Религиозноста кај младите како темпирана бомба

Социолошкиот пристап на младите кон религијата е прашање на кое општеството, а пред сѐ верските институции треба да посветат посериозно внимание, зашто религиозната декларативност на младите, колку што може да биде добра, може да биде и злоупотребена, пред сѐ поради самиот период од животот на еден човек што во тие години и ја гради сопствената личност.  Не е непознато дека се случува младата популација да биде регрутирана од страна на верските екстремисти, а последиците од таквите состојби сѐ почесто се чувствуваат и оставаат крвави траги во секојдневието на Европа

Во Македонија има една интересна перцепција секој да се претставува како верник или религиозен припадник на христијанството или на исламот. Религиозноста како да станува задолжителен идентитет на личноста, што ја прави земјава една од државите во светот со најголема религиозност меѓу граѓаните. Религиозноста кај младите, пак, е комплексно прашање и специфична тема за истражување, особено ако се има предвид современиот свет на живеење од една страна и конзервативниот пристап на најголем дел од религиските учења во светот од друга страна. Како е можно младите да се дефинираат за религиозни, а во реалноста да живеат во свет надвор од верските убедувања и учења на религијата на која ѝ припаѓаат? Колку таквата религиозност е наследство од семејната традиција што се пренесува, а колку реален избор да се живее по верски правила? Дали религиозноста е тренд или само форма на декларативност да се биде припадник на големото мнозинство?
Сите овие дилеми се интересен предмет за анализа, особено кога ќе се види некое истражување или анкета во која половината од младите за себе рекле дека се религиозни, а уште дополнителни 30 отсто дека се донекаде религиозни, што прави општ збир на екстремно висок процент на религиозна определба на младите.

Експертските анализи честопати ваквата религиозност ја дефинираат како традиционална припадност на семејното наследство, поврзувајќи ја и со идентитетските врски на населението и во најголем процент таквата религиозност е всушност декларативна, без посебна практична посветеност на религијата. Токму од тие позиции можат да се разберат и општествените ставови на голем број млади за прашања како абортус, сексуални односи пред брак, разводи и друго, кои се во спротивност најчесто со сопственото верско учење на кое се изјасниле дека му припаѓаат. Во тој контекст е и малиот процент на млади што реално живеат практикување на религијата, како постење, одење во црква, молитва, верски брак. Но од друга страна, има и дел млади што длабоко веруваат во верските учења и ја практикуваат верата, што, пак, честопати води до други крајности, како што се губење чувство за толеранција, радикализација, верска омраза.
Не е непознато дека се случува младата популација да биде регрутирана од страна на верските екстремисти, а последиците од таквите состојби сѐ почесто се чувствуваат и оставаат крвави траги во секојдневието на Европа.

Токму од тој аспект, за едно општество е важно да има слика како младата популација ја перципира религијата. Таков е и случајот со последното истражување направено од професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, кое открива доста висок процент на религиозност кај младите во Македонија.
Тие истражувале три аспекти на поврзаноста на младите и религиозноста, и тоа, нивото на познавање на религијата, како и нивото на нејзино практикување, нивото на информираност за обврските на институциите во однос на целосното остварување на слободата на вероисповед, како и нивото на информираност за начините на практикување на слободата на вероисповед, како и за начините на институционална заштита на ова човеково право.

Како е можно младите да се дефинираат за религиозни, а во реалноста да живеат во свет надвор од верските убедувања и учења на религијата на која ѝ припаѓаат? Колку таквата религиозност е наследство од семејната традиција што се пренесува, а колку реален избор да се живее по верски правила? Дали религиозноста е тренд или само форма на декларативност да се биде припадник на големото мнозинство?

Истражувањето потврдило дека во македонското општество, декларативната религиозност кај младите е исто толку висока колку што е кај општата популација.
На прашањето „дали за себе може да кажете дека сте религиозен/на?“, во истражувањето високи 51 отсто (кај православните 50 отсто и кај муслиманите 58 отсто) кажале дека се религиозни, додека дополнителни 34 отсто се изјасниле дека се донекаде религиозни. Како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 14 отсто од испитаниците. Кај православните граѓани овој процент е 15 отсто, додека кај муслиманските граѓани само четири отсто.
Ова ја потврдува претпоставката произлезена од други слични истражувања, дека македонското општество генерално е религиозно, при што оваа констатација важи како за христијаните така и за верниците припадници на исламската религија.
Социолошкиот пристап на младите кон религијата е прашање на кое општеството, а пред сѐ верските институции треба да посветат посериозно внимание, зашто религиозната декларативност на младите, колку што може да биде добра, може да биде и злоупотребена, пред сѐ поради самиот период од животот на еден човек што во тие години и ја гради сопствената личност.

Таа преку религиозноста може да израсне во личност на морални вредности со општествена одговорност, но може да предизвика општествена деструктивност и да стане инструментализирана личност за остварување нечии цели, кои најчесто се на штета на религијата.
Верските институции, наместо да бидат горди на тоа што младите се декларираат како религиозни, треба да бидат особено внимателни за да ја канализираат таа религиозност во вистинските вредности на религијата.

[email protected]