Спортот е на чекање, за доброто на сите

Ситуацијата со коронавирусот е непредвидлива, со тоа и сите аспекти на одвивањето на спортот, оти минатата недела во ова време се играше европски фудбал, а веќе денеска ќе се разговара за тоа кога и како да продолжи да се игра (секако, иста е ситуацијата и во секој друг спорт). Спортскиот свет одеднаш се најде во заднина, на неодредено време. Но спортот е едно од нештата што го поврзува светот, ги зближува луѓето, гради мостови на пријателство…, а кога ќе дојде време, и спортот ќе даде сигнал дека се враќаме во нормала. Дотогаш, спортот е на чекање, за доброто на сите

Коронавирусот се рашири речиси низ целиот свет, инфицирајќи повеќе од 160.000 луѓе во најмалку 146 земји. Новиот коронавирус, со име ковид-19, го запира светот, секако и спортот, а во спортска Европа сѐ се одвиваше со голема брзина во текот на минатата недела, откако Светската здравствена организација прогласи пандемија. Ширењето на вирусот влијае на повеќе аспекти на секојдневието, секако, го запре и спортот, како мерка за намалување на можноста на ширењето на коронавирусот. Погоден е „имунолошкиот систем“ и на спортот, откако ковид-19, очекувано, го најде својот пат и до спортските сали и стадиони.
Толку нешта се случија во изминатите денови поврзани со коронавирусот, па веќе како доста далечно минато дејствуваат дуелите минатата недела од, на пример, фудбалската Лига на шампионите помеѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид, во кој е елиминиран актуелниот европски шампион, или средбата на Пари сен Жермен со Борусија Дортмунд. Или, пак, средбите една недела пред тоа, Валенсија – Аталанта, на која Јосип Иличиќ постигна четири гола, или мечот Лајпциг – Тотенхем.

Како за потсетување, некои од овие средби се играа со присуство на гледачи, а некои зад затворени врати, но оттогаш и во овој дел од светот веќе не се игра меѓународен фудбал, ниту со публика, ниту без неа, повеќе спортисти се позитивни на коронавирусот, а цели тимови веќе се наоѓаат во 14-дневна изолација. А од тие европски фудбалски натпревари веќе во заборав паднаа и некои историски достигнувања, клупски и поединечни. Но сето тоа, секако, сега воопшто не е важно.
Со ширењето на коронавирусот речиси низ целиот свет, се чини дека планетарниот спорт влезе и во своевиден цајтнот (шаховски термин за временски теснец), во трка со времето. Многу настани се под влијание на пандемијата, и тоа од, на пример, палењето на олимпискиот оган во Грција за Летните олимписки игри годинава во Токио (Јапонија), по повеќе години одржан без публика, а потоа беше откажан дел од штафетата, до организацијата на врвните професионални првенства.

Фудбалот особено е во цајтнот, оти сега вака континентално е запрен „притиснат“ од една страна од паузата и од неизвесноста на нејзината должина, а од друга страна од европските купови и од домашните првенства запрени на „половина“, и особено од одамна закажаното јубилејно Европско првенство (на 60-годишнината од првото), што треба да почне на 12 јуни во Рим и да се игра до 12 јули (завршница во Лондон), во вкупно 12 града во 12 земји на Стариот Континент. Многумина шпекулираат дека можеби Европското првенство ќе биде изместено од својот термин („Би-би-си“ објави дека Италијанската фудбалска федерација побарала одложување на првенството), а неизвесно е кога би почнале новите сезони, домашни и меѓународни…
Но за тоа и за сѐ друго поврзано со европскиот фудбал, всушност, денеска треба да решава Европската фудбалска унија (УЕФА) на закажаната видеоконференција, на која треба да учествуваат и претставниците на 55-те земји-членки на Европската фудбалска унија и на официјалните претставници на организациите на професионалните фудбалери, клубовите и на домашните лиги во Европа.

Спортот е голем составен дел од секојдневието за многумина и надвор од спортот, од одењето на мечеви до следењето спорт преку телевизија, но спортот, секако, е и бизнис. Цајтнотот ги допира сите, а еден агол на гледање е сезоната што е во тек да заврши според актуелниот пласман на табелите (тоа веќе го сторија неколку земји во одредени спортови). Друг агол на гледање е дека спортот има време и дека кога ќе заврши пандемијата сѐ треба да продолжи од таа точка во времето (со забрзан или со нормален ритам на играње).

Ситуацијата со коронавирусот е непредвидлива, со тоа и сите аспекти на одвивањето на спортот, оти минатата недела во ова време се играше европски фудбал, а веќе денеска ќе се разговара за тоа кога и како да продолжи да се игра (секако, иста е ситуацијата и во секој друг спорт).
Спортскиот свет одеднаш се најде во заднина, на неодредено време. Но спортот е едно од нештата што го поврзува светот, ги зближува луѓето, гради мостови на пријателство…, а кога ќе дојде време, и тој ќе даде сигнал дека се враќаме во нормала. Дотогаш, спортот е на чекање, за доброто на сите.

[email protected]