Претставата заврши, шоуто мора да продолжи

Додека официјален Брисел, Берлин, Москва и Пекинг соочувањето меѓу Бајден и Трамп го следеа од „пристојна дистанца“, политичките елити (и медиуми) на Балканот со нагласени емоции и страст навиваа за победа на еден од нивните фаворити. Несомнено, и во наредниот период администрацијата од Вашингтон ќе продолжи да биде „светски чувар на демократијата“, но за многумина не е сеедно кој ќе седне на американскиот претседателски трон

Џо Бајден е новиот претседател на Соединетите Американски Држави. Веста за изборот на новиот четиригодишен „потстанар“ во Белата куќа, што беше објавена во саботното предвечерје, го означи и крајот на најдолгото политичко реално шоу во светот. Изборот на 46-от американски претседател, според начинот на водењето на изборната кампања во услови на пандемија со коронавирусот (и актуелниот претседател Доналд Трамп беше заразен од вирусот), а особено и по долгото пребројување на гласачките ливчиња, ќе влезе во учебниците за демократија и долго ќе биде предмет на различни политички и социјални анализи. Без разлика на многубројните контроверзии што го следеа изборниот процес, значењето и исходот од вечниот претседателскиот „двобој“ меѓу републиканците (Доналд Трамп) и демократите (Џо Бајден) ги надминаа националните граници и гласањето за тоа кој ќе биде победникот не беше само внатрешно прашање за американските граѓани. Несомнено, во наредниот период администрацијата од Вашингтон и натаму ќе биде „светски чувар на демократијата“, но за многумина не беше сеедно кој ќе седне(ше) на американскиот претседателски трон. Особено поради стилот на водењето на глобалната политика од страна на САД, која не исклучуваше и отворени притисоци врз помалите држави, што беше уште посилно манифестирана и од „специфичниот начин“ на убедување на Доналд Трамп. Тоа сведено во наши балкански рамки можеше да се види низ примерот со потпишувањето на спогодбата за економска соработка меѓу Белград и Приштина.

Оцените на светските медиуми и на многубројните коментатори во Германија се дека Европа и Берлин не треба да очекуваат премногу од вселувањето на Бајден во Белата куќа. „Надворешната политика нема и не треба да биде во фокусот на Бајден. Тој мора да биде во вистинска смисла на зборот американски претседател што ќе се посвети на социјалните конфликти и на коронавирусот, и кој ќе ја бара врската за поврзување на луѓето со различна боја на кожата“, пишува германскиот весник „Зидојче цајтунг“. Ова од причина што на изборите во САД дојде до израз длабоката поделеност на американскиот општество, што се виде и со масовниот одзив на гласачите и многубројните протести по поразот на актуелниот американски претседател Трамп. Што се однесува од односите меѓу САД и Европа и натаму ќе постојат различните интереси. „Америка и под Џон Бајден ќе остане на прво место“, ќе заклучи весникот „Рајн-Некар цајтунг“.
Преголеми очекувања од победата на демократот Бајден немаат и во Москва. За директорката на Рускиот институт за стратегиски истражувања, Јелена Супољина, во изборот меѓу Бајден и Трамп за Русија значи и останување на истите проблеми, но со победата на демократскиот кандидат, како што нагласува таа, „се внесуваат некои нијанси“. Руската аналитичарка посочува на дополнителна напнатост во односите меѓу САД и Русија, а кои се однесуваат на почитување на човековите права, за што Џо Бајден посвети и поголем дел од својата изборна кампања. Затоа е можно поголемо американско влијание во внатрешните односи во арапските земји, заклучува Супољина во изјава за „Спутник“.

Додека Брисел, Берлин, Москва и Пекинг претседателското соочување меѓу Бајден и Трамп го следеа од „пристојна дистанца“, политичките елити и медиуми на Балканот со нагласена емоции и страст навиваа за победа на еден од нивните фаворити. Мошне невообичаена беше изјавата на словенечкиот премиер Јанез Јанша, еден ден по затворањето на гласачките места во САД, со која го „прогласи за победник Доналд Трамп“. Видлива беше и поделеноста меѓу земјите од регионот за изборот на идниот американски претседател. Така, во Хрватска се фаворизираше Џо Бајден, а високите државни политичари во Србија отворено застанаа на страната на Доналд Трамп. Овој балкански натпревар во изборот на американскиот претседател доби и по малку комични епизоди, кога и српскиот радикал Војислав Шешељ од Белград ја виде „големата изборна измама“ во Мичиген и во Висконсин! Шешељ како израз на поддршка на Трамп побара од српската влада да донесе декларација со која се осудува изборниот процес во САД.
Весникот „Јутарњи лист“ пред гласањето на 4 ноември излезе со коментар дека Хрватска треба да се надева на победата на Бајден, затоа што Трамповата политика може да ја доведе Србија до Сисак!? Притоа се потсети на улогата на САД и особено на влијанието на Бајден при решавањето на војните меѓу поранешните југословенски држави. Наспроти ова се посочува на иницијативата за размена на територии меѓу Србија и Косово, што не беше целосно отфрлена од администрацијата на Доналд Трамп. Коментирајќи ги изборите во САД, поранешниот српски министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека дојде до „подобрување на положбата на Србија во поглед на Косово“.

Тој оцени дека „со политиката на Бајден дека нема потреба повторно да се отвора прашањето за Косово и тоа повеќе им одговара на Албанците, додека Трамп смета дека е можен компромис“.
Меѓу балканските политичари може да се слушнат и неутрални ставови, а поранешниот српски дипломат Вук Јеремиќ смета дека од победата на Трамп или Бајден не се очекуваат битни промени во надворешната политика, туку свртувања во домашната политика на САД. За новиот американски претседател Балканот сигурно нема да биде приоритет и тој ќе се решава во рамките на нормализацијата на односите со Брисел и во целина ќе настојува да го подобри сето тоа што Трамп во својот мандат го расипа, вели поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ.
Во однос на очекувањата на Македонија, нив ги искажа премиерот Зоран Заев, кој во честитката за изборот на Бајден се заложи за продолжување на традиционалните и пријателски односи со САД. За разлика од претходните избори кога победи Доналд Трамп, и кога од претставници на сегашната опозиција изразуваа големи надежи од сегашниот претседател на САД, да застане на страната на Македонија особено во спорот со Грција, реакциите на македонските политички прогнозери беа споделувани главно на социјалните мрежи.

Преголемите очекувања и претераните страсти за американските избори брзо ќе се стопат, а луѓето повторно ќе се соочат со реалниот живот, во кој преовладуваат интересите и моќта на посилните. Зад нас ќе остане уште една претседателска претстава, но овој пат сликата од САД, која важи за лулка на демократијата, ќе биде заматена со сомневањата за регуларноста за изборите, кои беа изречени и лично од поразениот Трамп. Тоа беше повод за белорускиот претседател Александар Лукашенко, претседателските избор во САД да ги оцени за „срамни и потсмевање со демократијата“, кој потсети дека последните претседателски избори во Белорусија не беа признати од западните земји. Но претставата „Изборот на новиот американски претседател“ е завршена. Шоуто мора понатаму да продолжи.