Разоткриени и осудени бугарските апсурди и злоупотреби

Европските отворени констатации и критики за бугарската злоупотреба на меѓународното право и на позицијата земја-членка на Унијата, за Македонија треба да бидат мотивација и инспирација за одбрана и зачувување на посебноста и автохтоноста на својот историски наратив, секако, нераскинливо поврзан со посебноста на македонскиот јазик и автентичниот национален идентитет

Капацитетите на политиката како „уметност на (не)возможното“, сепак не се бескрајни и неограничени, колку и да им изгледаат такви на политичките фактори кога се во позиција на (над)моќ. Непристојните амбиции за реализација на сопствените големодржавни и историски аспирации спрема соседни земји, дури и „вешто“ маскирани со первертирани историски аргументи, но и преку злоупотреба на принципите на еден во основа демократски сојуз на држави, неизбежно е во еден миг да бидат препознаени и да добијат (барем) јавна опомена. Тоа ѝ се случи на Бугарија изминатава седмица во Европскиот парламент, при последното гласање на извештајот за напредокот на Македонија во однос на критериумите за процесите на евроинтеграции. Иако во резолуцијата што ја усвои Европскиот парламент за Македонија не поминаа амандманите поднесени од страна на социјалдемократите и зелените, преку кои се даваше поддршка за конструктивниот однос на Македонија и се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Македонија, вознемиреноста во бугарскиот политички (предизборен) амбиент што ја предизвика самиот предлог на неколкумина европратеници, претставува јасен сигнал дека вистинските намери на Бугарија се читаат меѓу редовите на сите документи, меморандуми и изјави на нивните политичари. И покрај привилегираната позиција на Бугарија, како земја-членка на ЕУ, сепак агресивноста и неразумноста на историско-идентитетските уцени и провокации што ѝ ги наметнува на Македонија како услов за почеток на преговорите за членство во Унијата, веќе не остануваат незабележани и неакцентирани и во европските институции, но и од влијателни европски политички аналитички центри.

Како своевидна најава на предлог-амандманот на извештајот на ЕП за Македонија, од четворицата европратеници, пред одржувањето на сесијата на Европскиот парламент, германска невладина организација ја изнесе својата детална анализа, во која прецизно ги детектира и елаборира сите точки, преку кои Бугарија во своите постапки спрема Македонија прави злоупотреба на меѓународното право. Дури и преку инсистирањето на целосно спроведување на Договорот за добрососедство (што е и причина за ветото), секако, според нејзино видување и желба тој да стане посебно поглавје во преговарачката рамка за Македонија, Бугарија всушност „неразумно и штетно го прекршува меѓународното право“, се оценува во анализата на германската НВО. Очекувано, реакцијата и односот на бугарските политичари спрема ваквите отворени критики во европските институции, но и од европските политички аналитичари, се со уште поголема агресија и обвинувања за „маслото на Скопје“ во целата работа. Бугарија и понатаму продолжува со агресивност во настојувањето да се прикаже како „историска жртва“ на Македонија, пред ЕУ, притоа не обѕирајќи се дека влегува во улогата на волкот од басната во која го обвинува јагнето дека му ја заматува водата од потокот, која тече од кај него, па надолу до „инкриминираното јагне“. Веднаш по усвојувањето на резолуцијата за Македонија во ЕП, бугарскиот претседател Румен Радев повика на итна „експертска дискусија, посветена на состојбите и перспективите за развој на односите меѓу Македонија и Бугарија“.

Евидентен е впечатокот дека Бугарија, на секоја критика на нејзините позиции и однесување спрема Македонија, реагира со постапки со кои сака повторно да ја истакне својата непопустливост во однос на ветото за ЕУ, и покрај сета укажана ирационалност и анахроност на нејзините историско-идентитетски условувања. Од друга страна, европските отворени констатации и критики за бугарската злоупотреба на меѓународното право и на позицијата земја-членка на Унијата, колку што ја мобилизира обединетоста во Бугарија за постигнување на своите дури и неразумни амбиции, за Македонија, а пред сѐ за македонските политичари треба да биде мотивација и инспирација за одбрана и зачувување на посебноста и автохтоноста на својот историски наратив, секако, нераскинливо поврзан со дефиницијата на автентичниот национален идентитет. Освен тоа, оваа своевидна поддршка од европските политички инстанци, дури и да е (според бугарските видувања) на пријателска основа и „масло на Скопје“, сепак е поставена на принципиелна и експертска процена на меѓународното право, почитувањето на основните права за самоопределување и самоименување, што наведува дека Македонија е на вистинската страна на правдата и историските факи. Ваквата поддршка треба да биде не само мотивација туку и своевидно предупредување за Македонија дека со уште едно откажување од праведноста на својата позиција и попуштање пред непринципиелните соседски притисоци од позиција на надмоќ, ќе биде бесмислено и некое евентуално понатамошно членство во ЕУ.

Конечно, и на последната дебата на европските парламентарци во Европскиот парламент, повторно можеше да се слушне дека обраќањата, па и расправите течат (и) на мајчините јазици на претставниците. Доколку Македонија отстапи на условот на Бугарија, македонскиот јазик да биде прифатен во ЕУ како бугарски дијалект, се наметнува размислување за хипотетичка ситуација – дали во некоја хипотетичка иднина македонските европарламентарци ќе треба да се обраќаат на бугарски јазик? Звучи како хипотеза на апсурдот, но содржи логика што се наметнува од претпоставката за некакво обезличено и бесмислено членство на Македонија во ЕУ, во случај да се угоди на сите уцени на соседите.