Сеалбанска интеграција може, балканска никако?!

Случувањата во Тирана уште еднаш ги потврдија сите фрустрации што се присутни на овие простори и тоа дека и на најдобрите идеи се гледа со скептицизам и недоверба. Во исто време, во секоја можна пригода се манифестираат најдобрите намери за некаква „албанска“ или „сеалбанска“ интеграција. Само во последниве два-три месеца албанскиот премиер Еди Рама неколкупати даде изјави во таа насока. Најпрво дека целта на неговата политичка кариера е „да ја обедини Албанија со Косово“, додавајќи дека по 2030 година се гледа себеси на друго место и далеку од политиката, но дека тоа не го спречува да има план за обединување на Албанија и Косово. Само малку подоцна тој изјави дека верува во обединување на Албанија со Косово и дека за тоа би гласал и на референдум, но додаде дека не знае кога ќе се случи тоа…

Изминатите два дена во Елбасан и во Тирана, Албанија, се одржа самитот на „Отворен Балкан“. Иако и овој пат, како и на претходните самити, во Белград и во Скопје, беа поканети и државите од регионот што му припаѓаат на т.н. Западен Балкан, сепак Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина повторно го бојкотираа самитот, па, така, во Тирана се сретна само тројката Рама, Вучиќ и Заев.
Иако Европа уште на самитот во Солун во 2003 година подвлече дека без решавање на сите нивни меѓусебни спорови и разидувања за државите од Западен Балкан нема нивна интеграција во Европа, сепак Косово, Црна Гора и БиХ отворено се спротивставуваат на идејата за „Отворен Балкан“. Но Косово и Албанија, пак, никако не се спротивставуваат на идејата за нивно интегрирање. По сите основи.
Идејата „Отворен Балкан“ како еден поширок интегрирачки проект доби силна опструкција во Тирана. Имено, за време на самитот беа одржани протести во текот на двата дена, токму додека се одвиваа предвидените активности на тројцата споменати лидери и нивните делегации. Протестите беа иницирани и организирани од албанската опозиција предводена од бившиот премиер Сали Бериша, при што „на помош“ дојдоа дури и демонстранти од Косово. Сите тие најпрво организираа голем протестен собир, со кој се обидоа да го спречат одржувањето на средбата на тројцата премиери, при што предизвикуваа немири, кои резултираа со палење на српското државно знаме.
Се случи и еден инцидент, за среќа без посериозни последици. Кога млад човек се обидел да го извлече српското знаме од столбот среде Тирана, тој успеал да скине половина од знамето, а преостанатиот дел останало на столбот. Притоа, протестантот паднал од значителна висина.

Случувањата во Тирана уште еднаш ги потврдија сите фрустрации што се присутни на овие простори и тоа дека и на најдобрите идеи се гледа со скептицизам и недоверба.
Ако се има предвид низ што сѐ поминаа државите од регионот по распадот на Југославија и колку илјади невини лица ги загубија своите животи во крвавиот расплет на југословенската крвава бајка, тогаш за таквите фрустрации и недоверби можеби некој ќе рече дека се очекувани и донекаде оправдани. Но од војната во Југославија изминаа цели три децении. Оттогаш во регионот се појавија неколку не само нови генерации политичари туку нови генерации млади луѓе, кои не беа сведоци на воените трауми. Животот не смее да застане во минатото, тој продолжува.
Протестите во Албанија покажаа дека нивните организатори со своите назадни и ретроградни идеи и натаму живеат во минатото. А одамна на сите им е јасно дека нема интеграција во ЕУ без решавање на сите недоразбирања, разидувања или спорови на земјите од регионот и без нивна „европеизација“ и искрена соработка. Колку за таквата интеграција придонесуваат ваквите протести, но и некои не толку дамнешни изјави и постапки на албанските политичари, не треба многу да се објаснува. Она што паѓа в очи е дека кога станува збор за балкански интеграции, тогаш се палат знамиња, се организираат протести, се фрла со јајца или други предмети по возилата на официјални делегации, како при посетата на Заев на Тирана или, пак, се преземаат дополнителни засилени мерки на обезбедување, како при посетата на Пендаровски на Приштина, а тоа е само дел од она што ѝ е познато на пошироката јавност.
Во исто време, во секоја можна пригода се манифестираат најдобрите намери за некаква „албанска“ или „сеалбанска“ интеграција. Само во последниве два-три месеца албанскиот премиер Еди Рама неколкупати даде изјави во таа насока. Најпрво дека целта на неговата политичка кариера е „да ја обедини Албанија со Косово“, додавајќи дека по 2030 година се гледа себеси на друго место и далеку од политиката, но дека тоа не го спречува да има план за обединување на Албанија и Косово. Само малку подоцна тој изјави дека верува во обединување на Албанија со Косово и дека за тоа би гласал и на референдум, но додаде дека не знае кога ќе се случи тоа, на заедничката конференција во Елбасан, Албанија, со косовскиот премиер Албин Курти.
Позната е и неговата изјава дека Косово и Албанија имаат намера да ги отстранат границите и дека албанското пристаниште Драч набргу ќе стане косовско.

Тој го изјави тоа на почетокот на седницата на албанската и косовската влада, која се одржа во Конгресната палата во Тирана. „Нашата амбиција е да ја отстраниме границата меѓу Албанија и Косово. Договорот што ќе го потпишеме набргу меѓу двете земји нè води кон крајната дестинација – трансформација на пристаништето Драч во де факто пристаниште на Косово“, рече Рама.
Колку се во корелација со идејата за „Отворен Балкан“ неговите зборови кога зборува за Косово, не треба многу да се анализира. Промоцијата на проектите за интеграција на државите по етничка основа, како Косово со Албанија, или Србија со Република Српска, се потези на очајници и губитници, кои со таквите идеи сакаат не само тие соседни држави туку и целиот Балкан да го втурнат во нови неизвесности и крвави расплети.
Проектот „Отворен Балкан“, кој според тројцата лидери е автентичен, треба да придонесе за брзо и ефикасно функционирање на институциите од државите во регионот и за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи. Затоа, пак, државите од Западен Балкан најпрво треба самите меѓу себе да се „обединат“ околу европската идеја, за потоа да станат дел од европското семејство. Разединет Балкан никому не му треба. Најмалку на Европа.