Свето тројство за Македонија

Годинава, во услови на пандемија,едноподруго ќе ги одбележиме Велигден, Први мај и Светскиот ден на слободата на медиумите. Секој од нив има своја посебна тежина и значење, но истовремено и сите заедно нудат надежи за посветла и подобра иднина на граѓаните. Само со верба, работа и вистина, како три клучни збора што ги обединуваат сите три празници, Велигден, Први мај и Денот на медиумите, ќе успееме заедно да ги пребродиме сите предизвици и да излеземе посилни од претходно и во овие тешки времиња

Македонија годинава во услови на пандемија одбележува три значајни празници и настани, од кои секој одделно има своја посебна тежина и значење, но истовремено и сите заедно нудат надежи за посветла и подобра иднина. Традиционално, најголемиот христијански празник, Христовото воскресение, Велигден, се празнува со голема љубов и верба кај православните верници, како симбол за најголемата победа за луѓето, победата над гревот и смртта. И годинава поради опасностите од пандемијата Велигден ќе се слави во поинакви услови од оние на кои бевме навикнати претходно. Поради пандемијата на коронавирусот, наместо масовни собири во црквите, препораките се празникот да се одбележи скромно и со почитување на здравствените протоколи. Свештениците потсетуваат дека токму овој празник бара послушност и воздржување додека не ја победиме опасноста што ја носи вирусот. Дополнително, христијаните во земјава можат за време на празникот да се помолат за здравјето на своите ближни и да посакаат процесот на имунизација што поскоро да заврши во Македонија и животот да се врати во нормала. Значи, покрај славењето на Христовото воскресение, молитвите годинава ќе бидат и за здравје и просперитет на сите. Во предвечерјето на Велигден, годинава се падна
празникот на трудот и на работниците – Први мај.

Оваа година овој голем интернационален работнички јубилеј, и Македонија и светот го дочекуваат во многу тешки економски околности. Имено, здравствената криза предизвикана од коронавирусот силно ја погоди економијата, предизвикувајќи големи потреси и нарушувања и на пазарот на трудот, при што многу работници останаа без работа.
Токму Први мај ја симболизира борбата за заштита и унапредување на работничките права и тој се одбележува во знак на почит кон оние што се „моторот“ и движечката сила на македонската економија, кои, за жал, најмногу го почувствуваа негативниот удар од пандемијата и здравствената криза.
Имено, годинава пандемијата сотре илјадници компании од постоење, а според официјалните државни статистики најмалку 18 илјади работни места се изгубени. Допрва се најавуваат уште потешки времиња, иако властите се обидуваат со своите економски мерки да ги заштитат фирмите од згаснување. И да ги спасат работните места.
Сега повеќе од кога било, на овој јубилеј натежнат од ковид-19, е потребно да се засукаат ракавите и на оние што раководат со државата, со претпријатијата, но и на обичните работници, за да се пребродат овие тешки времиња. Во овие моменти работниците треба да ја надминат синдикалната разединетост, да ги решат нивните разлики и да си овозможат подобрување на суштинските потреби и проблеми, а со тоа да се создаде клима за побрз напредок на компаниите, поголема продуктивност и со тоа повисоки приходи.
На 3 Мај ќе се одбележи Светскиот ден на слободата на медиумите. Овој јубилеј го празнуваме за да ја прославиме моќта на слободните медиуми дури и во тешки времиња како што е ова, кога светот живее со пандемијата на коронавирусот.
Дополнително, пандемијата во Македонија создаде и медиумски амбиент за хиперпродукција на лажни вести и игнорирање на новинарските професионални стандарди од страна на квазиновинари и квазимедиуми. Но исто така овој период беше и време кога се изостри усетот на читателот да се препознаат улогата и мисијата на професионалните медиуми во светот и во Македонија.
Она што е исклучително важно во овие тешки времиња е фактот дека пандемијата на коронавирусот ги промени условите и начинот на кој функционираат медиумите во светот и во Македонија. Таа сериозно ги погоди најмногу весниците и ги попречи нивното финансиско опстојување и одржливост. Оттука, таканареченото „ново нормално“ во услови на здравствено-економска криза стана уште потешко за печатените медиуми во земјата и во регионот.

Печатените медиуми се исклучително битен елемент во јавниот интерес на сите во оваа држава. Тие со својот професионален интегритет, знаење, традиција и искуство не само што информираат, анализираат разни појави и случувања во државата туку и едуцираат, медиумски описменуваат, поттикнуваат општествена дебата итн. Токму поради оваа важна улога многу поразвиени земји од нашата за време на пандемијата, но и пред неа, активно и силно ги поддржуваат традиционалните медиуми, а особено весниците, со програми од финансиска природа, за одржување и поттикнување на нивната мисија, бидејќи се во целосна функција на граѓаните и јавниот интерес.
Нека овој медиумски јубилеј, кој како и претходните битни датуми, по вторпат по ред го дочекуваме во едни тешки околности, се искористи за потсетување на владите за потребата да се почитуваат и спроведуваат демократските заложби за слобода на медиумите. Само се верба, работа и вистина, како три клучни збора што ги обединуваат сите три празници, Велигден, Први мај и Денот на медиумите, ќе успееме заедно да ги пребродиме сите предизвици и да излеземе посилни од претходно и во овие тешки времиња.

[email protected]