Разгаќување на некомпетенцијата

Ние практично со години сме заложници на неспособни, необразовани, корумпирани, партизирани функционери на разни нивоа и структури во власта. Сите тие одамна требаше да се истресат од гаќи и да се протресат до гола кожа. И преку законска процедура да се натераат да ја надоместат целата нанесена штета од нивното несовесно работење

Минатата недела колумната ја завршив со зборовите: „Ах Јустиција Јустиција, колку ли само ни недостигаш, во секоја смисла на зборот“. Овој пат сметам дека е најсоодветно токму со овие зборови да се започне текстот. Зашто секој изминат ден само го потврдува веќе претходно напишаното и констатирано. Хаосот во македонскиот правосуден систем е толку голем што не се мери со ништо. Немерлив е како црна дупка во вселената. Целиот наш правосуден систем стана парадокс сам по себе. Нему не му требаат непријатели и критичари од страна. Сам на себе тој си е најголем непријател и кочничар. Но клучниот проблем е во тоа што македонскиот правосуден систем заедно со себе ја влече во пропаст и целата држава и сите нејзини граѓани. Токму неделава исплива на површина целата нечиста долна облека на релацијата меѓу Обвинителството, како орган на прогонот, и судството, како делител на правдата. Со други зборови, експлодираа наталожениот јавашлак, некоординираноста, нестручноста. Имаше и меѓусебни обвинувања, остри пораки па и закани за тужба.
За јавноста, сепак, највпечатлив беше еден СМС на обвинителката Вилма Русковска упатен до судиите од Апелацискиот суд што гласеше: „Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам, цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе“.

Но кого го боли уво за ЕУ, ама ова „од гаќи ќе ве истресам“ изгледа погоди нечиј комодитет, авторитет, имунитет, или што и да е. Па лавината тргна.
Не навлегувајќи во оценувањето на оправданоста или вокабуларот во пораката на Русковска, околу која се дигна многу прашина, сметам дека она што единствено и најмногу ѝ недостига, и што може да се окарактеризира како најголем пропуст, е што е задоцнета. Многу, многу задоцнета. Пораката доцни десетина години најмалку.
На судиите, обвинителите, правниците, вештаците, Судскиот совет и сите други чинители, кои се дел од правосудниот систем на државата, многу, многу одамна требаше јасно и гласно да им се каже дека ќе ги истресат од кондури (ајде да употребам помека варијанта, иако суштината е иста) доколку не ги почитуваат законските акти, се обидуваат да ги заобиколат или да ги изиграат правните прописи.

И не само да им се каже, туку секој директно на своја кожа да го почувствува секое непочитување на Јустиција, прекршување на Уставот и законите. Колку и да звучи остро флоскулата од гаќи ќе ве истресеме, требаше да биде своевидна неформална дефиниција, парола за предупредување при евентуални и најмали грешки во правосудниот систем. И не само за правосудниот систем. Воопшто за сите избрани и именувани функционери, од чие чесно, совесно, стручно и ефикасно работење зависи судбината на сите граѓани, но и иднината и благосостојбата на државата.
Зашто ние практично со години и децении сме заложници на неспособни, необразовани, корумпирани, партизирани функционери на разни нивоа и структури во власта. Било да станува збор за законодавна, извршна или судска власт. Сите такви девијантни елементи и појави одамна требаше да се истресат од гаќи и да се протресат до гола кожа.

И преку законска процедура да се натераат да ја надоместат целата нанесена штета од нивното евентуално несовесно работење. За ука и поука на сите други.
Но наместо тоа, на оние што ја имаат моќта да одлучуваат им изградивме аура на недопирливост. Ги престоривме во земски божества на кои не смее ништо да им се приговори. Создадовме култ на недопирливост на сѐ што има атрибут на некаков фактор на моќ и одлучување во државата. Од ваквата практика не беше изземена ниту судската власт. Дури напротив. Со години се форсираше некакво лудо начело дека нивните одлуки не требало ниту да се коментираат?! Па дури ни тогаш кога не носат никакви одлуки.

Или кога најдиректно се прекршуваат Уставот и законите.
Или кога не можат или не сакаат да ја видат на пример „скриената амнестија за функционерите“. Кога се бара начин злоупотребата на службената положба и овластување да се легализира. За да се избегне нечија одговорност.
Се има впечаток дека со години сите овие наши сиви еминенции, недопирливи за законот, како да се во своевидна спрега и меѓусебно се штитат. Било да станува збор за политичари, судии или обвинители. Сите се безгрешни и уживаат целосен имунитет.
Дури и оние на кои им е констатирана некаква вина и злоупотреба, на еден или на друг начин ја избегнуваат казната. Примери за ова има безброј.

Досегашното искуство дури покажа и дека лица од правосудниот систем биле директно вклучени во низа незаконски дејства. За некои од нив слушавме од бомбите во „Вистината за Македонија“, случајот „Рекет“, пак, е последниот можеби најеклатантен пример.

И сите овие фатални пропусти и катастрофални грешки на македонскиот правосуден систем скапо ги плаќаат граѓаните на оваа држава. Тие грешки не се мерат само во стотици милиони евра загубени пари од нерасветлен криминал, застарени дела, туку исто така најдиректно се одразуваат на оддалечувањето на државата од нејзината европска перспектива. И додека оние што нѐ оддалечуваат од ЕУ ги кршат законите и ги полнат џебовите, преостанатите граѓани, разочарани од немањето правда и правичност, сѐ повеќе ја напуштаат државата.

Ете, затоа пораката на Русковска во фигуративна смисла на зборот има симболика на неформален правен амандман. На суштинска реформа што ќе важи и ќе се однесува за сите. Од горе па надолу. Или ако сакате ќе биде некаков нов бенчмарк за ЕУ. Зашто ако не се ослободиме од кочничарите и не ги истресеме од нашите редови, не ги извадиме од кондури оние што не уназадуваат, никогаш нема да исчекориме напред.
Притоа терминот „разгаќување“ го симболизира разобличувањето, паѓањето на маските и излегување на виделина на голиот задник на најсервилните неспособни, необразовани, корумпирани поданици, кочничари, лицемери, улизувачи, напикани во порите на државата.
Со еден збор препознатливи и како багра.

[email protected]