Сигналите за нас и за нив

Ако досега ги издржавме болната транзиција, економските блокади, ветата, редицата индуцирани и наметнати кризи, како што беше и неразјаснетиот воен конфликт во 2001-та, наметнатиот спор за името од Грција, сега треба да се издржи и ова реформирање на Унијата

По годинашниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите во процесот на проширување и особено по заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, Македонија и, во помала мера, Албанија останаа единствено со надеж дека ќе добијат датум за преговори најрано во октомври 2019 година.
Од центарот за европска политика во Брисел неделава ни појаснија дека до оваа ситуација дошло во лош момент за нас поради европските избори, но и поради очигледната „национализација на проширувањето“. Притоа, одложувањето на неизвесноста за добивањето датум за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ до есен, како што сега се предвидува, од различни аспекти ги стави под знак прашалник политичките ризици што во исто време ги презеде ЕУ со „блокирањето“ на земјава да ги започне преговорите и продолжувањето на статус кво состојбата на Западен Балкан.

Иако според мислењата на експертите со ваквиот чекор Советот на ЕУ уште еднаш во низата сигнали докажа дека политиката на проширување на ЕУ е во проблем, во исто време тоа ни појасни дека таа полека го губи кредибилитетот. За ова, впрочем, во многу наврати досега официјален Вашингтон сѐ погласно ги критикуваше европското колебање и тромавоста во однос на евроинтеграцијата на Балканот, вклучувајќи и на Македонија, при што се укажува и на фактот дека ЕУ практично ништо не работи и не придонесува за регионот туку само вергла во место.

Разногласие и различни позиции за различни прашања меѓу земјите-членки во ЕУ имало отсекогаш. Впрочем, брегзит и излегувањето на Британија е најочигледен пример за тоа. Но, наспроти расколот и хаосот што владеат внатре во Унијата, таа се темели врз принципот на едногласност. Всушност, и одлучувањето се базира на консензус, за што исто така постојат спротивставени мислења внатре во ЕУ.
Сепак, за да се одговори на сите овие дилема за обичниот граѓанин мора суштински да се објаснат и да се променат некои работи во ЕУ при носењето на одлуките за преговорите за членство во ЕУ. Иако Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија во заминување, се залагаше да се напушти системот на консензуална одлука во ЕУ и да се замени со одлука на квалификувано мнозинство, можност со која би биле надминати правата на вето на земјите-членки по која било основа врз аспирантите, до тоа сепак не дојде. Европската франко-германска локомотива и лидерство, со амбициите на Макрон и залезот на Меркел, не го дозволи тоа.
Во меѓувреме, со принципот на консензус во одлуките, според кој функционира ЕУ, дури и една членка да стави вето – одлука нема да биде донесена. Македонија десетина години беше жртва на таквиот консензуален принцип на одлучување од ЕУ, поради ставот на Грација, а и понатаму може да остане заглавена во своите евроинтеграции (и покрај Преспанскиот договор, кој е пофален во заклучокот на Советот на ЕУ) при секое евентуално разидување на мислењата на една земја-членка со преостанатото мнозинство. Иако навидум таквиот принцип на консензус во ЕУ треба да го нагласи единствено на земјите-членки, во практиката се покажува дека тој во голема мера ги става под прашалник основните вредности на демократичност, со кои се гордее Унијата.

Целокупната иднина на процесот на проширување во периодот што следува многу ќе зависи од способноста на ЕУ да сфати дека всушност не се работи за „нас“, туку за нив. Дека ЕУ мора да дава пример и прва да ги почитува и спроведува вредностите за кои се залага и ги бара од другите, Понатаму, дека ЕУ мора да држи до својот збор доколку сака да биде респектирана и почитувана од другите.
Внатрешното европско раслојување што се одвива во моментов само дава на знаење дека нешто чудно се случува внатре во самата Унија.

Од друга страна, домашната јавноста мора да разграничи дека отворањето и затворањето на бриселските поглавја што ни следуваат ги зафаќаат сите неопходни реформи за просперитетна европска држава. Ако за ова прашање има цврст општонароден консензус, за разлика од оној нефункционалниот европски, земјава можеби ќе биде членка на ЕУ и за помалку од десет години. Ако досега ги издржавме болната транзиција, економските блокади, ветата, редицата индуцирани и наметнати кризи, како што беше и неразјаснетиот воен конфликт во 2001-та, наметнатиот спор за името од Грција, сега треба да се издржи и ова реформирање на Унијата.
Иако изгледа дека тоа е многу време во еден човечки живот, за историјата е сепак само миг. Не бадијала велат дека на маката се познаваат јунаците. Од друга страна, неправдата што ни се нанесува треба да биде само мотив повеќе да не потклекнеме на нашиот пат кон подобра и посветла иднина. Без разлика на каприците и можните сопки на тој пат од кого било.

[email protected]