Сите бои на есента пресликани во сценаријата против коронавирусот

Во зависност од многу фактори, односно од начинот на кој ќе се
развиваат состојбите наесен, власта разгледува различни мерки, односно сценарија, кои подразбираат користење неколку препораки за заштита од вирусот. Тие варираат од строго рестриктивни, комбинирани, па до послободни мерки. Овие државни механизми се таканаречените сценарија, поделени по тежината и обележани во различни бои – розово, жолто, црвено и црно сценарио, а сите заедно имаат една цел, односно овозможуваат кулминацијата на вториот бран на заразата да не ги оптовари, исцрпи или да не ги колабира целосно ресурсите на националниот здравствен систем и од битката со вирусот да излеземе како победници

Македонија се подготвува за контраофанзива во борба против коронавирусот, во време кога илјадници наши сограѓани ги завршуваат своите годишни одмори, во период кога започнува наставата во градинките и училиштата и во момент кога сме соочени со есента, кога се очекува дејствувањето на сезонските вируси да го подигне степенот за одбрана на граѓаните, односно да се активира државниот апарат, кој, евентуално, заради повисоки цели, би наметнал ограничувања и рестриктивни мерки за заштита на здравјето на сите во земјава.
За жал, ако тргнеме по редот на нештата на кој сме навикнати во Македонија, летото што изминува покажа дека дури и со опасностите од пандемијата, кај граѓаните сѐ уште е актуелна изреката секое чудо минува за три дена. Изминативе месеци кога попуштија првичните стеги на медицинските власти, македонските граѓани покажаа дека имаат „извонредна способност“ од дното да се искачат на врвот и од врвот повторно да паднат кон дното.

Траурот кај нас експресно се трансформира со радост на заеднички собири, прослави, журки, концерти и дружења по кафеаните, а рестриктивните мерки и животот со физичка дистанца очигледно се запоставија. И сѐ правиме во корист на наша штета.
Треба да бидеме свесни дека епидемијата не е завршена, ниту пак целосно се повлечени мерките, иако се најавува нивно олеснување. Прашање „од милион долари“ е зошто во земјава не сфаќаме дека ние сега, во пресрет на заканувачкиот предвиден нов врв на пандемијата за кој се прогнозира дека ќе дојде наесен, се движиме на работ, од кој или ќе успееме да ги амортизираме последиците од вирусот или, пак, ќе се урнеме во бездната полна со немили настани низ кои веќе поминавме.

Како што зборуваат сите светски епидемиолози (а и нашите), сега ситуацијата е многу критична и секое самозалажување, непочитување на физичката дистанца и безбедносните здравствени мерки, може да доведе до нови човечки жртви и драматично зголемување на бројот на инфицираните.
Во моментов здравствените власти посочуваат дека во периодот што следува има многу ризик-фактори што може да ја влошат епидемијата, која во моментов е стабилна и со мал тренд на зголемување на бројот на пациенти во некои градови. Меѓутоа, прогнозите за бројката на потенцијални новозаразени се различни за периодот што следува, бидејќи се темелат на нивните моментални биланси, кои произлегуваат од однесувањето на граѓани за почитување на ограничувањата на движењето и на другите превентивни мерки за заштита од коронавирусот. Токму затоа во зависност од многу фактори, односно од начинот на кој ќе се развиваат состојбите наесен, нашите властите разгледуваат и различни рестриктивни мерки, односно сценарија, кои подразбираат користење различни препораки за заштита од вирусот, тие варираат од строго рестриктивни, комбинирани, па до послободни мерки.

Овие државни механизми се таканаречените сценарија, поделени по тежината и обележани во различни бои – розово, жолто, црвено и црно сценарио, а сите заедно имаат една цел односно овозможуваат кулминацијата на вториот бран на заразата да не ги оптовари, исцрпи или да не ги колабира целосно ресурсите на националниот здравствен систем и од битката со вирусот да излеземе како победници.
Слично на колоритот на виножитото, кој се движи од посветли бои кон потемни, така се движат и рестриктивните мерки замислени во сценаријата на државата во војната со пандемијата. Жолтото сценарио во кое во моментов се наоѓаме, личи по малку на животот што го живеевме пред избувнување на вирусот, а розовото подразбира комплетно ослободување на сите рестрикции. Меѓутоа, на другата страна од колоритот на мерките се портокаловото и црвеното сценарио. Овие мерки, ако државата биде принудена да ги активира, ќе подразбираат пресликување на животот од пред неколку месеци кога функциониравме под чадорот на полициски час, во кој движењето ни беше ограничено, компаниите и институциите не работеа, а казните за нивно непочитување беа високи и драстични.

Граѓаните сега треба да знаат дека во ниеден случај предвидениот колорит на сценарија на здравствените и државни власти нема да остане само на хартија. Тие со сигурност ќе се спроведат бидејќи се неопходни како за заштита на сите нас така и за овозможување на функционирањето на економијата и на самата држава во овие специфични времиња.
Токму затоа во овие моменти, кога сме пред почетокот на вториот бран, секој од нас има колективна одговорност за да се избегнат ширење на вирусот и спроведување на најтемните бои од палетата на државни сценарија, бидејќи наскоро ќе следува сериозен тест пред кој сите ќе бидеме исправени.

[email protected]