Протестирам за протестите!

Правда не се добива насила, со насилство. Не се добива со удар по државата, по новинарите и, општо, по народот. Правдата умира кога ја бараш насила. Правдата забава, ама не заборава.Таму каде што е потребна и каде што треба да биде, ако е правда, сама ќе си дојде

Под мотото „Правда и слобода“ беа почнати протестите за случајот „Монструм“, кои беа поддржани од стотици граѓани. Протестите беа најавени како мирни, како собир на граѓани што требаше да го искажат несогласувањето на одредена група граѓани со одлуката на судот во која повторно беа пресудени три доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Меѓутоа, дали зад таа парола се криеше само причина да се демонстрира некаква сила, да се загрозат институциите и да се покаже моменталната слабост на институциите, како и да се направат хаос и хаварија низ скопските улици?
Ниту присуството на полицијата, по службена должност, не беше доволно како сигнал за лицата што протестираа да ги исконтролираат насилните пориви, кои се чини дека на секој досегашен протест организиран токму за овој случај ескалираат. Или, уште полошо, оставаат впечаток дека однапред се добро планирани провокациите, експлицитните скандирања и иконографија за национална и верска хегемонија, која длабоко забраздува и со практикување насилство од страна на демонстрантите. Речиси на секој протест досега можеа да се слушнат скандирања за „голема Албанија“, „УЧК“, а знамето на голема Албанија не беше изоставено ниту на последниот протест. Полицискиот кордон што ги пречека демонстрантите кај трговскиот центар „Мавровка“, беше доволна причина за тие бурно да изреагираат и да бараат да им биде дозволено да протестираат бидејќи, протестот им бил најавен на надлежните институции. Откако ѝ поставија ултиматум на полицијата да се повлече и откако полицијата не се тргна, тие ги нападнаа полициските службеници со камења и боја.

За жал, тие врз полицијата фрлаа и со метални прачки и бекатон-плочки, а сето тоа во обид да го пробијат полицискиот кордон.
И покрај тоа што организаторите на протестот се обидуваа да ги смират запалените страсти на учесниците, сепак тоа не беше доволно. Во нападите настрадаа 11 полицајци, за среќа со полесни повреди, а настрада и еден новинар.
Приведени беа осум демонстранти, на кои од Основното јавно обвинителство ќе им биде поднесена кривична пријава.
Секој протест организиран и мотивиран за овој случај ескалира со насилство предизвикано од страна на оние што протестираат. Што е со насилството? Чуму практиката да се пребегнува кон вакви екстремистички протести? Со сета должна почит кон слободата и правото на демократско изразување незадоволство со јавен протест, но овде не станува збор за такво нешто. Овде станува збор за насилство што е политички инспирирано, со националистички и верски зачини. Политичкото насилство насочено кон полицијата е порака до државата и институциите што насилно сакаат да се срушат, а насилството кон новинарите е порака до јавноста, до сите граѓани во општеството дека екстремизмот не признава соживот, ниту владеење на правото, ниту една држава Македонија како заедничка татковина. Тие еднонасочно порачуваат дека само нивните убедувања се „вистински“.
Ајде, досега се зафатив образложувајќи го само едниот аспект на проблемот: општествено-политичкиот. Ами здравствениот аспект? Каде беше тој во целата ситуација?

Факт е дека 99 проценти од оние што протестираа не носеа заштитни маски во услови кога се соочуваме со една од најсмртоносните пандемии во историјата на човештвото. Во услови кога нема вакцини за сите, кога бројот на заболени повторно почнува да расте и кога, за жал, кај 70 проценти од новозаболените е забележан новиот сој на коронавирусот, попознат како британски.
Измина една цела година откако беше регистриран првиот случај. Во земјава се евидентирани повеќе од три илјади смртни случаи, а британскиот сој, според сите анализи, е поопасен, полесно и побрзо се шири, а воопшто и да не ја споменувам стапката на смртност од вирусот.
Зарем ни треба нов кластер од овие протести? Во услови кога носењето заштитна маска е задолжително, граѓаните излегоа на протест без таа една обврска, покрај онаа за мирен протест.
Зарем со тоа не е нарушено правото на сите нас како граѓани на оваа држава? Зошто јас да се заразам како последица на некој што не сметал дека е потребно да ги заштити носот и устата затоа што бил окупиран со насилно протестирање?
За каква правда зборуваме тука, нели е малку иронично? Тие што протестираа за правда и слобода, нѐ заробија со непочитување и игнорирање на законот.
Во оваа наша мала држава, каде што илјадапати досега беше апелирано и барано од граѓаните да внимаваат, да не се групираат, да носат заштитни маски, сепак се најде група што го игнорираше сето тоа за да ја истера својата правда.

Зарем правдата може да биде само за едни, а не и за други? Кој може да си го земе тоа за право?
Ниту со протестите се постигна нешто, никој ништо не доби. Сите загубивме. Загубивме како држава, како општество, како народ.
Правда не се добива насила, со насилство. Не се добива со удар по државата, по новинарите и, општо, по народот. Правда не се добива ако свесно не се заштитиш во услови на пандемија, правдата умира кога ја бараш насила. Правдата забава, ама не заборава. Таму каде што е потребна и каде што треба да биде, сама ќе си дојде.

[email protected]