Само со силна економија до подобар живот и членство во Унијата, а не обратно

Сузбивањето на вирусот и побрзата имунизација на населението се клучни за зачувување на животите. Но истовремено и борбата за спас на економијата е неопходна. Крајно време е фокусот да се стави и на неа. Само со правилно насочени мерки што ќе овозможат раст на економијата може да очекуваме и подобрување на позициите за евроинтеграциите на земјата

Подобрување на животниот стандард и условите во кои живееме е „пуста“ желба на македонскиот народ со децении. Водени од желбите за подобар животот, пред нас беа исправени многубројни пречки. Со години тежнееме кон членство во Европската Унија и во НАТО, со чие остварување верувавме дека ќе се подобри нашиот животен стандард. Искуството покажува дека желбите се остваруваат само ако напорно и посветено работиме кон остварување на нашите цели. Иако пред нашата држава се исправаа разни „кочници“ за приклучување кон Унијата, меѓу кои беше и ветото од соседна Грција, но и сегашната „барикада“ од соседна Бугарија, креаторите на политики мора да сфатат дека членството во Унијата ќе остане недостижно сѐ додека не напреднеме и економски и политички. Без развој и силна економија, желбите за подобар живот ќе останат неостварени, но и евроинтеграциите далечни.
Анализа, направена од платформата за процена на комплексни меѓународни прашања „Модерн дипломаси“, за нашата земја го истакнува значењето на економските политики и економскиот развој во евроинтеграциските процеси. Истакнуваат оти земјата се бори со масовна емиграција паралелно со опаѓање на стапката на природен прираст на населението, со што се намалува човечкиот капитал. Истакнуваат дека истражувањето и развојот се од суштинско значење за создавање високоплатени работни места, поттикнување на продуктивноста и зајакнување на економијата преку иновации и конкуренција на пазарот.

Оваа анализа е уште еден показател дека меѓу главните фактори за евроинтеграциите е економијата. Одложувањето на нашето членство не е резултат само на различните вета што ни беа наметнати туку и на слабиот економски напредок. Наспроти ветувањата и уверувањата од првите луѓе во државата дека најпосле ќе се посветат на економијата и дека „ќе имаме економска година“, напредокот никако да се случи. Фактот дека пандемијата го закочи севкупниот економски раст, но и ги закочи започнатите процеси во земјава е неминовен и неоспорен, но сепак, неизбежно се наметнува прашањето дали направивме доволно за да ја сузбиеме пандемијата и да ја поддржиме економијата.
Коронавирусот се рашири низ целиот свет, но одредени земји успеаја да го сузбијат ширењето и да овозможат нормален живот со строгите контроли, како на границите така и во местата каде што се откриваа нови случаи на заразени. Други, пак, се враќаат на претпандемиските или на вообичаените навики, и го враќаат социјалниот живот благодарение на навремената набавка на вакцини и брзата имунизација на населението.
Кина како светска економска велесила во која започна ширењето на ковид-19 не само што успеа да го сузбие ширењето со строгите карантински мерки туку веќе успева да ги поврати штетите направени врз економијата. Оваа земја забележа над 18 проценти раст на БДП само во првиот квартал од годинава.
Кога ќе остварува Македонија двоцифрени стапки на раст? Нашиот просек е три отсто, но со овој просек, па дури и со шест проценти, никогаш нема да го стигнеме европскиот стандард и секогаш ќе заостануваме зад европските земји. А поради нискиот животен стандард, вечно ќе тропаме на портите на Унијата.

Фактот дека заостануваме со економскиот развој зад земјите-членки на Унијата треба да биде мотив за посветено работење и овозможување услови за економско зацврстување. Само со силна економија може да се надеваме на подобар живот за сите нас, но и стопирање на процесот на иселување. А токму овие причини требаше да бидат силен поттик за навремено носење и спроведување на мерките за спас на економијата. Голем број мерки беа донесени минатата година, а нивната реализација беше проследена со разни одолжувања и нејаснотии, некои иако се одамна донесени сѐ уште не се спроведени или, пак, и понатаму чекаат на собраниски кворум и договор.
Ако приоритет на сите чинители во политичкиот живот беше благосостојбата на населението, одамна ќе беа изгласани новите мерки за поддршка на стопанството. Наспроти крикот на работниците што ја чекаат февруарската плата, веќе два месеца следиме „театарски претстави“, во кои главни учесници се владините претставници и опозицијата со меѓусебни расправии кој е повиновен што минималецот сѐ уште не е пристигнат кај дел од работниците. Одредени сектори се соочуваат со забрани за работа, со неможност да ги покријат трошоците, а камоли платите, па тоа ги натера да излезат на улица и да протестираат барајќи државата да го поддржи нивниот опстанок. Апелите за помош, но секако и лошата економска состојба требаше да бидат поттик за нашите народни избраници побрзо да ги донесат последните законски одредби за спроведување на одамна ветениот петти пакет мерки за спас на стопанството.

Со доцнењето на мерките сега ќе се „гасне пожар“, наместо помошта да стигнеше навреме и да им овозможеше на компаниите да ја надминат кризата, а со тоа да се создадат услови за заздравување на економијата и за поголем економски раст. Оваа инфузија веројатно само ќе ја продолжи агонијата. Потребни се решителни чекори за надминување на истата таа, во спротивно ни се закануваат осиромашување, иселување и револт. Мерки што ќе ја спасат и истовремено ќе ја поттикнат економијата. Низ светот има многу успешни примери на земји што успеале за неколку години значително да ја развијат економијата и да го подобрат животниот стандард. Македонија може да учи од вакви држави, може да се проучат успешни модели на земји што успеале за кратко време да се издигнат и тие модели да се применат и кај нас, да се пренесе дел од знаењето, но и да се даде сопствен печат што ќе ѝ овозможи на земјата побрз развој.

Борбата против пандемијата е неопходна и приоритетна, но таа мора да продолжи со поинтензивни и посилни мерки. Сузбивањето на вирусот и побрзата имунизација на населението се клучни за зачувување на животите, но истовремено и борбата за спас на економијата е неопходна, па крајно време е фокусот да се стави на неа. Со правилно насочени мерки што ќе овозможат раст на економијата може да очекуваме подобрување на позициите за евроинтеграциите. Ако сакаме во ЕУ, мора да се доближиме до нивниот животен стандард, да се избориме за силна и развиена економија, и да си создадеме подобар живот во Македонија. Нам не ни се доволни 2 или 3 отсто раст на БДП, време е да испорачуваме двоцифрени стапки на раст!!! Доста беа меѓусебни сопки, препирки и превирања меѓу пратениците и партиите, ние треба заеднички да бараме побрз излез од кризата и развој на економијата, бидејќи само така може да имаме и подобар живот.