Светот по пандемијата на ковид-19

Историјата на светот секогаш ја пишуваат победниците.
Во зависност од исходот и начинот на борба против ковид-19, секоја земја ќе ги правда користените средства. Но битно е која стратегија ќе ја избереме, затоа што од денешните зборови и дела ќе зависи нашата иднина во светот по пандемијата на коронавирусот

Дали Кина и САД се пријатели или непријатели во војната против коронавирусот? Вака гласи насловот на една геополитичка анализа за ривалството меѓу двете најголеми економии во светот. Нејзините автори прашуваат дали двете суперсили можат истовремено да бидат и ривали и блиски партнери, особено кога се соочени со ист непријател. Двете сили веќе меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за пандемијата, при што администрацијата на Доналд Трамп го нарекува ковид-19 „кинески вирус“, додека кинеските медиуми објавуваат тврдења според кои изворот на вирусот всушност бил од САД. Оваа геополитичка анализа завршува со констатацијата дека успехот во војната против крунестиот демон, несомнено, бара стратегиско партнерство меѓу двете суперсили, колку и да е тоа ограничено.

Пандемијата наведе многу аналитичари одново да укажат на важноста на меѓународната соработка. Најголемите оптимисти се надеваат дека глобалната криза ќе донесе еден нов свет, во кој ќе има промена на свеста и во кој интернационалното ќе го замени националното. Во овој нов свет би требало конечно да сфатиме што ѝ правиме на природата и дека мора да спроведуваме зелени политики ако сакаме да опстанеме и ние и планетата Земја. Во таа нова геополитичка констелација, политичките одлуки нема да бидат ориентирани кон чист профит, туку кон обезбедување подобар живот. Дипломатијата ќе го има главниот збор, конфликтите ќе се намалат, а личните слободи ќе го заземат централното место за сметка на државата.

Мора да се признае дека ваквиот идиличен поглед на светот по пандемијата на ковид-19 нема многу допирни точки со сегашната реалност. Тоа го посочуваат и многу аналитичари, кои се занимаваат со геополитички прогнози, правејќи паралели со слични кризи низ историјата на човештвото. Едни сметаат дека пандемијата само ќе ги зајакне национализмот и конфликтите во меѓународните односи, при што државите ќе се свртат кон себе, наместо да си помагаат една со друга на билатерално ниво или преку веќе изградените организации и сојузи, како ОН, НАТО или ЕУ.

Тие го посочуваат примерот со Првата светска војна, кога шпанскиот грип не донесе помирен свет, туку го зголеми антагонизмот и следуваше нова глобална војна.
Други аналитичари, пак, сметаат дека токму националната држава, а не меѓународните институции и сојузи, ќе профитира од пандемијата на коронавирусот – се разбира, во зависност од тоа како ќе одговори на кризата. Пандемијата, од една страна, би требало уште еднаш да покаже колку светот е меѓусебно поврзан и колку е битно што им се случува на сите луѓе на планетата. Но бидејќи земјите се затвораат во време на кризата и бараат начини како поефикасно да одговорат на неа, процената е дека ако го сторат тоа соодветно, довербата на јавноста ќе се зголеми во државните институции. Од друга страна, барем засега, меѓународните сојузи и институции не покажаа капацитети да носат компромиси и заеднички прифатливи решенија.

Еден пример за тоа е Европската Унија, која, како што оценува германски „Шпигел“, „се мачи да остане релевантна во време на пандемија“, додека државите ги затвораат границите и едвај покажуваат солидарност. Наместо да најде компромис, ЕУ одново ги покажа поделбите меѓу старите и новите, побогатите и посиромашните, меѓу северните и јужните членки. Тоа е особено видливо сега во случаите со Шпанија и со Италија, кои се мачат со најмногу заразени и починати од коронавирусот, но истовремено нагласуваат дека се чувствуваат изневерено од „европските партнери“ (се разбира, Кина и други довчерашни „ривали“ се тука за да го пополнат вакуумот).

Трети аналитичари, пак, се враќаат на темата на биполарноста на светот и на ривалството меѓу САД и Кина и прогнозираат дека втората суперсила ќе излезе како доминантна по пандемијата на коронавирусот. Ова е донекаде спротивно од првичните прогнози за „големиот кинески пад“ кога се појави вирусот и кога Кина ги затвори фабриките и практично ја запре економијата за да го спречи ширењето на заразата. Сега многу западни аналитичари и медиуми го обвинуваат Пекинг дека со пропаганда и со жестоки мерки сака да се позиционира како лидер во битката против коронавирусот, додека Вашингтон задоцнето реагира на кризата. Од друга страна, многу земји веќе побараа и примија помош од Кина во справувањето со коронавирусот (во здравствени експерти и во медицинска опрема), а нејзините строги методи на масовно откривање, тестирање, изолирање и лекување веќе се посочуваат како најефикасни во борбата против коронавирусот.

Четврти аналитичари оценуваат дека, како и во минатото, историјата на крајот ќе ја пишуваат победниците. Во зависност од исходот и начинот на борба против вирусот, секоја земја ќе ги правда користените средства против вирусот. Едни земји ќе тврдат дека најдобар систем е демократскиот и дека тој има солидна основа за справување со кризи, други ќе велат дека (за жал) демократскиот систем не може ефикасно да ја ограничи слободата и дека мерките за социјално дистанцирање најдобро можат да ги спроведат автократските земји. Трети ќе го правдаат масовното тестирање, а четврти можеби стратегијата „имунитет на стадо“. На крајот, битно е која стратегија ќе ја избереме, зашто од денешните зборови и дела ќе зависи нашата иднина во светот по пандемијата на коронавирусот.

[email protected]