Словенечки игри со граници

Со оваа епизода нема да завршат „игрите со границите“ на Балканот, но позитивната страна од објавувањето на нонпејперот е што изврши мобилизација на демократската јавност, која се противи на какви било прекројувања на политичката карта на овој дел од Европа. Инсистирањето на ова сценарио би значело нови војни и нови поделби, а би иницирало и нови етнички судири на европскиот континент, но и во светот

По еднонеделно дипломатско молчење за нонпејперот за цртање нови етнички граници на Балканот, словенечката влада собра „храброст“ да соопшти дека таа не е авторот на картата за поделба на Босна и Херцеговина. По бурните реакции во регионот, од официјална Љубљана викендот беше испратено соопштение до јавноста во кое се вели дека „ниту Министерството за надворешни работи на Словенија, ниту кое било друго министерство на сегашната влада на Словенија не било вклучено во такви активности“. Од владата на десничарот Јанез Јанша посочуваат дека Словенија и другите интересни групи во регионот, Европската Унија и пошироко вложуваат максимални напори за забрзување на евроатлантските интеграции на Западен Балкан! „Со тоа, Словенија е убедена дека ниту еден чекор во оваа насока не треба да ги загрозува мирот и соживотот во Босна и Херцеговина и регионот на Западен Балкан“, се вели во соопштението на словенечката влада.
Кои беа мотивите за еднонеделната воздржаност на словенечката влада да се огласи и јавно да ги демантира гласините за содржината на фамозниот „необврзувачки“ документ, останува нејасно за пошироката балканска јавност. Но самото тактизирање за објавување на последното соопштение, не ги отстрани целосно сомнежите дека адресата на испраќачот е некој од улицата Словенечка б.б. Уште повеќе се отвора дилемата зошто ваков документ е пласиран во јавноста, според кој се предвидува создавање голема Србија, голема Албанија и голема Хрватска, во време кога Словенија треба да го преземе шестмесечното претседавање со европските институции, а за чиј мандат ќе се залага за „интеграција на регионот во Европската Унија“!?

Која и да била вистинската намера на пишувачите на нонпејперот, за кој како што подоцна се дозна бил претставен и во центарот на европската дипломатија во Брисел, овие неколку листа хартија ја постигнаа медиумската цел. Тоа беше искористено за подигање на политичките рејтинзи на балканските лидери. Албанскиот премиер Еди Рама, кој ја потврди автентичноста на документот, го искористи во својата предизборна кампања и ја отфрли идејата за формирање голема држава, но не пропушти да порача дека „обединувањето на Албанија и Косово може да се случи единствено преку малиот шенген“. Српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш демантираше дека знае за постоењето на нонпејперот, но забележа дека тоа е направено од извори што сакаат да му наштетат на угледот на Србија. Во исто време, тој го занемари фактот дека идејата за „мирно разделување на БиХ“, произлегува од Милорад Додик, претставникот на српскиот ентитет Република Српска.
Зоран Пауновиќ, во авторскиот текст за „Данас“ пишува дека не е првпат Словенија да пројавува интерес за рекомпонирање на состојбите на Балканот, а во конкретниот случај таа е само, како што вели, „проточен бојлер“, за формирање голема Албанија, голема Србија и голема Хрватска, на сметка на мала бошњачка БиХ.

Како што вели Пауновиќ, Словенците имале поголеми амбиции од овој нонпејпер, како што е на пример и изнесувањето на тезата на словенечкиот претседател Борут Пахор за регионализацијата на ЕУ, за подоцна оваа идеја да биде доразработена од Димитриј Рупел, поранешен шеф на словенечката дипломатија, со промовирање на концептот за „мегарегија“. Според оваа замисла на Рупел, Словенија би требало да биде во „централната мегарегија“, односно во Вишеградската група, проширена со Австрија и Словенија. Хрватска со Бугарија и Романија би ја сочинувале источната мегарегија, во која би се вклучиле Србија, Македонија, Црна Гора, Косово, Турција и Украина, кога за тоа би се стекнале услови!
Словенечкиот поглед за „конечно решавање на прашањето за распадот на Југославија“ се поклопува и со тезата Стивен Мајер, поранешен заменик-шеф на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) за Балканот, кој за белградски „Новости“ го изнесува тврдењето дека „без промени на границите во овој дел од Европа нема напредок ниту траен мир“.

Која и да била вистинската намера на пишувачите на нонпејперот, за кој како што подоцна се дозна бил претставен и во центарот на европската дипломатија во Брисел, овие неколку листа хартија ја постигнаа целта. Тоа беше искористено за подигање
на политичките рејтинзи на балканските лидери

Тој ги отфрла обвинувањата дека тој стои зад нонпејперот, како и тврдењата дека зад тоа стои и ЦИА. Како што е познато, за време на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, во јавноста беше пласирана опцијата за размена на територии меѓу Србија и Косово, што наводно било разгледувано и меѓу Александар Вучиќ, и поранешниот косовски претседател Хашим Тачи.
Со оваа епизода нема да завршат „игрите со границите“ на Балканот, но позитивната страна од објавувањето на нонпејперот е што изврши мобилизација на демократската јавност, која се противи на какви било прекројувања на политичката карта на овој дел од Европа. Инсистирањето на ова сценарио би значело нови војни и нови поделби, а би иницирало и нови етнички судири на европскиот континент, но и во светот. Тоа што реално им е потребно на граѓаните од Западен Балкан е негово побрзо интегрирање во Европската Унија, без цртање нови карти.