Сдсмовски и вмровски воздух

За Македонија во моментов загадувањето на воздухот е државен непријател број 1, кој не избира кого ќе нападне. Тој е како масовен убиец пуштен слободно да шета. И што правиме ние, институциите и државата воопшто. Ништо. Чекаме господ да ни се смилува, да дувне однекаде ветар или да заврне дожд. Во меѓувреме, она што главно се прави е префрлање на топката од едни на други, демек за загадениот воздух се виновни другите и проблемот не бил од сега

Флоскулата заробена држава, која беше актуелна пред некое време и се однесуваше на нефунционaлноста на институциите и политичкото влијание врз нив, сега добива една нова, поинаква димензија. Македонија повторно е заробена држава. Најзаробена од сите во Европа. Заклучени сме однатре, со затворени врати и прозорци, зошто секое излегување надвор носи потенцијална опасност по животот и здравјето на граѓаните. Сите станавме куќни затвореници без никаква вина, единствено само поради нечија негрижа, неспособност, незнаење, неагилност…

Оние што, сепак, мора да излезат од дома и да одат на работа, училиште, во продавница и слично се маскираат како нинџи, само очите да им се гледаат. И притоа настојуваат што помалку и поплитко да вдишуваат. Зашто со секое вдишување и отворање на устата внесуваме отрови во организмот. Жално навистина.
Сѐ уште ненавлезени во грејната сезона и во период на релативно високи дневни температура за овој период од годината, а веќе сме неприкосновени европски лидери по загадувањето на воздухот. Според Европската агенција за животна средина за загадување на воздухот во Европа, Македонија е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во повеќе нејзини градови.

Лани во одредени периоди од зимата дури бевме и светски лидери. Состојбата станува толку алармантна што невладините организации повикуваат на активирање на војската и полицијата за спречување на загадувањето на воздухот. Небаре се наоѓаме во некаква воена или вонредна состојба, па вооружените сили треба да интервенираат. Но токму ваквиот повик за вклученост на војската е израз на очај, разочараност, безнадежност на граѓаните од досегашното непреземање никакви мерки за спречување и намалување на последиците од масовното труење што ни се случува секојдневно.
Од друга страна, поврзувањето на загадениот воздух со интервенцијата на војската има некаква смисла со оглед на фактот што загубите во човечки животи и финансиската штета од непреземањето мерки против загадувањето на воздухот се како земјата да е на воен фронт.

Според најновите анализи на Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е главниот причинител за илјадници смртни случаи годишно и зголемен број лица со респираторни заболувања. На воените фронтови некогаш гинеле помалку луѓе отколку што денес убива воздухот.

За Македонија во моментов загадувањето на воздухот е државен непријател број 1, кој не избира кого ќе нападне. Тоа е како масовен убиец пуштен слободно да шета. И што правиме ние, институциите и државата воопшто. Ништо. Чекаме господ да ни се смилува, да дувне однекаде ветар или да заврне дожд. Во меѓувреме, она што главно се прави е префрлање на топката од едни на други, демек за загадениот воздух се виновни другите и проблемот не бил од сега. Со ваквата бесполезна и празна реторика, замислете, политичарите дури и воздухот го поделија на сдсмовски и вмровски, иако во еден ист котел се задушуваме и страдаме сите. Наместо заедно да се зафатат со решавање на проблемот, се тера некаква политичка кампања и се бараат изговори кој што ветил, кој што направил, односно не направил. Да биде парадоксот уште поголем, во своите изборни програми, и власта и опозицијата ги поставиле екологијата и здравата животна средина како највисок приоритет. Но тоа само на хартија. Ако е приоритет, зошто сме тогаш на дното на Европа и секој ден се бориме за здив.
Можеби некој мисли дека загадениот воздух е одлична предизборна тема за собирање гласови, што во околностите во кои се наоѓа државата е по малку морбидно. Сопствените граѓани да ви се задушуваат секојдневно, а некој да мисли на фотелја и гласови, притоа и самите дишејќи го истиот отровен воздух.

Затоа, крајно време е да повлечеме црта и да кажеме доста беше. Недобивањето датум за ЕУ е болно, но ниту во најмала рака не е толку смртоносно и отровно како загадениот воздух. Како политичарите и од власта и од опозицијата не можат да сфатат дека ова е геноцид врз сопствениот народ и држава. Дека страдаат сите, без разлика на политичката или етничката припадност и независно од полот, возраста, образованието итн., бидејќи сите мора да дишат. Слоганот „живот за сите“ во моментов веројатно посоодветно би звучел како „воздух за сите“. Или слоганот „обнова на Македонија“ да се преиначи во „кислород за Македонија“.

Битката за чист воздух во моментов е можеби најважното прашање за државата.
Во таа насока ме чуди што никој досега не се сети да свика, да речеме, лидерска средба за воздухот. Или, уште подобро, итна собраниска седница на која ќе се дефинираат итни неодложни мерки за борба против загаденоста на воздухот.
Зашто ако политичките елити и државните институции не се способни да се справат со една ваква животозагрозувачка опасност по граѓаните, како тогаш ќе одат на избори во април, ќе ветуваат сѐ и сешто и ќе бараат доверба од граѓаните.

Секој обид за барање изговори, оправдување, во стилот „па, не може ова да се реши прекуноќ“ и слично, ги отфрлам со згрозеност и индигнација. Зашто не е прекуноќ. На истава тема само нашиот весник пишуваше и предупредуваше и лани и преклани и години пред тоа. Баравме применливи решенија, но и нудевме предлог-мерки. Но, за жал, ништо не се направи.

Во највисокиот правен акт, како што е Уставот на државата, е запишано дека секој човек има право на здрава животна средина. Тоа подразбира и право на чист и здрав воздух. Ова законско и уставно право во Македонија одамна е прекршено. За тоа мора да се преземе одговорност. Зашто бадијала ни се разни стратегии на хартија или проекти во најава, како трамвај на водород и слично, ако не се зафатиме веднаш со мерки за надминување на проблемот. Изгубено е премногу време досега и неопходна е итна акција.

Покрај човечките загуби и илјадници смртни случаи годишно, загадувањето на воздухот и респираторните заболувања ја чинат државата и огромни парични средства од гледна точка на здравствени услуги, отсуство од работа, намалена продуктивност итн. Во прашање се стотици милиони евра годишно, кои се губат неповратно, а кои државата ги нема.

Притоа секаде во Европа и во светот се преземаат драстични и ригорозни мерки, меѓу кои високи парични и затворски казни, за борба против загадувањето на воздухот. И Македонија треба да ги користи таквите искуства, кои даваат резултати. Сега и веднаш. Да направи план за брза акција и да започне веднаш да го спроведува. Најголемите причинители и изворите на загадување се горе-долу познати, што го олеснува подготвувањето сеопфатна стратегијата, методологија и динамика на дејствување и отстранување на причините и последиците.
Пак ќе повторам, секој обид од кого било за барање изговори, оправдување, во стилот „па, не може ова да се реши прекуноќ“ и слично, мора да се отфрли веднаш со згрозеност и индигнација.

Притоа, неопходно е да се внимава дека популистички и несоодветно дефинирани мерки може да предизвикаат поголема штета.
Ајде конечно да ја ослободиме државата од ПМ 10, ПМ 2.5, CO2, SO2, NO2 и сите други штетни отровни супстанции што секојдневно ги вдишуваме. Па, дури потоа, прочистени, деконтаминирани, да се посветиме на другите теми и да влеземе во изборната кампања. Чистиот воздух и вода, природата и животната средина се национално богатство на секоја држава и грижата за нив им е должност и одговорност на сите. Спротивно од тоа, негрижата, загадувањето и непреземањето мерки, пак, се колективно и тивко самоубиство на народот и државата. Во никој случај не смееме да го дозволиме тоа.

[email protected]