СДСМ не знае да владее, ВМРО-ДПМНЕ не знае да биде опозиција

Обесхрабрува фактот дека станува збор за континуитет на одамна воспоставениот систем на безочност, неодговорност и неказнивост, во кој партиите само се сменуваат на власта со истиот начин на владеење, а нивните кадри заради одржување во политичкиот живот и на високи државни функции, во меѓувреме, само преминуваат од една во друга партија или коалиција, како овци на испаша во потрага по свежа трева, продолжувајќи да ги уживаат незаслужените бенефиции

Зад Владата се десет месеци талкање во магла, без никакви забележителни резултати во спроведувањето на ветените реформи, без идеи што понатаму, со кревка владина коалиција и мошне тенко парламентарно мнозинство, но со огромен товар од изневерените очекувања, пред сѐ на сопственото членство и симпатизери. Владата, по сѐ изгледа, и ќе продолжи да талка низ времето и просторот, во границите на можното, симулирајќи дека ги исполнува барањата пред сѐ на меѓународната заедница, наместо да креира сопствена политика и храбро да се соочи со предизвиците. Така, наместо сериозен политички пресврт, кој уште вчера беше неопходно да се случи заради здравјето на државата и на општеството, времето и понатаму се троши во безидејност и во повторување на истите грешки.

Опозицијата, пак, е само другата страна на одамна девалвираната паричка. Разединета, сведена на исплашеното раководство и на група викачи од маргиналните позиции во структурата што неповратно се урива. Со изговорот дека го бојкотира парламентот поради притворените сопартијци, опозициската ВМРО-ДПМНЕ му ја возвраќа на СДСМ услугата оставајќи го заедно со коалициските партнери слободно да штанца по десетици закони дневно без никаква парламентарна расправа. Во меѓувреме ја вртат старата плоча за предвремени парламентарни избори и за влегување во Владата на сто дена пред гласањето. Сѐ на сѐ, повторно враќање на старото.

И наместо за сериозни реформи во стопанството, правосудството, здравството…, реконструкција и изградба на инфраструктурата, конечно усогласување околу највисоките државни и национални интереси и за наоѓање ефикасен начин за заздравување на тешко заболеното општество, тие повторно зборуваат за ревидирање на изборното законодавство и за разместување на столчињата во државните институции. А да, зборуваат и за субвенционирање на политичките партии. За да им се множат платите, хонорарите, апанажите, субвенциите… До кога? Со тоа ли ќе се спасуваат партиските структури? На секои две години избори, едни на државни функции, други на апанажа. Па повторно престројување. Во меѓувреме, блокада, бојкот и неработење. И, се разбира, недокажани меѓусебни обвинувања, мрсни и пикантни, тамам за да можат празните желудници на народот да ги варат што подолго, додека тие парадираат пред судовите, кои се неспособни да донесат барем една издржана пресуда освен ако не треба набрзина да се пресуди за некое гревче на сосема обично човече. Ништо лично, се разбира. Само заради статистиките.

И наместо за сериозни реформи во стопанството, правосудството, здравството…, реконструкција и изградба на инфраструктурата, конечно усогласување околу највисоките државни и национални интереси и за наоѓање ефикасен начин за заздравување на тешко заболеното општество, тие повторно зборуваат за ревидирање на изборното законодавство и за разместување на столчињата во државните институции. А да, зборуваат и за субвенционирање на политичките партии. За да им се множат платите, хонорарите, апанажите, субвенциите… До кога? Со тоа ли ќе се спасуваат партиските структури? На секои две години избори, едни на државни функции, други на апанажа. Па повторно престројување. Во меѓувреме, блокада,
бојкот и неработење

Обесхрабрува фактот дека станува збор за континуитет на одамна воспоставениот систем на безочност, неодговорност и неказнивост во кој партиите само се сменуваат на власта со истиот начин на владеење, а нивите кадри заради одржување во политичкиот живот и на високи државни функции, во меѓувреме, само преминуваат од една во друга партија или коалиција, како овци на испаша во потрага по свежа трева, продолжувајќи да ги уживаат незаслужените бенефиции.

Случајно или не, но ако се погледне наназад, може да се забележи дека трендот на опаѓањето на квалитетот на политичката дебата, пред сѐ во парламентот, како клучен столб на политичкиот систем, неговите континуирани бојкоти и блокади и деградацијата на функцијата пратеник и на самата институција, започнува со професионализацијата на пратеничката функција, некаде во 2002 година. Наместо да се случи спротивното.

И бидејќи ним сигурно нема да им текне, јавноста можеби би требало да изврши притисок во пакетот за кој, се разбира, надвор од парламентот и далеку од очите и ушите на јавноста, наводно, се преговара помеѓу политичките партии, да биде вметната и темата за евентуално намалување на привилегиите на пратениците, но и на редица други државни функционери на кои од буџетот редовно им се исплатуваат не баш малите месечни плати и други надоместоци, независно од нивниот ангажман и постигнатите резултати. Можеби дури и да се намали нивниот број. Тие и така ги носат одлуките раководејќи се исклучиво од личните, партиските или од интересите на некакви други центри на моќ. Па, тие нека им ги обезбедат платите или самите нека се потрудат да си ги заработат. Јасно дека тоа нема да помине, но сигурно добро би им дошло како потсетување за тоа колку се оддалечени не само од реалниот живот туку и од суштината на своето постоење, да ги претставуваат и да ги застапуваат интересите на тие што ги избрале, а притоа власта да биде власт, а опозицијата – опозиција, без оглед колку тешко ќе му падне тоа некому.

Така е зашто власта за своите одлуки и постапки треба да презема одговорност, а опозицијата треба да ја докаже издржливоста на својата структура, а тоа најдобро се докажува кога партијата е во опозиција. Знам, некои ќе се обидат да реплицираат со тврдењето оти целта на секоја политичка партија е освојување на власта. Да, точно, освојување. Но со идеи и програми, а не со притисоци и уцени, што е многу лоша практика воспоставена во изминатиов период и со која треба да се прекине. Во ситуацијата кога веќе не се знае каде започнува, а каде завршува нечиј мандат, кој е власт, а кој опозиција, кога нештата се заматени до таа мера што веќе не можат да се лоцираат ниту одговорноста, ниту заслугите за одредени „постигнувања“, партиите можат да си дозволат да ги пополнуваат фотелјите со неквалитетни кадри, па дури и по двајца да ставаат на една позиција зошто неквалитетот и дисфункционалноста и на власта и на опозицијата така најдобро се маскираат, а и одговорноста се релативизира.