Ребрендирање на соништата

Ребрендирањето на големодржавните идеи во регионот не треба да ја залажува Македонија дека соседите прекуноќ се откажале од своите аспирации спрема неа, во име на европските вредности и геостратегијата на 21 век. Трауматичните искуства со постојаното пролонгирање на македонските евроинтеграции, токму поради таквите „преформулирани“ анахрони амбиции, треба да бидат јасен сигнал за соочување со сите искушенија и што побрзо создавање одбранбени механизми и автентична македонска позиција за сите предизвици

Свесни, со главата во песок, или потпирајќи се на довербата во (по)моќните партнери… малите народи во регионот се влезени во процесот на геополитичките поместувања и редефинирање на интересите на големите сили. Малите народи со хронична желба и синдром за територијално големи држави, сепак сфаќаат дека треба да ја фатат сезоната за проветрување, осовременување и приспособување на своите стари проекти и проекции во духот и интересите на новите геополитички движења. Ако малку посконцентрирано се погледне контекстот на политичките дејствувања и размислувања што се пласираат во јавноста во македонското соседство, сѐ појасно се гледаат контурите на ребрендирањето на познатите големодржавни проекти на регионот.
Македонските политички експерти денес се потсетуваат на едно геополитичко истражување во Бугарија од 2008 година (кога сѐ уште беше свежа полноправна членка на ЕУ), во кое всушност се поставени постулатите на обновената бугарска стратегија спрема Македонија. Веќе како членка на ЕУ, Бугарија, т.е. креаторите на стратегиските политики, и понатаму како основна стратегиска цел во истражувањето ја поставуваат „ребугаризацијата на Македонија“, притоа како единствен сојузник во тој план ја гледаат Грција, а членството во ЕУ се наведува како надмоќна позиција за остварување на таквата цел. Од денешен аспект, кога македонските евроинтеграции повторно се ставени во заложништво на бугарските историско-идентитетски уцени, сѐ повидливо е дека постапките на бугарската политика спрема Македонија одат според „ребрендираната“ големобугарска стратегија, која е поткрепена од геополитичката предност со членството во ЕУ.

Создавајќи привид пред меѓународната јавност за прифаќање и сообразеност со демократските вредности на 21 век, балканските „сонувачи“ за големи државни територии, всушност само бараат ново политички покоректно изразување на своите закоравени амбиции. Во контекстот на отворената сезона за ребрендирање на старите желби и големодржавни проекти, забележливо е дека во последните месеци сѐ почесто се појавуваат некои „неофицијални“ планови од „непознати автори“, кои заговараат своевидно задоволување на амбициите од проектот „Голема Албанија“, кој повеќе од еден век виси како сенка над Балканот. По нонпејперите од ЕУ-продукција, (кои иако никој не ги признаваше како постојни, содржеа идеи за менување на границите токму во интерес на големоалбанската идеја), неодамна се појавија и идеи за осовременување на стариот концепт под логото „идеална Албанија“. Во овие нови идеи, плановите за сеалбанско обединување во една државна формација навидум се квалификуваат како нереализирана авантура, но се нагласува дека „идеална Албанија“ не мора да ги вклучува сите „албански територии“, но „во умовите на сите Албанци би разбудила чувство дека се грижи за нив и оти ги поддржува, каде и да се и секогаш, не само во рамките на административните линии“. И покрај тоа што не се сосема згаснати плановите за реализација на застарениот проект за „голема Албанија“ со менување на границите и освојување (бележење) етнички територии, сѐ повидлива е иницијативата на албанската интелектуална елита да ги сообрази старите амбиции со новите геополитички стандарди. Гласноста на ваквите идеи укажува дека некои албански политички фактори сфаќаат дека освојувањето територии во 21 век не може да помине како европска вредност за членка на ЕУ, па создава простор европските (сѐ уште важечки) визии за Унија со отворени граници да ја искористи за реализација на својата стратегиска цел и стар сон за наметнување на албанскиот фактор како (по)моќен елемент во ЕУ.

На (пре)крој(ув)ачите на големодржавните стратегии јасно им е дека тие не се главните играчи и не можат да влијаат на геостратегиските поместувања во големата игра. Но сфаќаат дека е потребно понавремено да ги „прилепат“ своите преоблечени децениски и вековни амбиции на стратегиските проекции и планови на некој од големите играчи. Ребрендирањето на идејата, во принцип не значи откажување од „вековната цел“, но менување на задачите, методите на дејствување и инструментите за спроведување, споредните (малите) чинители во геополитичкиот мозаик се борат за подобра позиција во новата геостратегија, за нејзина реализација. Прифаќајќи ја проевропската приказна и изразувањето интерес за економска и културна соработка со Грција и со Италија, албанската политичка елита работи на тоа, интересите на големите центри на моќ да ги искористи за своите потреби и цели во регионот. Покажувајќи проевропска иницијатива за соработка, регионален аспект и во односот спрема Македонија, Албанија сепак прави стратегија за да ѝ парира на Бугарија, користејќи ги позициите во ЕУ.

Ребрендирањето на големодржавните идеи во регионот не треба да ја залажува Македонија дека соседите прекуноќ се откажале од своите аспирации спрема неа, во име на европските вредности и геостратегијата на 21 век. Трауматичните искуства со постојаното пролонгирање на македонските евроинтеграции, токму поради таквите „преформулирани“ анахрони амбиции, треба да бидат јасен сигнал за соочување со просеците на геополитичките поместувања и што побрзо создавање автентична македонска позиција во новата слика на регионот и светот што се создава.