Со чиста сметка пред граѓаните

Наместо да ја следат логиката на негативна изборна кампања и да трошат политичка енергија на меѓусебно обвинување, треба да се обидуваат да допрат до гласачите и граѓаните и да се концентрираат да им објаснат зошто треба или, пак, не треба да гласаат на референдумот

Со секој изминат ден до гласањето на референдумот закажан на 30 септември, во текот на кампањата се засилуваат и пораките од таборите упатени кон гласачите, но и истовремено паралелно се зголемува тензијата меѓу условно кажано спротивставените политички кампуси. Нашата татковина во овие моменти е пред крстопат и ова се историски мигови во кои се носат тешки и одговорни одлуки што треба да ги направат граѓаните на нашата државата.

Референдумот како законска алатка и демократско право на одлучување секако е легитимен начин граѓаните да го искажат својот став по одредено прашање не само кај нас туку во секоја држава. Но општо правило секаде во светот и, секако, кај нас е пред носењето на одуката граѓаните да бидат информирани и за евентуалните последици, промени и за тоа што ги чека понатаму. И тоа од сите аспекти било да се позитивни или негативни.

Токму затоа од непроценливо значење за сите граѓани на земјата е на виделина во овие моменти да се изнесат сите релевантни показатели, тези и докази поврзани со ова случување и да се занемарат пропагандистичките пиар-слогани (на двете спротивставени страни), кои ги засенуваат вистинските факти.
Можеби звучи парадоксално, но во јавноста недостигаат точки, вистински теми и вистински информации поврзани со референдумот, а сето се случува пред нас секојдневно додека трае кампањата и така, доколку не се промени нешто, најверојатно и ќе биде до денот на гласањето. Политичарите како по обичај се фокусираат на меѓусебни препукувања, напади и обвинувања и тоа многу често надвор од темата што е предмет на референдумот.

Јавноста мора да добие одговори на сите сомнежи и непознати во равенката, да ги знае сите придобивки или ризици, за да може да донесе исправна одлука за своја подобра иднина

Ако се погледне кампањата низ очите на граѓаните ќе се забележи дека таа е преполна со паролите што ги искажуваат можните придобивки од остварувањето на европските интеграции или од противниците можните негативни реперкусии доколку се изгласа референдумот, но сепак изостануваат точните факти што конкретно тоа ќе значи. На пример на социјалните мрежи, но и во медиумите веќе се провлекуваат и информациите за можните промени на Уставот што ќе следуваат по референдумот преку усвојување амандмани во Собранието, но не и за тоа што точно ќе се менува во него и за какви корекции на Уставот точно станува збор. Граѓаните веројатно пред носењето на одлука треба да знаат што ќе содржат тие амандмани. Тоа, пак, создава недоумица кај граѓаните како да се изјаснат кога не знаат какви измени на Уставот се планираат и до каде тие ќе допрат.

Ваквиот сплет на околности односно држењето во најголема тајност на најавената амандманска интервенција во Уставот, по одржувањето на референдумот, остава простор за сомневање дека нацијата ќе биде ставена пред свршен чин. Цената ќе биде веќе платена, а по свадба тапани не идат.
Токму затоа во таа насока експертската јавност заедно со интелектуалното критично мнение апелира да се објават што поскоро, додека трае кампањата, планираните амандмански измени, кои се планира да се спроведат во Уставот пред одржувањето на референдумот.

На тој начин, според интелектуалците во земјата, на просечниот граѓанин ќе му се овозможат валидни информации за носење исправна одлука. Сѐ дотогаш, како што наведуваат тие, може да се каже дека зад целиот овој проект стојат некакви други скриени намери, кои обичниот граѓанин нема да ги препознае на претстојниот закажан референдум.
Наместо да имаме чиста сметка пред гласањето и јасна слика за сѐ што следува по гласањето, меѓу народот постои сомнеж дека некој лукративно се обидува да протурка мачка во вреќа и да затскрие некои детали, кои можеби не одат во полза некому од политичката елита.

Од друга страна, исто така е неоспорно дека сите граѓани сакаат подобар живот во ЕУ и посигурна безбедна држава во состав на НАТО, но за ваквите ветувања поврзани со ЕУ и со НАТО е потребна поширока и подетална елаборација. Не е доволно само да се каже дека имаме подобро и поевтино здравство, бесплатно студирање или повисоки плати туку тоа подетално да се објасни.
На пример, политичарите не кажуваат на кој начин Македонија (доколку станеме членка на НАТО) ќе ги исплаќа или, пак, нема да ги плаќа милионските суми од 4-те проценти од бруто-домашниот производ за членување во сојузот, кои ги побара американскиот претседател Доналд Трамп од членките на Алијансата на последниот самит.

Никој не споменува ни успешни формули како нашата земја од и онака малиот буџет ќе ги издвојува овие финансии или дали сето ќе се удри по џебот на гласачите на референдумот.
Во тој контекст дополнително и никој не наведува дека промените сигурно нема да се случат прекуноќ со самото гласање на референдумот туку за тоа ќе треба време, иако тоа со сигурност во земјата по гласањето ќе отвори поинакви видици, кои несомнено ќе поттикнат некакви промени во општеството во кое живееме, а кои не ни се однапред објаснети од оние што ја водат земјата.

Затоа политичарите и носителите на референдумската кампања било да се за или против, треба да престанат да се обвинуваат меѓусебно во кампањата на референдумот како што впрочем тоа го прават во изборните кампањи.
Наместо да ја следат логиката на негативна изборна кампања и да трошат политичка енергија на меѓусебно обвинување, треба да се обидуваат да допрат до гласачите и граѓаните и да се концентрираат да им објаснат зошто треба или, пак, не треба да гласаат на референдумот.

Токму затоа и во овие моменти можеби е време политичарите да го исчистат плевелот од пченицата, односно да ги одвојат и презентираат битните факти од небитните информации.
Преку таквото политичко дејствување и обелоденување на сите детали и во најситниот сегмент се преземаат одговорни чекори и се спроведуваат транспарентни политики со кои посакуваната цел ќе се доближи поблиску до граѓаните и ќе се спречи ризикот кој било да ги доведе во заблуда, граѓаните и гласачите. Значи јавноста мора да добие одговори на сите сомнежи и непознати во равенката, за да може да донесе исправна одлука за своја подобра иднина.