Проклетството на малите култури

Иако Балканот е само географски поим, тој често има негативна конотација во остатокот од светот, поради што останува занемарен фактот дека тука се создава навистина силна и добра книжевност. Стереотипите треба да се уриваат, а единствен начин да се направи тоа е да се зборува за нив. Оттука, вредна за поддршка е секоја иницијатива, манифестација, фестивал или награда што води кон меѓусебно запознавање на балканските писатели, затоа што поделбата во овој регион има само политичка природа

Инспиративната изјава на бугарскиот писател Алек Попов по повод наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот на претстојниот фестивал „Про-за Балкан“, во која вели дека е исклучително среќен што постои ваков форум каде што Балканот не е само егзотичен гостин и каде што големиот разговор за уметноста поминува низ оригиналниот, жив и разнообразен свет на балканската проза, актуализира многу битни прашања за балканските литератури и автори. Овој фестивал последниве неколку години успешно ја остварува мисијата за создавање заедничка платформа што ќе овозможи подобра соработка меѓу писателите во регионот, значајна иницијатива со единствена цел – да се скрши проклетството на малите јазици и да се направи видлива литературата од еден регион што денес е надвор од фокусот на западната јавност, или како што во една пригода вели црногорскиот автор Андреј Николаидис: „Светската историја нѐ учи дека балканските писатели најдобро поминуваат додека тука се одвива некој од нашите традиционални меѓунационални и меѓуверски колежи“.

Иако Балканот е само географски поим, тој често има негативна конотација во остатокот од светот, поради што останува занемарен фактот дека тука се создава навистина силна и добра книжевност. Стереотипите треба да се уриваат, а единствен начин да се направи тоа е да се зборува за нив. Оттука, вредна за поддршка е секоја иницијатива, манифестација, фестивал или награда што води кон меѓусебно запознавање, затоа што поделбата на Балканот е само од политичка природа.

Фестивалите како „Про-за Балкан“ имаат и друга многу важна придобивка, а тоа е создавањето услови за поголема видливост и достапност на балканските автори во поширокиот литературен контекст и на европскиот и светскиот културниот пазар преку гостувања на звучни издавачки имиња, со цел нашите книги да не останат изолирани во светот во кој доминира англискиот јазик. Еден германски издавач, гостин на овој фестивал на едно од претходните изданија, и самиот рече дека е голема загуба за германската литература тоа што до нив не допира литературата од балканските земји и дека сѐ уште е проблем што таму сѐ уште владее посебно гледање на Балканот – како некој егзотичен, посебен дел од Европа или дури – како да не е дел од Европа. Со тоа, кога ќе се каже балканска литература тоа нема да асоцира на некакви политички теми, лобирања и слично, туку конечно светската читателска јавност ќе стане свесна дека личните приказни, дури и да доаѓаат од Балканот, сепак се универзални приказни. Во таа смисла доста е заслужна и агенцијата за преводи „Традуки“, која овозможува преводи на балканските автори, а со тоа и нивно читање и откривање.

Фестивалот „Про-за Балкан“, кој своето ново издание ќе го има во втората половина на мај, ја промовира балканската книжевност, работи на вмрежување автори и издавачи од регионот и на создавање платформа за подобра идна соработка, како и за повисоко вреднување во овие национални литератури и пошироко во Европа и во светот. Наградата за развој на балканската книжевност „прозарт“ што се доделува, пак, ги претставува балканските писатели како автори-ѕвезди, независни и пар екселанс интелектуалци, статус што неправедно им е недостапен.

Слична цел има и наградата на фондацијата „Балканика“, основана во 1996 година од релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија, чие седиште се наоѓа во Софија. Во неа членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата, а одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Наградата „Балканика“ на добитникот му носи голем публицитет и надвор од балканските држави, неретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и за афирмацијата на книжевноста на државата од која доаѓа. Досегашни добитници на оваа награда од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“, чии книги, благодарение на „Балканика“, може да се пофалат со по неколку преводи во и надвор од регионот.

Ваквите иницијативи се противат на проклетството на малите јазици и нашата општа неспособност да воспоставиме преведувачка мрежа меѓу културите, на проблемот со непостоење на заедничка стратегија во културата, затоа што сѐ уште се бодеме како рогови во вреќа наместо да ја афирмираме книжевноста од Балканот како нова енергија на уморната културна Европа. Иако само на тој начин светот ќе дознае дека она што тука се создава не е само егзотика, фолклор и орнамент.