Секое работно место треба да се брои

Состојбите со пазарот на трудот во Македонија, како и одржливоста на пензискиот систем, водат кон потребата од континуирано воведување и спроведување добро осмислени мерки, кои ќе резултираат со поголем раст на вработеноста. Проблематиката воопшто не едноставна, ниту пак може да се реши со една или две мерки, но продолжената неизвесност наметната од корона-кризата, која и понатаму е присутна, треба да биде уште поголем поттик да се бараат решенија и модели за раст на вработеноста

Пандемијата на ковид-19 освен што промени дел од вообичаените текови во економијата и во секојдневниот живот на граѓаните, направи рез и во пазарот на трудот, но и во пензискиот систем во земјава. Паралелно со борбата за спас на заболените од новиот вирус, кој и понатаму продолжува да се шири, се наметна потреба и за спас на работните места. Иако беа воведени повеќе различни мерки за поддршка на економијата, меѓу кои и мерка за исплата на платите на работниците, без да навлегуваме во ефикасноста од примената на овие мерки, сепак, за жал, може да констатираме дека се отпуштаат работници. Последниве месеци сме сведоци на „бранови отпуштени работници“, кои се закануваат да се повторат и во наредните месеци, можеби уште посилно, поради новите соеви на коронавирусот и опасноста од нови рестриктивни мерки, кои се воведуваат или би можеле да се воведат низ европските земји, особено оние со кои Македонија најмногу тргува.
Намалувањето на бројот на вработени граѓани има негативен импакт и врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој во своите анализи утврдил дека има намалување на бројот на осигуреници, со што соодносот меѓу осигуреници и пензионери се намалил. Бројот на корисници на пензии е во нагорна линија, но бројот на вработени граѓани или осигуреници се намалил. Податоците што ги објави ПИОМ во својот извештај покажуваат дека бројот на осигурените лица од 581.405 граѓани во 2019 година се намалил за 9.542 осигуреници. Односно, во 2020 година ПИОМ има приливи од 571.863 осигуреници.

Од друга страна, бројот на пензионери се зголемил и од 322.704 пензионери во 2019 година, лани достигнале до 325.125 пензионери. Ова благо намалување на соодносот меѓу пензионерите и осигурениците не е невообичаено за македонската економија, и сега бројките велат дека имаме 1,8 вработено лице на еден пензионер. Сепак, пожелно е овој тренд да биде стопиран уште на самиот старт. По долги години, кога соодносот меѓу пензионерите и осигурениците беше уште помал, последниве години соодносот се одржуваше на 1,9 или 1,8 осигуреник на еден пензионер. Со оглед на неминовната потреба од редовни трансфери од државната каса во фондот за исплатата на пензиите, неопходно е да се наоѓаат мерки што ќе го стимулираат растот на вработеноста, а со тоа и растот на осигурениците, кои, пак, го полнат и буџетот на фондот и ги обезбедуваат пензиите.
Но не се само податоците на ПИОМ што укажуваат на намалување на работната сила и на намалување на работните места. Податоците на Државниот завод за статистика, исто така, упатуваат на намалување на опфатот на граѓани на пазарот на трудот. Последните бројки говорат дека имаме раст на неактивните граѓани, односно на работоспособни лица што не работат ниту пак бараат работа. Ако во првото тримесечје минатата година од вкупно 1.685.236 граѓани, активни биле 967.733, од нив вработени 811.106 лица, а невработени 156.627 граѓани, годинава од 1.685.564 работоспособни граѓани активни биле 943.964, а од нив вработени 793.121, додека невработени или лица што бараат работа, но не работат 150.843 граѓани. Овие бројки покажуваат дека иако пораснал бројот на работоспособни граѓани, имаме намалување и кај активните лица, односно оние што сакаат да работат, но и кај вработените граѓани, па дури и кај оние што не се вработени.
Наспроти ова, имаме раст на граѓани што воопшто не се активни на пазарот на трудот, а причините може да бидат многубројни. Во првиот квартал од 2020 година имало неактивни 717.503 лица, а нивниот број во 2021 година пораснал на 741.600 лица. Иако причините за неактивност на граѓаните се многубројни, почнувајќи од одлуката за чување деца, чување изнемоштени или болни лица, но и поради студирање или други планови… сепак, заедничко за сите е што ниту се вработени ниту, пак, бараат работа. Чести се укажувањата дека некои од овие граѓани, сепак, нешто работат, но не се пријавени на нивното работно место, односно нема официјални податоци дека работат. Поради тоа за нив не се плаќаат придонеси и не се одвојуваат средства за буџетот на ПИОМ, ниту, пак, имаат право на здравствено осигурување или другите бенефиции што ги добиваат граѓаните што се пријавени во согласност со законите во земјава.

Дури и само дел од неактивните граѓани да се активни на пазарот на трудот, но притоа не се вработени поради различни причини, упатува на заклучок дека тие се опфатени во таканаречената „сива економија“, што е уште еден сериозен проблем, за кој е неопходно да се најадат мерки и модели со кои и овие граѓани ќе бидат видливи во системот. Нелојалната конкуренција го поткопува стопанството, која во овој случај се наметнува преку неплаќањето на задолжителните трошоци што ги имаат компаниите за секој вработен работник за здравствено и пензиско осигурување. Со непријавувањето на работниците, одредени компании имаат предност пред другите токму поради помалите трошоци за вработените.
Ваквите бројки за состојбите со пазарот на трудот во Македонија, но и за одржливоста на пензискиот систем во земјава, неминовно водат кон потребата од континуирано воведување и спроведување добро осмислени мерки што ќе резултираат со поголем раст на вработеноста. Проблематиката воопшто не е едноставна, ниту пак може да се реши со една или две мерки, но продолжената неизвесност наметната од корона-кризата, која и понатаму е присутна, треба да биде поттик повеќе да се бараат решенија и модели за раст на вработеноста. Истовремено и понатаму треба да продолжи борбата за спас на работните места, кои и какви мерки ќе се спроведуваат во иднина зависи од состојбите на терен, кои низ сеопфатни анализи треба да ги утврдат надлежните.