Прашање од милион денари: Што е поефикасно за граѓаните – полициска превенција или полициска репресија?

За волја на вистината, ниту на полициските служебници воопшто не им е лесно. Секојдневно се расправаат со секакви луѓе. Насилни, брутални, нервозни. Постојано некој ги напаѓа, ги навредува, им се заканува. Ниту тие не знаат на кого ќе налетаат и со кого ќе треба да се објаснуваат, ниту пак во каква животозагрозувачка ситуација ќе се најдат. Независно дали паѓа снег, дожд, дали температурите се +40 или -20, тие се на улиците, во обид да го имплементираат владеењето на правото за кое сите зборуваме…

За 23 проценти се намалила бројката на сообраќајни несреќи во декември 2020 година во споредба со истиот период во 2019 година. Во ноември, пак, минатата година, бројката на сообраќајни несреќи во споредба со истиот период преклани, се намалила за 21 процент.
Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, сето тоа се должи на преземените активности, односно на постојаното присуство на полицијата и нејзиното превентивно, но и репресивно дејствување на улиците низ земјава. Како резултат на тоа, 2020 година, и покрај тоа што беше доста лоша година ако се земе предвид ситуацијата со коронавирусот, сепак во однос на статистиката за бројот на загинати во сообраќајни несреќи е година со најниска бројка.
Сепак, бројката на санкционирани возачи што на некој начин извршиле прекршување на законите за безбедно возење никако драстично да се намали. МВР секојдневно известува за санкционирани возачи. Најголемиот број се оние што не ја почитувале и не се придржувале кон дозволената и препорачаната брзина на движење, користеле мобилни телефони, немале појас, возеле под дејство на алкохол, но има и такви што возеле без возачка дозвола.
Оттука се поставува прашањето дали на овој народ навистина му треба 24-часовна контрола за да внимава како се однесува во сообраќајот. Дали навистина треба некој постојано да ни стои над глава, да нѐ санкционира, да нѐ кара како мали деца за да внимаваме и да се однесуваме одговорно во сообраќајот?

Секојдневното присуство на полицијата и бројката на санкционирани возачи што се објавува од страна на МВР се доволен показател дека нам ни треба некој со „стап“ да ни стои над глава, за да се однесуваме одговорно не само кон себе туку и кон своите најблиски, семејството, но и кон другите, кои исто така имаат свои семејства.
Ќе слушнеме за некоја европска држава како сообраќајот бил на завидно ниво, сообраќајната култура исто така. Кај нас, не е баш така розово. Еден врти каде сака, друг не дава трепкач, пешаци преминуваат улица каде што ќе стигнат, прескокнуваат низ жардиниери, претрчуваат на црвено светло, велосипедисти, и покрај поставените безбедносни велосипедски патеки, повторно возат меѓу возила, на места за пешаци… тоа е нашата сообраќајна култура. Застанувањето на пешачки е мисловна именка за многумина, па кога ќе видите пешак на кој некој возач од „ендемски вид“ (овде мислам на оние малкумина што ги почитуваат правилата и прописите и пропуштаат пешаци), задолжително обрнете внимание на неговото однесување додека ја преминува улицата. Благодарност, отпоздравување со рака, насмевка, се најчестите реакции на пешаците што долго време чекале за да ја преминат улицата, но никој не направил ниту најмал обид да ги пропушти да преминат.
Со оглед на тоа што за да имаме каква-таква, да не речам минимална сообраќајна култура, нам ни треба 24-часовен надзор, авторитет што ќе нѐ казни ако не се однесуваме како што треба, не можеме да зборуваме за никакво совесно однесување во сообраќајот.

Мора да се отпоздрави оваа акција на Министерството за внатрешни работи. Конечно некој сериозно се зафати со решавањето на горливите проблеми кај нас. Конечно некој пресече и одлучи да нѐ превоспита како возачи, пешаци и велосипедисти. Конечно некој рече дека мора да се заврти нов лист и да се почне од почеток, да се воведе еден ред и поредок во сообраќајот, каде што нема секој да се однесува како шериф, како да го ослободил Скопје.
За волја на вистината, ниту на полициските службеници воопшто не им е лесно. Секојдневно се расправаат со секакви луѓе. Насилни, брутални, нервозни. Постојано некој ги напаѓа, ги навредува, им се заканува. Ниту тие не знаат на кого ќе налетаат и со кого ќе треба да се објаснуваат, ниту пак во каква животозагрозувачка ситуација ќе се најдат. Независно дали паѓа снег, дожд, дали температурите се +40 или -20, тие се на улиците, во обид да ја имплементираат сообраќајната култура, за која сите зборуваме, а никој од нас не ја применува кога ќе се најде во улогата на возач, пешак или велосипедист.
Засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови, недели и месеци. Којзнае, можеби за да нѐ превоспита полицијата ќе бидат потребни години.
Но ако, доколку тоа значи намалување на смртноста во сообраќајот, помалку жртви низ улиците во земјава, нека ја има полицијата и тоа во уште поголем број. За нас сѐ уште важи изреката „само полиција му е мајката“.

[email protected]