Предизвиците на кампањата

И покрај тоа што се заврте политичкиот круг за легитимирање (и легализирање) на оваа практика, сепак ваквата „алтернативна изборна кампања“ со интернетско „бомбардирање“ никако не е во духот на демократскиот и цивилизиран начин за освојување на гласовите на електоратот и за постигнување изборна победа. Стандардите на демократијата и понатаму се истите – со политички програми и идеи за добросостојбата на сите граѓани во државата се „јуриша“ во освојување на довербата на гласачите и во освојување на власта!

Овој пат, се чини, нема враќање – кампањата за предвремените парламентарни избори, што ќе се одржат на 15 јули, започнува утре, на 24 јуни! Вонредните состојби воведени заради справување со пандемијата, пет во низа со различно времетраење и со различна политичка драматика при секое продолжување, се завршена работа за оваа техничка влада. Како никогаш порано, токму вонредните состојби ги исфрлија на виделина слабостите и апсурдите на политичките конструкции во Македонија, пред сѐ на Пржинскиот договор, за уставната и институционална функционалност на државата. Токму затоа како приоритетната политичка задача, која се наметна на овие избори, е создавање функционални институции, започнувајќи од конституирање на Собранието, до избор на легитимна влада, кои се неопходни како заради внатрешното уредување и функционалност на државата, така и заради соочување со предизвиците што ја очекуваат земјава во текот на процесите за евроинтеграција од есенва.

Но развојот на настаните пред воопшто и да започне изборната кампања, создаваат впечаток дека пред нас се долги дваесетина дена до 12 јули (кога завршува кампањата) исполнети со голем број ризици за да се стигне до легитимен изборен резултат. Од почетокот до крајот, врз овие избори како од постојана заседа демне предизвикот како да се избегне ескалација на здравствената криза предизвикана од коронавирусот. Специфичен притисок за постигнување на максималната здравствена безбедност во процесот, пред и во текот на изборните денови, претставува бројката од речиси 5.000 заразени во мигот кога започнува изборната кампања. На почетокот на ширењето на коронавирусот во земјава, кога и беше донесена одлуката за прекинување на изборните активности и за пролонгирање на гласањето, кое првично беше закажано за 12 април, проектираниот врв на пандемијата се движеше до бројката од околу 2.000 заразени.

Она што остава простор за загриженост е и амбиентот што е создаден во јавноста откога бројот на новозаразени почна одеднаш драматично да се зголемува и до стотици заразени во еден ден додека од политички причини речиси секојдневно беа олабавувани претходно воведените, мошне рестриктивни мерки за заштита на јавното здравје. Трендот на дневно заболени од ковид-19 и понатаму е во пораст, болничките капацитети се речиси исполнети, а изборите се веќе неодложни.
Таквата почетна изборна позиција секако наметнува потреба од претпазливост и заштита, но и неизвесноста во однос на прашањето – како да се избегне нова пандемиска експлозија по кампањата и по завршувањето на изборите. Ако биде драматично зголемен бројот на заразени по изборите, терминот „црна кампања“, ќе добие ново, понесреќно значење.

Здравствената безбедност можеби се наметна како нова доминантна специфика на претстојните избори, но политичкиот амбиент и пред кампањата покажува дека и вообичаените политичко-безбедносни изборни ризици не смеат да се заборават и запостават. Иако здравствените протоколи одредуваат изборна кампања со физичка дистанца, а политичките партии се изјаснија дека следејќи ги таквите препораки, ќе се фокусираат на користење на старите и новите (социјални) медиуми за да им ги приближат на гласачите своите програми, се чини дека таквиот „завет“ не ја намалува опасноста од експлозивноста на политичката спротивставеност.

Здравствената безбедност можеби се наметна како нова доминантна специфика на претстојните избори, но политичкиот амбиент и пред кампањата покажува дека и вообичаените политичко-безбедносни изборни ризици не смеат да се заборават и запостават

За жал, некои бомбашки инциденти поврзани со политичките актери на изборите, во деновите непосредно пред почетокот на кампањата, предупредуваат дека вербалната експлозивност уште на почетокот го има надминато метафоричното значење и станува конкретна опасност. Секако дека тоа загрижувачки имплицира на можност за физички пресметки и за безбедносни ризици во кампањата, но и во деновите на одржување на изборите. Таквиот безбедносен ризик претставува предизвик за сите политички чинители, кој треба да биде политички осуден и веднаш да бидат пронајдени и казнети сторителите, за проблемот да биде решен од корен.
„Експлозивниот“ амбиент на предизборието, веќе очекувано е дополнет и со пласирање аудиоснимки од прислушувани разговори на социјалните мрежи, каде што постојат сомневања и индиции дека главни актери се личности осудени за криминални активности со политичка актуелност и влијание.

Таквата практика на анонимно емитување прислушувани разговори на социјалните мрежи, како своевидна алтернативна „изборна алатка“, стана речиси вообичаена во македонскиот политички амбиент. Но и покрај тоа што се заврте политичкиот круг за легитимирање (и легализирање) на оваа практика, сепак ваквата „алтернативна изборна кампања“ со интернетско „бомбардирање“ никако не е во духот на демократскиот и цивилизиран начин за освојување на гласовите на електоратот и за постигнување изборна победа. Стандардите на демократијата и понатаму се истите – со политички програми и идеи за добросостојбата на сите граѓани во државата се „јуриша“ во освојување на довербата на гласачите и во освојување на власта!