Сите бои во нашите реки

Политичките партии во земјава неделава ја започнаа изборната кампања и сите ги обелоденија изборните програми. Во сите нив има делови за екологијата, но овој пат, без оглед кој ќе дојде на власт, барем нека се потруди еколошките заложби да не останат само на хартија, туку да станат реалност. Можеби тогаш нашите реки повеќе нема да бидат во боја, туку ќе останат бистри, онакви какви што извираат

Во време кога светот сè повеќе се свртува кон алтернативните извори на енергија, автомобилските гиганти започнуваат со масовно производство на електрични автомобили, а некои земји, како Данска на пример, планираат до 2050 година да станат целосно јаглеродно неутрални, овде во Македонија уште пукаат вентили и црева и опасни хемикалии се излеваат во реките и во почвата, а не толку ретко испаруваат и во воздухот.
Последен таков инцидент се случи неодамна кога пукна црево со кое се преточувала хемикалија што се употребувала во производниот процес на фирма во Штип, по што обелеа водите на реката Брегалница.
Оваа река во изминативе неколку години беше обоена во црна, сива и во црвена боја, а виновниците тогаш не беа лоцирани, туку беше откриен пропуст кај неколку компании во кругот на фабриката „Македонка“, кои се занимаваат со боење ткаенини.
„Боењето“ на водите во реките со хемикалии се чини стана практика кај нас, па вакви инциденти имаше и на Вардар и на Лепенец.

Не толку одамна половина Скопје се задуши при испарување на метил акрилат мономер, исто така при преточување на цистерна во кругот на ОХИС.
Но каде треба да се бара вината и како да се спречат во иднина вакви инциденти, кои несомнено нанесуваат еколошка штета врз почвата, водите и воздухот.
Одговорот е едноставен, во нашиот менталитет. Менталитет на импровизации, скржавост и немарност.
Па немаше ниту една река да се обои доколку сите тие компании ризичните хемиски процеси ги изведуваа под некакви безбедносни протоколи (термин што изминативе месеци стана исклучително популарен) и доколку отпадните води од производствените процеси се третираа сериозно.

Еве, дури и да дошло до хаварија, ако постоел соодветен филтерски систем тој ќе спречел хемикалијата да заврши во реката, па потоа таа ќе можела на поинаков начин да се отстрани или неутрализира, без да предизвика еколошка катастрофа.
Тука во голем дел затајува и државата, која во обид да им се додвори на инвеститорите, често им прогледува низ прсти во поглед на еколошките стандарди што треба да ги задоволуваат, па поставувањето филтри за оџаците или за одводните системи, газдите го сфаќаат како нешто за што државата треба да им даде дополнително време, да не речам десетина и повеќе години, а во меѓувреме ќе го билдаат профитот на сметка на здравјето на луѓето.

Пред некој ден одговорните во велешка „Маслодајна“ се правдаа дека она што излегува од оџаците во текот на зимата не е загадување, туку кондензат поради пониските надворешни температури, иако велешани одвреме-навреме ќе се пожалат на печење на очите и надразнување на грлото. Луѓето со право се исплашени. Една стара поговорка вели дека кога ќе се изгориш од млекото, ќе дуваш и на матеницата. Велешани половина век дишеа воздух полн со олово од Топилницата, така што сега се сомничави и на чадот од „Маслодајна“ и не сакаат да им се повторат грешките од минатото. Да не споменувам колку помори на риби имаше по Вардар, Тополка, Бабуна, Брегалница, Црна Река, Треска…

Недовербата што луѓето ја имаат кон системот е оправдана, бидејќи сите години претходно се покажа дека екологијата за сите влади, не само во самостојна Македонија, туку и претходно, е на последното место. Средствата што секоја година се одвојуваат од буџетот за оваа намена се симболични, а вистински еколошки проекти и нема.
Пандемијата на ковид-19 што му се случи на светот годинава само покажа колку таа беспоштедна трка по пари и ресурси одеднаш е неважна и како природата може да му го возврати ударот на човештвото и да му каже како изгледа борбата меѓу мравка и слон. Токму така, доволни беа само три месеца луѓето да останат затворени дома и целата природа да се регенерира. Низ каналите во Венеција почнаа да пливаат делфини, воздухот над Европа, САД, Австралија, Африка целосно се исчисти откако авионите останаа приземјени, а она што можеше да се забележи сега на синото небо, беа само птиците, оние пердувестите, не алуминиумските.

Многу фабрики и натаму се затворени, подобрена е меѓународната комуникација во борбата против заедничкиот невидлив непријател, го снема и масовниот туризам, една од водечките деструктивни гранки на современата економија, луѓето се враќаат кон семејството…
Пандемијата не е само здравствена криза, туку и криза на човештвото. Човекот последните 50 години заборави дека најпрво живее во природно, а потоа во општествено, економско и политичко опкружување и во таа насока коронавирусот е само уште едно предупредување дека, покрај нас, право на живот имаат и растенијата и животните.

Коронавирусот треба да биде опомена и за нас, да го рестартираме животот и конечно нешто како држава да направиме за да спречиме идни хаварии и да почнеме да ја чуваме природата, со нова свест дека таа е нашиот животен партнер. Ако не сме подготвени на таквиот соживот, тогаш опстанокот на нашата генерација можеби е извесен, но не и на нашите деца и внуци.
Политичките партии во земјава неделава ја започнаа изборната кампања и сите ги обелоденија изборните програми. Во сите нив има делови за екологијата, но овој пат, без оглед кој ќе дојде на власт, барем нека се потруди еколошките заложби да не останат само на хартија, туку да станат реалност. Можеби тогаш нашите реки повеќе нема да бидат во боја, туку ќе останат бистри, онакви какви што извираат.