Специјалитетите на софиската кујна

Заслепени од желбата за присвојување на целото словенско просветителско и културно наследство, бугарските политичари и политички индоктринираните научници, како аргумент за својата супремација, некритички посегнуваат (и го истакнуваат) дури и по грчкиот погрден израз за сите „негрци“ во нивната близина – „вулгарос“, со значење на „прости луѓе“

Дури и привидот на надеж за поместување на историските гледишта од секој состанок на мешаната историска-образовна комисија, произлезена од Договорот за добрососедство на Македонија и Бугарија, речиси веднаш, а често и однапред, е миниран од бугарските политичари. Уште пред одржувањето на последниот онлајн состанок на комисијата (на 25 и 26 февруари), министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, ги оспори и досегашните наводни резултати од претходните 11 состаноци на комисијата. Наспроти тврдењата на македонската влада дека се усогласени историските теми од средниот век и чествување на неколку историски личности од тој период, Захариева искажува став дека нема никаков договор во однос на историјата, ниту за клучни историски личности, ниту за содржината на учебниците од периодот на средниот век. Според оваа изјава на бугарската министерка за надворешни работи, досегашната работа на историската комисија не е поместена од нултата позиција. Притоа Захариева експлицитно повторно објаснува дека Бугарија од „усогласувањето“ очекува македонската страна целосно и без поговор да ја прифати бугарската верзија на историјата. Веќе е нескриена и амбицијата на Бугарија преку ЕУ да го бугаризира не само македонското минато туку се обидува да ја монополизира целата историја на словенската писменост, прогласувајќи ги браќата св. Кирил и Методиј за бугарски просветители.

Сепак, таквите бугарски позиции, на последниот самит на ЕУ, ги препознаа Чешка и Словачка, па се спротивставија на обидот на Бугарија своите историски амбиции да ги наметне како услов и критериум за проширувањето на Унијата.
Но приказната за ветото за ЕУ со историско-идентитетските уцени на Бугарија спрема Македонија, содржи реална закана за рециклирање на старите заплети, поткрепена од резервираноста на Унијата кон идејата за свое проширување со земјите од Западен Балкан. Користејќи го таквото европско расположение, Бугарија се чувствува комотна во подметнувањето на своите историски каприци како принципи и критериуми на Унијата. На дискретните и директни укажувања од релевантни политички претставници од ЕУ, но и на поширокиот меѓународен фактор, дека разликите за какви било историски прашања треба да се решаваат надвор и независно од процесите на проширувањето на ЕУ, Бугарија одговара со уште покатегорично и подрско историско условување. Секаква иницијатива од македонска страна за спроведување на другите одредби од Договорот за добрососедство, како економска, медиумска или културна соработка, ја контаминира со услови поврзани со прифаќање на нивната историско-идентитетска проекција за Македонија и Македонците.

Наметнувајќи го апсурдот за докажување на етничкиот идентитет и размислувања на историски личности од пред 100-200 и повеќе години, кои дејствувале во историско-политички услови целосно неспоредливи со (гео)политичката и општествена поставеност на светот во 21 век, бугарските политичари не се воздржуваат да се навредат и од укажувањата за анахроноста на нивната политика. Заслепени од желбата за присвојување на целото словенско просветителско и културно наследство, бугарските политичари и политички индоктринираните научници, како аргумент за својата супремација, некритички посегнуваат (и го истакнуваат) дури и по грчкиот погрден израз за сите „негрци“ во нивната близина – „вулгарос“, со значење на „прости луѓе“. Во пропагандните книги и ракописи од пред два и повеќе века, воопшто не е ретка практиката текстови со јазични карактеристики на македонските дијалектни говори, од грчките свештеници и учители да биле нарекувани „вулгарики“. Денес, бугарската политика, поддржана од бугарската историска и лингвистичка наука, таквите „вулгарики“ ги прогласува за „доказ на бугарските корени“ на македонскиот јазик и воопшто на бугарскиот карактер на Македонија и Македонците.

Во одредена мера е разбирлива незаинтересираноста на ЕУ за историските детали од спорот што ѝ го наметнува Бугарија на Македонија, како услов за започнување на преговорите за членство, со оглед на изразената субјективност на аргументите. Можеби најдобро тоа го искажаа министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, аргументирајќи го своето вето на заклучоците за проширување на последниот самит на Унијата, во декември минатата година – ЕУ не може и не смее да биде судија за историските прашања. Воопшто, основната идеја за формирањето на ЕУ е да не се дозволи минатото да ги обременува односите во сегашноста и да го попречува развојот на Европа и патот кон иднината.

Иако Бугарија во речиси сите извештаи за примена и почитување на европските вредности и стандарди е на дното од земјите-членки на Унијата (корупција, права на малцинствата, владеење на правото, стандардот на граѓаните), се чини таквата состојба не ја обесхрабрува во обидот да ги фалсификува принципите на ЕУ и да ѝ ги наметнува на Македонија како услов. Дури оди и чекор понатаму – ја обвинува Македонија за фалсификување на сопственото постоење, дрско погазувајќи ги и цивилизациските принципи и сите загарантирани права на слобода на самоидентификација.