Се бара вакцина и за хакерскиот вирус

Сајбер-нападите за многу брзо време во светот, но и во Македонија, прераснаа во една од најголемите закани врз функционирањето на државите на различни нивоа и врз нивниот безбедносен систем. Справувањето со овој предизвик и нивното успешно превенирање подразбираат здружен институционален одговор на земјата, во соработка со сојузниците од НАТО и ЕУ

Во ера кога се соочуваме со пандемија предизвикана од ковид-19 светот паралелно е нападнат и од електронски вирус, кој заедно со сајбер-криминалот и хакерските напади прави големи штети, на кои не се имуни ниту моќните држави, ниту меѓународните институции, па дури ниту банкарските системи.
Потврда за тоа колку државите, институциите и компаниите се ранливи од сајбер-напади за време на тековната пандемија можеби би можела да се воочи токму во минатонеделните настани, каде што беа регистрирани хакерски упади во Америка, Европа и во останатиот дел од светот.
Според пишувањата на светските агенции, цел на хакерите овој пат беа веб-страниците на Владата на САД, делови на интернет-платформата на „Фејсбук“, а на Стариот Континент беше извршен обид за одземање на документите поврзани со апликацијата за одобрување на вакцината против коронавирусот на „Фајзер“ и „Бионтек“.
Хронолошки гледано, прв случај беше оној поврзан со хакирањето извршено од страна на Кина и Русија во Америка. Во заедничката изјава на Федералното истражно биро на САД, Агенцијата за безбедност на инфраструктурата и Кабинетот на директорот на националното разузнавање се наведе дека станува збор за случување што е сѐ уште активно, а тамошните истражители вината за настаните ја посочуваат кон дејствувања на хакерска група од Пекинг и Москва.

Колку нападот бил сериозен и каква штета била направена пишува и „Вашингтон пост“. Доказ за сериозноста е и итниот состанок што се одржал во Белата куќа, каде што се сретнале претставници на Советот за национална безбедност. Во своите публикации американските медиуми, повикувајќи се на американски официјални лица, информираа дека во моментов постојат сомнежи дека хакерските дејства почнале пред неколку месеци, а неодамна само биле откриени и дека тие сѐ уште траат.
На тлото во Европа, пак, Европската агенција за лекови (ЕМА) информира дека била цел на сајбер-напад. Според информациите на институцијата, хакерите во време пред почнување на масовната вакцинација на светското население се обиделе да украдат документи поврзани со апликацијата за одобрување на вакцината против коронавирус на фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите публикувани во извештајот насловен „Пејзаж на закани 2020“, објавен од страна на европската Агенција за сајбер-безбедност на ЕУ (ЕНИСА).

Во документот се констатира дека за време на пандемијата, сајбер-криминалците ги унапредиле своите можности, хакерите брзо се адаптирале и поефикасно ги спроведувале своите активности. ЕНИСА предупредува дека овој глобален феномен во моментов доведе до состојба каде што има наплив на сајбер-напади, при што хакери користат напредни методи и техники во своето дејствување.
Во меѓувреме, иако Македонија е мала држава на светската мапа, сепак овие глобални случувања допираат и кај нас. Имено, за потсетување, за време на парламентарните избори што се случија летоска беа хакирани страниците на Државната изборна комисија, на агрегатот за пребарување вести „Тајм“ и страниците на повеќе медиуми. Дополнително, Македонија има и свое неславно минато на оваа тема, во кое македонски хакерски групи од Велес беа поврзувани за интернет-дејствувања на американските избори, во кои пред повеќе од четири години победи тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Овие информации покажуваат дека хакерството е активно во земјата, но и тоа дека и таа е ранлива на вакви сајбер-дејствувања.
Од друга страна, пак, вреди да се напомене дека Македонија во моментов е држава што се наоѓа под заштитниот чадор на НАТО, а Алијансата во својата најнова стратегија „НАТО 2030“ токму борбата со хакерите ја вметнува во своите главни предизвици.
Но, и покрај заштитата на Алијансата, оние што раководат со земјата треба да се свесни дека се соочуваме со електронска пандемија, па за нејзино превенирање е потребно да се изградат капацитети, да се обучат стручни човечки кадри и да се подготват планови со кои институционално и дигитално ќе се заштитиме себеси, државата и институциите во неа.

[email protected]