Расчистување со сеништата од минатото

За сите тврдења поврзани во случајот „Жолта куќа“ во Албанија е неопходно да се изјаснат судските власти и да се спроведе истрага во Меѓународниот суд, со изнесување докази и факти. Она што е проблематично е и фактот што по речиси две декади не се дефинирани и разјаснети причините и карактерот на конфликтот од 2001 година во Македонија

„Сеништа“ е една од најзначајните и, слободно речено, маестрални драми на норвешкиот драматург Хенрих Ибзен, кој низ своето ремек-дело дава критички осврт на општествените и индивидуалните морални норми на луѓето, но истовремено и нѐ наведува на заклучок како еднаш засекогаш да ги избришеме од своите глави темните места во менталната фигура на индивидуата и да продолжиме храбро напред. Имено, сижето од оваа норвешка уметничка мудрост можеби може да се искористи и во домашната и регионалната политика, особено во период кога живееме под превезот на настани што директно или индиректно нѐ поврзуваат со состојбите од 2001 година, со разоткривањето на воените злосторства во регионот, како и со актуелната политичка клима, која очигледно е „размрдана“ од истрагите, но и од потенцијалните судските процеси на Хашкиот трибунал во Косово, Албанија, но можеби и во Македонија.

Имајќи го сето ова на ум, вниманието на домашната јавност се чини особено го привлекоа последните наоди во медиумите од Албанија, кои фрлија нова доза сомнеж дека високиот македонски владин функционер Артан Груби можеби бил вмешан во сериозни злосторства, кои можеби имаат некои допирни точки и со немилите случувања од конфликтот во Македонија што се „одиграа“ пред деветнаесет години.
За сите тврдења поврзани во случајот „Жолта куќа“ во Албанија е неопходно да се изјаснат судските власти и да се спроведе истрага во Меѓународниот суд, со изнесување докази и факти. Дополнително, загатката уште повеќе се компликува ако се знае дека партискиот лидер на Груби, односно првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, пак, беше повикан да даде свој исказ пред хашките обвинители за судските процеси за воени злосторства што се водат за Косово. Односно, овие два потенцијални случаи во Албанија и во Косово, кои се директно поврзани со регионот и индиректно со Македонија, ги компликуваат состојбите и на домашната политичка сцена. Дополнително, Македонија директно ја допираат и т.н. четирите „хашки случаи“ за кои е обвинето раководството на ОНА за настаните што се случија речиси пред две декади. Случаите беа вратени од Хаг, никогаш не се процесираа во македонските судови, а потоа и замреа, кога државата донесе закон за автентично толкување, со што воените злосторства, ако воопшто може да се наречат така, не беа истуркани во суд. Она што е најпроблематично е фактот што по речиси две декади не се дефинирани и разјаснети причините и карактерот на конфликтот од 2001 година.
Никој во земјава, особено не парламентот, не донесе резолуција и заклучок што всушност се случи во 2001 година во земјава, дали нам ни се случи агресија од странство, дали избувна граѓанска војна или, пак, стануваше збор за бунтовнички терористички операции, кои однесоа животи на двете страни.

Дополнително, властите не се огласија ниту за статусот за припадниците на ОНА, дали тие беа бунтовници, борци за слобода или пак терористи, како што првично ги оквалификуваа и високи претставници на меѓународната заедница. Некои од овие луѓе во ОНА, кои некогаш кренаа оружје во раце, по 2001-та облекоа костуми и седнаа во парламентот и во Владата и веќе две децении ја предводат Македонија. Остана нејасно кое од овие лица влезе со чисти раце во политиката, а кое со „крвави“, извалкани од воените злосторства што никогаш не доживеаја завршница, а оштетените никогаш не ја видоа светлината на правдата за загубените членови на нивните семејства.
Новата етапа на потсетувања на ова немило време, без разлика што од регионот се рефлектира во Македонија, повторно го подгреа чувството за правда и барање одговорност и отчет на сите евентуално инволвирани страни во овие случувања.
Низ домашната јавност се чувствува вител, кој бара да се пробие оваа магла од недоречености, да се извадат доказите на маса и да се види што е точно, а што е шпекулација и невистина. Кој сторил кривично дело, да одговара во судница а кој е невин, да не му се нарушува непотребно политичкиот дигнитет и образ пред населението. Остана недокажана и дефиницијата за настаните од пред две децении, кои ако се дефинираат правилно, ќе се знае кој бил агресорот врз нашата земја.

Светската историја бележи и поголеми и покрвави конфликти, кои по нивното завршување биле расчистени и правно, на пример преку судењата во судот во Нирнберг по Втората светска војна, но и политички, со склучување нераскинливи сојузи меѓу поранешни непријатели, како Франција и Германија, кои сега заедно ја предводат ЕУ. Па, од овие светски искуства, можеби е мудро да се посака и кај нас целосно да се расчистат настаните од 2001 година, да се заврши сѐ со правна и судска процедура и, секако, најважно од сѐ, вистината да се изнесе на виделина. Само така може да се продолжи напред кон ЕУ и кон посветла иднина, необременето со мистерии и тегоби од минатото.

[email protected]