Равенка за оптимизам и надеж во Македонија

Новата година го носи предизвикот на оптимизмот и надежта дека нештата ќе тргнат на подобро. Прашањето што се поставува по таквиот општ предизвик на Нова година е со кои приоритети треба да се зафати општеството за да ја постигне целта – подобар живот на сите граѓани

Признавале или не, колку често и да се повторуваат тие почетоци на секои 365 дена, сепак со себе ја носат возбудата на очекување да се случи нешто поубаво и посреќно во новата година. Од друга страна, пак, животното искуство од некој агол на свеста и во најголемо празнично расположение, потсетува дека состојбите во реалноста не се менуваат прекуноќ, па дури таа и да е новогодишна. Можеби не се најомилените личности во еуфоријата на празнувањата, но реалистите знаат дека тешко е да се живее во сегашноста, лудост е да се живее во иднината, а невозможно да се живее во минатото. Ништо не е толку далечно како претходниот миг, зашто тој не може да се врати. Барем така е според законите на физиката, но честопати сме сведоци дека политиката умее да ги релативизира и тие закони.

Како и да е, новата година го носи предизвикот на оптимизмот и надежта дека нештата ќе тргнат на подобро. Прашањето што се поставува по таквиот општ предизвик на Нова година е со кои приоритети треба да се зафати општеството за да ја постигне целта – подобар живот на сите граѓани. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието ја констатираше изразената поделеност на општеството, речиси во сите сфери на живеењето, но пред сѐ во однос на политичките ставови и позиции на граѓаните за политичките процеси што се случуваа во изминатата година. Ефектуирањето на Преспанскиот договор, со промена на Уставот за промена на уставното име на државата, го даде веројатно „најголемиот придонес“ за продлабочување на веќе постојната поделеност на македонските граѓани во однос на политичката позиционираност на ставовите. Недобивањето датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија во јавноста се доживеа како потврда на залудноста на политиката за слепо следење на инструкции од видот на вулгаризиран макијавелизам – „целта ги оправдува средствата“. Политиката на некритичка послушност, без спроведување на суштинските реформи за приближување до стандардите на ЕУ, се чини дека само ја оддалечи Македонија од декларираната цел уште од нејзината независност – членство во ЕУ и во НАТО. Притоа се компромитирани најголемите аргументи (средства) за постигнување на таа цел.

Со таканаречениот случај „Рекет“ (уцена и барање поткуп од бизнисмени поврзани со случаи на СЈО), во изминатата година беше целосно компромитирано владеењето на правото и зацврстување на институциите на правната држава, што претставува приоритетен услов за започнување преговори со ЕУ. Со неколку чекори назадување, враќањето на вербата во правната држава и владеењето на правото, односно расчистување со корупцијата, претставува уште еден, еднакво важен приоритет за остварување на надежите и враќање на оптимизмот во новата 2020 година. Секако тоа е и најголем политички предизвик на партиите во најавените предвремени парламентарни избори во април 2020 година, особено затоа што изминативе години и децении многупати е изневерено ветувањето за правда од страна на политиката. Влогот во правдата сега треба да биде двојно поголем – колку за почеток на преговори за членство во ЕУ, уште повеќе заради ветувањето спрема граѓаните, за напредокот на општеството.

Предизвик со кој Македонија неминовно ќе се соочи во годината пред нас, а всушност се пренесува веќе една деценија, е барем да се заузда иселувањето. Навистина, речиси веќе две децении во Македонија нема релевантни пописни податоци за бројноста на населението, па и податоците за иселувањето се повеќе според слободна процена, но и така е видливо дека земјава континуирано го следи трендот на иселување воопшто во регионот. Влезот во ЕУ, според искуствата на соседите што се веќе таму, се покажува дека сепак не е решение за иселувањето, но можеби приближување до европските економски параметри, ќе ги намали причините за таквиот преселнички феномен. Во контекстот на постигнување на европските параметри, сѐ посериозно се наметнуваат и предизвиците на еколошките прашања, односно справување со сѐ што значи загадување на животната средина. Модернизирање и усогласување на образованието во земјата според современите стандарди, претставува континуиран предизвик на државата и општеството. Како двигател и поддршка на сите процеси што треба да донесат надеж и оптимизам во новата година е секако економијата, па во оваа изборна и повторно политички напрегната година, мора да се најдат решенија за унапредување и на економските параметри.

Решението на равенката за оптимизам и за надеж, навидум е едноставно, а се сведува на стремежите за богато општество, како материјално, така и со знаење. Предизвикот секогаш е во тоа како ќе се постават елементите во равенката, а нив во општеството обично ги поставува политиката. Сепак, на почетокот на годината сите добиваме 365 дена, а во оваа 2020-та дури и еден ден повеќе. Единствената разлика е што ќе направиме со нив.