Словенија би можела да биде нова Португалија!?

Зошто, наспроти Пахор и Фајон, кои сосема јасно и недвосмислено застанаа во одбрана на Македонија, Јанша морал да маневрира, е веројатно уште едно од прашањата за чиј директен одговор, без опасност од какви било последици, ќе биде потребно време. Еднакво како и за одговорот на прашањето што му требаше на Јанша неодамна да исцртува нови граници на Балканот

Последните трошки надеж што дел од јавноста во Македонија и во Албанија, а веројатно и понекој од нивните политички челници, ги полагаа во штотуку започнатото претседавање на Словенија со Советот на Европската Унија, како да се потрошија веќе во првите денови од претседавањето. Не само поради завчерашната, крајно поразителна изјава на словенечкиот премиер Јанез Јанша, според која во ЕУ постои дилема дали проширувањето, воопшто, е од стратегиска важност за Унијата, што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, веднаш се обиде да ја ублажи со тврдењето оти Унијата, сепак, мора да го исполни ветувањето кон Скопје и Тирана, туку и поради сето она што му претходеше на официјалното претставување на приоритетите на словенечкото претседателство во вторникот во Европскиот парламент, очекувањата за каков било исчекор на Македонија во однос на евроинтегрирањето до крајот на оваа година стануваат нереални.
Настрана што притоа дури и словенечкиот премиер Јанша, повторувајќи ја грешката на многубројните негови претходници, ја објасни „потребата“ од отворената перспектива за идното евроинтегрирање на земјите од Западен Балкан, како и од повторното поведување дијалог со земјите од таканареченото источно европско соседство, со опасноста од освојувањето на „тие простори“ од страна на „стратегиските ривали“ Русија и Кина. Со тоа, Јанша, исто како и многумина пред него, се лизна на крајно опасна теза иако никој досега, ниту во Унијата ниту надвор од неа, не се осмели да каже оти тоа е сосема погрешна и, што е многу поважно, за сите крајно штетна „рационализација“, што допрва би требало да биде предмет на обработка на аналитичарите.

Во меѓувреме, на Јанша му демонстрираа противење пред зградата на Европскиот парламент. И тоа Словенците, кои, меѓу другото, бараа заштита на владеењето на правото во Словенија, бидејќи, како што рекоа, самиот Јанша покажал дека не ги почитува демократијата и владеењето на правото. Тој, според демонстрантите, ги напаѓал медиумите, невладините организации, го усмртил социјалниот дијалог во земјата…
Но несогласувањето со Јанша беше демонстрирано и од страна на голем број словенечки политичари, пред сѐ во однос на словенечката позиција во спорот помеѓу Македонија и Бугарија, на пример, каде што се покажа дека дури ни во однос на надворешните прашања, Словенците, исто како и Македонците, најчесто, не се единствени.
Па, така, откога Јанша прво изјави дека „е добро за Бугарија да прифати нација што зборува сличен јазик и има слична култура“, во одговорот на новинарско прашање за бугарските медиуми тој кажа оти „Словенија, секако, ја разбира позицијата на Бугарија за нејзиното вето за почеток на преговорите со Северна Македонија, бидејќи таа е земја-членка“, словенечкиот претседател Борут Пахор одложувањето на почетокот на преговорите со Македонија гласно и јасно го опиша како „политички и морално погрешно“ и додаде дека неговата земја ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да го промени тоа. Во меѓувреме, и словенечката европратеничка Тања Фајон, која е силен поборник за евроинтегрирањето на Западен Балкан, изјави дека е „многу разочарана од однесувањето на Бугарија“ и од „нивниот егоизам, кој е екстремно погрешен и неодговорен“.

Зошто, наспроти Пахор и Фајон, кои сосема јасно и недвосмислено застанаа во одбрана на Македонија, Јанша морал да маневрира, е веројатно уште едно од прашањата за чиј директен одговор, без опасност од какви било последици, ќе биде потребно време. Еднакво како и за одговорот на прашањето што му требаше на Јанша неодамна да исцртува нови граници на Балканот.
А ако сакаме нештата да ги гледаме низ црно-бела призма, би можеле да речеме оти сето наведено и ненаведено е резултат на, според многумина, сѐ пожестоката борба помеѓу европската левица и десница, на која Јанша ѝ припаѓа. Поткрепа за тоа, тие ќе ја најдат во фактот што Јанша уште на првиот ден од претседавањето со Советот на Унијата предизвикал скандал критикувајќи ги социјалдемократите на работната средба со членовите на Европската комисија во Брдо кај Крањ, по што потпретседателот на Комисијата, Франс Тимерманс, одбил да позира за заедничката фотографија. Имено, Јанша на состанокот, надвор од контекст и од дневниот ред, покажал една фотографија на која се наоѓале неколку словенечки судии и двајца пратеници во Европскиот парламент од редот на словенечките социјалдемократи, меѓу кои и Тања Фајон. Тоа Јанша го изложил како доказ за неговото тврдење дека словенечкото правосудство е под влијание на „поранешните комунистички судии“ и, според тоа, не е независно.
Затоа, Тимерманс, инаку холандски социјалдемократ, се налутил и го одбил заедничкото фотографирање. И тогаш, Фон дер Лејен мораше да ја „пегла“ ситуацијата, објаснувајќи дека политичкиот дијалог изискува почитување на сите демократски политички партии, како и тоа дека „и судиите имаат право на сопствено минато“. Иако, како заднина на овој инцидент, се посочува борбата на словенечката „левица“ и „десница“ за делегирање обвинители во Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), останува прашањето зошто се добива впечаток дека Јанша постојано, на сите средби и иницијативи поврзани со евроинтегрирањето на земјите од Западен Балкан, ги дефокусира, па дури и саботира сите обиди за некаков исчекор.

Регионалните аналитичари веќе укажуваат на сите овие „слабости“ на словенечкото претседателство што ги генерира Јанша, потсетувајќи дека тој, поради неговата репутација и ставови, веќе е изложен на жестоки критики не само од страна на социјалдемократите туку и од либералите, зелените, левицата… и дека, како што тргнал, би можел сериозно да им се замери и на припадниците на европскиот десен центар. Сето тоа, најблаго речено, е далеку од она што барем добронамерното мнозинство во Брисел се обидува да го направи за Западниот Балкан, а со тоа и за Македонија, така што македонскиот државен врв, овој пат, навистина не би смеел да ја повтори грешката како што направи негувајќи големи очекувања од португалското претседателство.

[email protected]