Сто пораки и исто толку парадокси

Во македонскиот речник поимот „парадокс“ се толкува како нешто неверојатно, неочекувано, нешто наспроти здравиот разум, нешто бесмислено. И кога постојано ви се повторуваат вакви ситуации, кога парадоксот станува реалност, невозможното – можно, незамисливото – лесно остварливо, кога одговорноста не постои, човек навистина не знае дали вреди воопшто да се трошат зборови на ваквите појави. Или можеби токму тоа е и целта. Да ве убијат во поим, што се вели, да ве исцрпи бесмисленоста, да се замати разумот, да отапи сечилото, да изветрее мастилото…

За парадоксите на домашната политичка и општествена сцена многупати е пишувано.
Сепак, последните случувања само потврдуваат дека не е сѐ напишано, дека парадоксите и апсурдите се наша непрочитана страница и ненаучена лекција. Дека секогаш може и повеќе и полошо. И да ни се повторуваат и да нѐ шокираат. Во македонскиот речник поимот „парадокс“ се толкува како нешто неверојатно, неочекувано, нешто наспроти здравиот разум, нешто бесмислено. И кога постојано ви се повторуваат вакви ситуации, кога парадоксот станува реалност, невозможното – можно, незамисливото – лесно остварливо, кога одговорноста не постои, човек навистина не знае дали вреди воопшто да се трошат зборови на ваквите појави.

Или можеби токму тоа е и целта. Да ве убијат во поим, што се вели, да ве исцрпи бесмисленоста, да се замати разумот, да отапи сечилото, да изветрее мастилото…
И тоа можеби може и да помине во одредени квазимедиумски кругови.
Сепак, поради почит кон професијата, професионалниот дигнитет и пред сѐ поради должноста кон вистината, читателите и јавноста, одредени работи не можат да се премолчат ниту, пак, да се игнорираат. Во таа насока се и овој текст и обидот одново да се фатиме во костец со апсурдите и парадоксите и нивните ефекти врз нашето живеење. Па, кој сака да разбере – ќе разбере, кој не сака, нека си тера и понатаму по старо.

Парадокс 1
Долго време на домашната политичка сцена, но уште повеќе и од страна на меѓународната јавност, за Република Македонија се користеше квалификацијата заробена држава.
Објаснувањето главно беше дека сите ние, и граѓаните и институциите, сме жртви на погрешна политика. И сето тоа резултирало со заробена држава. Бегството на бившиот премиер и претходно ослободувањето на пратеници за да гласаат за промена на Уставот во Собранието од корен ја менуваат оваа теза. Значи, почитувани господа од меѓународната заедница, Македонија веќе не е заробена држава. Македонија сега е целосно слободна и ослободена држава. Ослободена од какви било процедури и предрасуди, судски, правни, политички, етички или какви сакате. Од Македонија незабележано може да излезе кој сака и кога сака и да оди каде сака. Од затвор може да се упати директно во Собрание и да гласа, или пак од Собрание директно преку граница.
Притоа може и да избира како ќе излезе – легално или илегално. На граничен премин или преку шумска полјана под бодликава жица. Сеедно. И онака никој за ништо нема да биде одговорен.

Парадокс 2
Груевски пребега во Унгарија, каде што бара политички азил. Но го задржа и статусот пратеник во македонското собрание. Не знам дали ако во иднина има потреба од неговиот глас, можеби ќе му се овозможи оттаму и да гласа преку телефон, Вибер, Месинџер. Како на „Евровизија“: „Ало, Будимпешта колинг“.
Зошто на некој начин, нели, сепак треба да ја заработи и платата што му следува, иако намалена за 5 отсто?! Можеби следната одлука што ќе ја донесе Собранието е и покривање на патните трошоци до Будимпешта и низ Унгарија. Зашто, статутарно, тој и понатаму е македонски пратеник. Ми изгледа како некој повторно гадно да игра мајтап со македонските даночните обврзници.

Парадокс 3
Паролата „Нема правда, нема мир“ преку која се устоличи сегашната владејачка гарнитура и не можеше да се замисли ниту еден протест, изгледа ја губи целосно смислата. За каква правда можеме да зборуваме, кога некој си тера мајтап со правото и со правната држава. Кога правото, Уставот и законите служат повеќе за газење отколку за почитување Кога имате куп осудени политички бегалци-азиланти, кога преамбулата на Уставот ја претвораме во Пандорина кутија, кога се газат и Уставот и меѓународното право… Можеби е вистинско време паролата да се прошири и надгради во „има ’правда’ ако има пазар“.

Парадокс 4
Каква е разликата помеѓу аболицијата на претседателот Иванов понудена уште пред неколку години и помилувањето на премиерот Заев. Веројатно само во изразот. Првото се викаше аболиција, второво помилување
Колку што паметиме, предлогот за аболиција од претседателот Иванов на повеќе десетици лица од тогашната власт, но и од опозицијата, наиде на остри реакции од сите и од меѓународната заедница. Тогаш сите беа едногласни дека мора да има правна разврска и евентуалните прекршители да се соочат со законот. Денес на маса имаме сличен предлог за помирување, кој во суштина се сведува на помилување и избегнување на правдата.
Притоа не се слуша гласот на меѓународната заедница. Од сегашен аспект, почесен изгледа предлогот на Иванов. Така можеби ќе се спречеше крвавиот 27 април и политичарите ќе се помиреа пред да се закрват.

Парадокс 5
Одговорност. Во Македонија овој израз сам по себе се претвора во парадокс, во апсурд, во нешто незамисливо. Никој не презема одговорност за ништо. За лажни ветувања, за погубни политики, за геноцидни потези, за лоши економски показатели, за политички дилетантизам и незнаење. Сите како да се оперирани од одговорност, политичарите најмногу. Во Јапонија воз да задоцни една минута, веднаш следуваат серија извинувања, па дури и оставки. Е, ама, далеку е Јапонија.

Парадокс 6
За крај одбрав еден банален, но можеби најсликовит пример што го опишува функционирањето на државната администрација, тој кабест апарат што го храниме сите, а притоа не добиваме ништо или многу малку за возврат. Вчера на службениот мејл на Редакцијата пристигнаа околу 100 исти пораки од вработена во УЈП за промена на лице за контакт. Извесна госпоѓа е заменета со друга и нѐ известува дека отсега треба да контактираме со друго лице. И за тоа испраќа околу 100 исти пораки. Буквално на секои 15 секунди. Како една порака или мејл да не е доволно. Не знам дали госпоѓата на овој начин му се одмаздува некому или не знае што да прави. На крајот на пораката стои: Ви благодарам за соработката

И ние ти благодариме – за малтретирањето и со здравје да си одиш. Веројатно на друго и поплатено место.

Парадокс…
Со парадоксите може да се продолжи и понатаму. Зашто, како што споменав и на почетокот, не само што им нема крај туку постојано излегуваат и нови. Наше е да ги запаметиме и да потсетуваме по нив, за да не се намножуваат и постојано да се повторуваат.