Преспански амин за ново грчко вето

Ако внимателно се прочита членот 2 од спогодбата може лесно да се увиди дека она што Грција го нуди е повеќе ветер и магла, отколку правна сигурноста и гаранција дека ќе го исполни договореното. Напротив на Грција ѝ е оставен простор по своја волја, односно како што сака, да го толкува овој член и аналогно на тоа никогаш да не даде зелено светло за наше членство во ЕУ и во НАТО

Постреферендумска Македонија го живее својот политички најбурен и најстресен период. Време во кое тензиите, нервозата, притисокот, (внатрешен и надворешен) на кои е изложена државата може да се почувствуваат дури и во воздухот што го дишеме. Се разбира, тој притисок е насочен најмногу кон политичките чинители од власта и од опозицијата (кон кого повеќе е сосема друго прашање), но индиректно го чувствува и секој еден граѓанин што е загрижен за судбината и иднината на својата татковина. Се наметнува впечаток дека на државата ѝ недостига време. Дека таа ги троши последните минути пред клучната одлука да се биде или не. Во шахот тоа се нарекува цајтнот, кога ви истекува времето за размислување, а немате расположиви и добри потези. Но дали и во политиката е така. Особено што во таа наша трка со времето сѐ е подредено на една единствена цел. Бркање на некакви претпоставени грчки рокови. Без разлика дали се работи за празник, делник, светол датум од македонската историја, трката со времето се засилува и во моментов станува политичка дисциплина број еден. И говорите на политичките лидери се во таа насока. Да не губиме време, па повикување и споменување на минатото колку ради реда и веднаш визионерски погледи кон иднината. Се споменува дека пред Македонија е некаква шанса за нова историја, ни претстои историска одлука за иднината. Така беше и на одбележување на 11 Октомври. Пораките, заканите, притисоците и предупредувањата продолжија со несмален интензитет. Се понадевав дека барем за време на големиот празник политичарите ќе имаат повеќе почитување и ќе нѐ поштедат од претерано солење ум што е најдобро за државата, се разбира секој од свој агол на видување. И ако домашните политички елити донекаде и имаат оправдување да ни попуваат за сѐ и сешто бидејќи се избрани од граѓаните, тоа не може да се каже за странските претставници. Нивните апели, пораки, препораки многу често ги надминуваат мерите на дипломатско однесување и на моменти прозвучуваат како наредба или диктат. Тоа, пак, индиректно значи потценување на сувереноста на државата и понижување на парламентарната демократија и волјата на граѓаните.

Зашто странците немаат добиено мандат од македонските граѓани да носат одлуки од нивно име, ниту да не условуваат. Но веројатно така се научиле низ годините бидејќи за сѐ и сешто бараме и очекуваме нивно мислење, па не треба да нѐ чуди кога сега самите „доброволно“ ни се стават на услуга. Додека ги пишувам овие редови се очекува продолжението на работата на уставната комисија во врска со предложените амандмани за промена на Уставот за спроведување на спогодбата со Грција. И додека за пратениците се вели дека имаат слободен пратенички мандат да носат одлуки тогаш како да се сфатат ваквите форми на притисок, било однатре или однадвор, со кои најдиректно се попречува и нарушува таа слобода. Одлуката на пратениците е нивно законско право, но и нивна одговорност. Затоа во продолжение сакам да се навратам на еден суштествен детаљ што го споменав и на почетокот на текстот, а тоа е бркањето рокови. Целата оваа хистерија што ни се случува со брзањето по секоја цена да се исполни преспанската спогодба е за Грците да имаат време да го исполнат својот дел од обврските. Така барем се надеваат дел од нашите политичари. Брзаме и ѝ купуваме време на Грција, која, пак, не се обврзана со ништо. Дури ние и сѐ да направиме, да смениме устав, да смениме име, Грција може да не мрдне ниту со малиот прст. И ова не е само некаква хипотетичка претпоставка, туку многу јасно се споменува и навестува и во самата спогодба.

Ако внимателно се прочита членот 2 од спогодбата може лесно да се увиди дека она што Грција го нуди е повеќе ветер и магла, отколку правна сигурноста и гаранција дека ќе го исполни договореното. Напротив на Грција ѝ е оставен простор по своја волја, односно како што сака, да го толкува овој член и аналогно на тоа никогаш да не даде зелено светло за наше членство во ЕУ и во НАТО. Имено во членот 2 јасно стои дека поддршката од првата страна (Грција) е условена, прво со исходот од референдумот, и второ со целосно усвојување на амандманите на Уставот. Бидејќи референдумот и формалноправно со одука на ДИК, објавена во „Службен весник на РМ“, е прогласен за неуспешен автоматски и Грција не е обврзана да даде поддршка за наше членство во НАТО. Ова го пишува и во договорот. Во истиот член 2 потоа се вели дека по завршувањето на референдумот, внимавајте, со исход што е конзистентен со оваа спогодба, првата страна (Грција) ќе го ратификува Протоколот за пристапување на втората страна (Македонија) во НАТО. Сега се поставува прашањето – кој исход од референдумот Грција ќе го смета за конзистентен за неа. Сега но и во иднина.

Дали ставот на владејачката коалиција, ставот на опозицијата или, пак, официјалниот став на Државната изборна комисија, која е и единствена надлежна за оцена и спроведување на референдумот. Токму оваа одредба во преспанската спогодба, Грција да оцени што е за неа конзистентно, отвора простор за понатамошна целосна блокада од страна на Грција, а не за надминување на проблемите. Понатаму се чини дека е направен превид во спогодбата и со наведувањето дека втората страна (Република Македонија) во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 година. Како потписниците можеле однапред да го стават овој рок не знаејќи го исходот од референдумот? Дури и само од процедурална страна фаќањето на овој рок е тешко изводливо, да не кажам невозможно, со оглед на фактот што промената на Уставот е сложена процедура што се одвива во повеќе фази. Од друга страна, токму сегашната власта кога беше опозиција жестоко реагираше и имаше најголеми забелешки на брзото носење одлуки и закони, и сега во улога на власт, се брза за едно толку важно прашање.

Во период кога се очекува носење важни одлуки, граѓаните очекуваат објаснување и одговори и на овие прашања.
Затоа наместо трчање и брзање, што велат народот на врат на нос, многу подобро е во една конструктивна и пријателска атмосфера, со ладни глави, со вклученост на сите релевантни политички субјекти да се преразгледаат и анализираат сите потенцијални замки, правни и политички последици, и потоа да се бара најцелисходно решение. Се разбира решението да биде правно издржано, долгорочно одржливо со сите вклучени гаранции, со него да се почитува волјата на мнозинството граѓани и најважно – решението по која било основа да не се коси со принципите на меѓународното право.