Сигналите однадвор

Иако Македонија уште од 1991 година и сите години потоа јасно и недвосмислено се има изјаснувано, со поддршка на сите политички партии и огромно мнозинство граѓани, дека е за ЕУ и за НАТО, тоа изгледа се заборава. Новата реалност бара нова одлука каде што сега во пакет зад ЕУ и НАТО како тројански коњ е потпикната и спогодбата со Грција

Одморите завршија, референдумската кампања почна и некако лека-полека се расчистува политичката магла што подолг период се беше надвиснала над државата. Расчистува – во смисла на некакво профилирање на тоа кој за што вистински се залага или се залагал, какви позиции брани или бранел претходно и каков став има или нема за одредени прашања од суштинско и историско значење за држава. И сега кога маските паѓаат се гледа дека Македонија веќе со години всушност немала ниту вистински патриоти, како што се кажувале, ниту вистински лидери, правници, експерти, научници, аналитичари, академици… Со чест на исклучоците се разбира. Сме имале изгледа само куп кариеристи и сончогледи, кои во зависност од политичките и од општествените околности секогаш се вртеле кон „светлината“ (читајте парите, позициите, интересите…).

Луѓе без став, без идеологија, без кредибилитет, без почит кон историјата и без визија за иднината. Луѓе што, без око да им трепне ќе го погазат и поплукаат дури и својот претходно јавно изречен збор, ќе ги потурат со пепел своите ставови и позиции и веројатно мислејќи дека се „идеолошки очистени од минатото“, сега ќе ве убедуваат во нешто трето.

Ете такви личности заземале високи места во системот на државата и на јавноста ѝ нуделе привид, фикција, наместо реалност и вистина. Затоа и стигнавме дотаму каде што сме.

За ваквите личности, без чувство на одговорност кон народот и државата, без интегритет, човечко достоинство и морал не вреди да се трошат повеќе зборови, ниту простор. Одамна се прочитани и препознаени од граѓаните. Затоа ќе продолжам и ќе се осврнам на други посериозни прашања.

Изминатата недела како весник имавме можност да присуствуваме на еден исклучително голем европски настан. По покана и по барање од организаторите и домаќинот, „Нова Македонија“ беше медиумски партнер на економскиот форум во Криница-Здруј, Полска, кој всушност е најголем економски собир во Европа. На еден таков репрезентативен собир „Нова Македонија“ практично беше рамо до рамо со најголемите светски брендови во сферата на медиумите и воопшто. На сите материјали што им беа на располагање на повеќе од 4.000 учесници, информативни паноа, на сите видеопрезентации, кои ги имаше неколку стотици во конгресниот центар, се вртеа и се истакнуваа логото и името на нашиот весник. На овој начин „Нова Македонија“ на голема врата влезе и се етаблира високо во Европа.

Тоа како весник и мене како уредник нѐ прави исклучително горди. Зашто само и единствено преку „Нова Македонија“ учесниците, дојдени од сите континенти, се запознаа и дознаа и за Република Македонија. Сега неколку збора и за впечатоците на многубројните европски делегации на форумот и перцепцијата што тие ја имаат за Македонија, посебно за претстојниот референдум на 30 септември.
За најголем дел од соговорниците, кои беа во Полска, референдумот е одлука за ЕУ и за НАТО. Тие единствено така го разбираат и така го гледаат. Дали сме за ЕУ и за НАТО. И точка.

И додека сигналите однадвор кон Македонија се недвосмислени и јасни, просто вчудовидувачки изгледа сознанието колку земјите од ЕУ внатре меѓу самите нив ги бранат и негуваат својот национален идентитет, својата посебност, својата историја, култура, јазик итн. и не се подготвени да се откажат од нив по никоја цена

На третиот дел од референдумското прашање, кој се однесува на прифаќањето на спогодбата со Грција, никој не обраќа внимание и тоа воопшто не се ни споменува. Исто како и да го нема. Ова е општиот впечаток од разговорите со големиот број учесници на конференцијата дојдени од сите континенти, впечаток што провејуваше и во дел од дискусиите на трибините.
Значи за Европа и за светот изборот е јасен. Македонија на 30 септември одлучува дали е за ЕУ и за НАТО. Спогодбата со Грција за нив е невидлив, неважен или сосема занемарлив дел од таа клучна одлука. Како да сме во 1991 година кога државата се осамостојуваше и го избираше патот по кој ќе оди. Дали самата формулација на референдумското прашање, политичката пропаганда, многубројните посети и изјави на странски државници го имаат направено своето или Европа го гледа само тоа што сака да го види.

Иако Македонија уште од 1991 година и сите години потоа јасно и недвосмислено се има изјаснувано, со поддршка на сите политички партии и огромно мнозинство граѓани, дека е за ЕУ и за НАТО, тоа изгледа се заборава. Новата реалност бара нова одлука каде што сега во пакет зад ЕУ и НАТО како тројански коњ е потпикната и спогодбата со Грција.

И додека сигналите однадвор кон Македонија се недвосмислени и јасни, просто вчудовидувачки изгледа сознанието колку земјите од ЕУ внатре меѓу самите нив го бранат и негуваат својот национален идентитет, својата посебност, својата историја, култура, јазик итн. и не се подготвени да се откажат од нив по никоја цена.
Еве само неколку примери.

Полска е долги години членка и на ЕУ и на НАТО, но силно и одлучно ги брани својот национален идентитет, интегритет, углед, традиција, историја култура и тие вредности не е подготвена да ги отстапи или сподели со никој друг.
На форумот во Криница-Здруј дури имаше и специјална дебата насловена „Одбрана на угледот на Полска на меѓународната сцена“, на која беше истакнато колкава е важноста на ова прашање. Заклучокот на сите дискутанти беше дека е потребна општа мобилизација кога станува збор за одбрана на националните прашања. Така размислуваат Полјаците и Европејците.

Понатаму, во целиот град и посебно во просторот каде што се одржуваа трибините видливи беа националните обележја, почнувајќи од играорци во народни носии, многубројни национални сувенири, брошури, знаменца итн. Иако се работи за познато туристичко место каде што доаѓаат гости од целиот свет во сместувачките капацитети и во хотелите ќе сретнете ознаки само на полски јазик, но не и на англиски, на пример.
Да не говорам што и патоказите на патиштата се само на јазикот на земјата-домаќин.
Немам слушнато дека полскиот јазик или името на државата се загрозени од некого, но за Полјаците тоа не значи дека јазикот не треба да се унапредува и брани од какви било влијанија. И тие тоа и го прават.

Има уште доста други примери, но сметам дека и ова е доволно. Ете така Европа ги сфаќа националните и идентитетски прашања кога се работи за неа самата.
И сосема за крај бидејќи ова е прва колумна по почетокот на кампањата за референдумот, ја користам можноста во кратки црти да го образложам приодот на весникот во однос на новинарското покривање на кампањата.

Како и за време на избори или други случувања што се значајни за државата, „Нова Македонија“ ќе одвои еднаков простор за сите заинтересирани да ги искажат своите мислења и ставови. Освен тоа, преку избалансиран и пред сѐ професионален новинарски пристап весникот ќе спроведе и теренско истражување, анкети и интервјуа со вклученост на истакнати соговорници од повеќе области: универзитетски професори, академици, политиколози, правници, медиуми, невладин сектор, претставници од дијаспората како и претставници на политичките партии. Целта е претставување на фактичката ситуација со можните придобивки или евентуалните ризици, за граѓаните да добијат јасна слика пред носењето една таква значајна одлука.
Конечно, јавниот интерес и професионалните новинарски стандарди се нашиот единствен метод и начин на работа.