„Синиот воз“ на Трамп

Во политичкиот жаргон возот се користи за сликовито прикажување на состојба од која нема излез. Двајцата балкански лидери ги напишаа на бел лист хартија добрите намери за обновување и изградба на нова железничка линија (и автопат меѓу двете земји), а целата церемонија беше проследена со голем број новинарски камери. На нивните лица немаше насмевки, кои се вообичаени за двајца луѓе што одлучиле да тргнат на заедничко патување

Воз. Поимот за превозно средство што често се користи во политичката терминологија има пошироко значење од тоа дека служи за пренос на луѓе и производи од едно до друго место. Сликата за „Синиот воз“ е длабоко врежана во колективната меморија на генерациите од поранешна Југославија. Во него се возеше „најсаканиот“ социјалистички водач Јосип Броз Тито, кој беше врска меѓу Истокот и Западот. Возот беше симбол на моќта и луксузот во тоа време, а важноста за неговото патување низ земјата беше немерлива. Негови патници беа само странски државници, кралеви и цареви, а патувањето со Тито беше начин да се испрати порака за мир и заедништво на сите народи. Денес, тој е музејско-туристичка атракција, а сината композиција може да се изнајми за комерцијални патувања. Не секогаш, возовите будат и негативни асоцијации. Има многу примери од блиското светско минато преполно со војни, кога железнички композиции натоварени со оружје одеа на воените полиња, но и луѓе, кои беа носени до последната станица од нивниот живот.

Во политичкиот жаргон возот се користи за сликовито прикажување на состојба од која нема излез. Па, така, можеме да слушнеме дека: „Замина последниот воз“, „Ние сме последните патници за Европа“, „Нашиот воз стои на слеп колосек“. Некои ќе се присетат на деновите на драматичните настани по распаѓањето на југословенската федерација кога Стојан Андов, како претседател на македонското собрание, ги повикуваше пратениците да побрзаат со дискусиите, зашто ќе го „пропуштиме последниот вечерен воз за Белград“. Пратениците не отпатуваа со возот, а сето потоа остана историја…

Викендов што помина, повторно возот стана главно средство за решавање на долгогодишниот политички спор меѓу Србија и Косово, со потпишување писмо за намери за воспоставување железничка врска меѓу Белград и Приштина! Важниот настан се случи на Минхенската конференција за безбедност, пред очите на Ричард Гренел, американски амбасадор на САД во Берлин, и претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Двајцата балкански лидери ги напишаа на бел лист хартија добрите намери за обновување и изградба на нова железничка линија (и автопат меѓу двете земји), а целата церемонија беше проследена со голем број новинарски камери. На нивните лица немаше насмевки, кои се вообичаени за двајца луѓе што одлучиле да тргнат на заедничко патување.

Најавите за воспоставување посилни сообраќајни врски (железнички, авионски и патнички) меѓу Белград и Приштина, очекувано, добија висок публицитет, затоа што доаѓаат во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво, по војната во деведесеттите години и осамостојувањето на Косово. Тоа се забележува и во коментарот на германскиот весник „Зидојче цајтунг“, во кој се наведува дека „не се случува често високата американска дипломатија да ги фали плановите за новата железничка врска во Југоисточна Европа“. Ова значи, дека на Вучиќ и на Тачи, некој друг им ги спакувал куферите и ги испратил на патот од кој нема скршување, а тоа е до наоѓање конечно решение за излегување од косовскиот политички, сообраќаен, царински и каков било друг јазол. Засега, за Вучиќ ова изгледа поволно решение и негова голема дипломатска победа, па затоа и српските медиуми на големо пишуваат за воспоставување на сообраќајните врски со „поранешната српска покраина“. Во Приштина реакциите се поделени. Косовскиот претседател не дава преголемо значење на потписот даден во Минхен и неговите погледи се насочени кон постигнување конечно признавање на независноста на Косово, додека премиерот Албин Курти се обиде да го релативизира целиот настан и изјави дека договорот со добри намери е направен без согласност на новата влада во Приштина.

Засега, возот што ќе ги поврзува Белград и Приштина не е ни поставен на почетната железничка станица (прашање е од каде ќе тргне). Се добива впечаток дека сево ова што сега се случува изгледа како некој однадвор да го тресе вагонот, за патниците да имаат чувство дека возот што стои е во движење

На безбедносната конференција во Минхен, беа испратени почетни сигнали за затоплување на односите меѓу Србија и Косово, кои се направени со силниот притисок од Вашингтон, кој се обидува да го оживее замрзнатиот дијалог со поттикнување на економскиот развој на регионот. Меѓутоа, од реакциите на државните водства во двете земји, произлегува дека разликите меѓу нив се длабоки. Имено, Курти ги повтори позициите за неменување на границите и отворено порачал дека е време „Србија да се ослободи од Косово“. На што следувал одговорот од Вучиќ дека „Косово не е држава“.

Претстои долг пат за воспоставување вистински врски меѓу Србија и Косово. Обновувањето на железничката линија, како што изјави американскиот амбасадор во Германија, претставува остварување на „визијата на Трамп“, приближувањето да биде преку економското поврзување. Се очекуваат долги и неизвесни преговори. Меѓу САД и Европа има единство во ставот да се реши спорот меѓу Белград и Приштина, но во основа меѓу нив постојат битни разлики. Трамповата администрација дава поддршка за идејата за промена на границите меѓу двете земји. За Берлин и за Брисел тоа е причина за страв дека ваквите планови ќе предизвикаат домино-ефект и на други места на европскиот континент. Засега, возот што ќе ги поврзува Белград и Приштина не е ни поставен на почетната железничка станица (прашање е од каде ќе тргне). Се добива впечаток дека сево ова што сега се случува изгледа како некој однадвор да го тресе вагонот, за патниците да имаат чувство дека возот што долго стои во едно место се движи.