уставниот велат дека одлуката не е издржана, бидејќи со уредбата не се врши влијание врз судската независна власт, бидејќи со неа не е намален судскиот буџет, туку се намалени примањата, а сето е само измена на правата од Законот за работни односи што немаат никаква врска со правната држава и овие измени не дискриминираат никого, туку ги гарантираат работничките права во државата, во кои влегува и она за личен доход. Во однос на правото на личен доход, судиите не се божества туку се рамноправни со сите други граѓани. Со ваквата одлука, со која никој не смее да брцне во нивниот џеб (кој, патем, се полни со пари од граѓаните), се добива впечаток дека судиите и обвинителите се привилегирани во Македонија и тие на ваков начин се дистанцираат од сите граѓани и сегменти на ова општество.

Натаму, како аргумент плус на оваа констатација може да се земе и примерот на Португалија, каде што меѓу 2014 и 2018 година во судски процес во Европскиот суд на правдата, за сличен случај за намалување на платите на португалските судии, пратеници, функционери и администрацијата, но не поради пандемија од вирус туку поради дефицит во буџетот, е издејствувана сосема различна состојба од онаа сега во Македонија. Имено, Европскиот суд

пресудил во корист на државата и го одобрил намалувањето на платите, аргументирајќи дека кратењето на личниот доход не било удар врз независното судство, бидејќи во него немало дискриминација во мерките, затоа што тие се применети еднакво на сите чинители на државната власт во оваа земја, која инаку е членка на ЕУ и на НАТО.

Проблемите што настанаа во државата не се одразија само врз личните доходи каде што реагираше судот, туку тие најверојатно долгорочно негативно се одразуваат на економијата и се прекршуваат врз грбот на работниците.
Здравствената криза барем накратко го обедини општеството против невидливиот непријател, но економската криза, во која сме очигледно веќе длабоко навлезени, се заканува истото тоа општество длабоко да го подели. Имено, сега на испит на Денот на трудот се ставени и мерките на државата со кои таа се обидува да ги спаси работните места. Во овие моменти тие треба да бидат ефикасни, силни, енергични и брзи, но се добива впечаток како да им се забавува темпото, има доста нејаснотии во апликациите и бирократски тешкотии. Според дел од стопанствениците, многу бавен и нејасен е повратниот одговор од државата за очекуваната помош, која можеби е и единствениот спас за фирмите и работните места во моменти кога практично е замрена секоја форма на економска активност.

Во овие моменти голема е одговорноста да се носат брзи и енергични одлуки што може да бидат од витално значење за тоа дали економијата ќе се движи напред или ќе стагнира, дали ќе се задржат работните места или претпријатијата ќе се борат со рецесија.

Во контекст на актуелните случувања, кога пандемијата со вирусот во Македонија, за жал, сѐ уште носи човечки животи и брои новозаразени, за обележување се и нејасните калкулации на политичките партии во однос на изборите.
Нејасно е зошто политичките калкулации за тоа кој да раководи со земјата се ставаат во преден план, без претходно прво целосно да се надмине здравствената криза, но и да се остави доволно време за закрепнување на економијата. Во период кога во нормални околности се влетувало во изборни активности, државата и економијата по правило секогаш тапкале во место и имало застој. Немало инвестиции, немало вработување, односно нема ништо, бидејќи сите чекаат да завршат изборите, па потоа да се продолжи со секојдневието. Затоа сега, во услови на пандемија, економски крах и голема неизвесност за иднината, сите одлуки за изборите мора да се носат со голема внимателност и секогаш да се земаат во преден план евентуалните последици врз економијата и работниците.

Токму затоа сега е време на разумно размислување и мудри решенија, односно е период кога треба разумно да се дејствува и да се носат мудри решенија, особено во корона-кризата, бидејќи одлуките имаат непосредни животни и економски последици за сите граѓани, а борбата против вирусот треба да се одвива паралелно со борбата за економско преживување и задржување на работните места. Тоа, впрочем, би бил и најголемиот подарок за работниците и за Денот на трудот.

[email protected]