Правниот систем и планетата Марс

На Агенцијата за млади и спорт ѝ подметна кукавичино јајце од кое ќе се изведат канџи на двоглав орел, кој сака на сила да освои уште едно гнездо. Нема потреба да политизираме. Нема потреба понатаму да одиме и да споменуваме етнички ентитети, јазик, традиција… тоа не е предмет на овој коментар

Владеењето на правото почнува со почитување на Уставот. Од 134-те члена на највисокиот правен акт на Република Македонија, во седмиот член (членот 7 став 1) пишува дека на целата територија во Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Многу чисто, педантно, прецизно составена реченица. И секој граѓанин на нашата држава што прави спротивно од тоа, ги крши Уставот и законите што во една правна држава е казниво.

И оваа кованица „правна држава“ е класична реторичка тавтологија бидејќи држава без право или право без државата не може. Кога ќе се каже држава, само по себе значи и се подразбира и во теоријата и во прагмата дека таму има право, правен систем, дека владее правото. И обратно. Кога ќе се спомене правото, се знае дека правните норми или позитивното право сами по себе создаваат правен систем во една држава, а не некаде на планетата Марс.

Е па, изгледа дека не било така.
Последниот случај со јавното кршење на Уставот (и законите), односно гореспоменатиот член на Уставот, од страна на поединец (индивидуална одговорност) на јавна манифестација, организирана од страна на еден орган на државната власт, поттикна лавина наталожена од довчерашни кршења на Уставот и законите што веќе стана практика кај нас. Не треба да се сфати дека во оваа пригода се прозива Агенцијата за млади и спорт како одговорна. Затоа што таа навистина и не е! Како би знаела таа дека некој индивидуалец ќе излезе на бина и „ќе фрли бомба“, чија цел е девастација на еден правен систем и на владеењето на правото? Или, како таа да го спречи тоа? Тешко дека може. Никако. Затоа, за сторено дело индивидуалната свест и постапката се пресудни. Ете така, некој едикојси се осмелил по примерот на други такви индивидуалци, кои, пак, заедно во своите постапки имаат заеднички именител (факт) или заедничка цел (претпоставка) долго време наназад неказнето да се протнуваат во системот и да предизвикуваат тешки оштетувања на владеењето на правото, кое од петни жили од осамостојувањето се обидуваме да го воспоставиме во нашата сакана татковина. Се разбира дека секогаш ќе има криминалци што ќе сакаат да уништат нешто, но им се чудам на оние што го толерираат таквото нешто и мижат пред таквите криминални постапки, а се повикани (по словото на законот) да ги препознаат и санкционираат. Значи и тие самите со нивното непреземање ништо ги кршат Уставот и законите. И повторно се враќаме на владеењето на правото. Поточно на невладеењето…

Она со што сакам да ја допрам суштината е констатацијата дека ако навистина сакаме заедничка вистинска држава (што секако подразбира ред, процедура, норми, правила на востановени начини), ние сите заедно треба да бидеме „закоравени“ легалисти, недвосмислено да ја почитуваме законитоста на правото и да ги усогласиме своите постапки со законите

А овој едикојси свесно или несвесно (поаѓајќи од тоа дека досега поминале ваквите кршења на законот неказнето), удри токму каде што е најчувствително, меѓу младите, меѓу спортот… На Агенцијата за млади и спорт ѝ подметна кукавичино јајце од кое ќе се изведат канџи на двоглав орел, кој сака на сила да освои уште едно гнездо. Нема потреба да политизираме. Нема потреба понатаму да одиме и да споменуваме етнички ентитети, јазик, традиција… тоа не е предмет на овој коментар. Она со што сакам да ја допрам суштината е констатацијата дека ако навистина сакаме заедничка вистинска држава (што секако подразбира ред, процедура, норми, правила на востановени начини), ние сите заедно треба да бидеме „закоравени“ легалисти, недвосмислено да ја почитуваме законитоста на правото и да ги усогласиме своите постапки со законите. Само така можеме да напредуваме.

Токму постапката на овој провокатор беше најмалку усогласена со нашиот актуелен устав и со законите. Но имено, во моментот кога ќе биде поинаку, барем се најавува дека тоа ќе биде многу скоро, тогаш – во ред! Нека постапува онака како што е дозволено. Дотогаш, жал ми е, ама мора да констатирам дека индивидуалецов флагрантно ги прекршил позитивните норми на нашата држава и за тоа треба да сноси одговорност. Повторно, онаква одговорност како што пропишува законот и каква што ќе му одмери судот! Ете, така ќе бидеме одговорни и пред себе, и пред граѓаните, и пред својата држава. Така и ќе нѐ ценат повеќе од мониторинзите на меѓународната.

Токму тоа го знаат и Столе, и македонските ракометни репрезентативци, и другите спортисти, спортски работници, клубови, асоцијации и федерации. Без разлика на кој спорт припаѓаат. За сите нив важат истите закони, се разбира, додека не бидат променети. Ве молам, оставете го политикантството. Акцијата од една вонзаконска постапка (провокација на јавна сцена), беше пречекана со една реакција (исто на јавна сцена). Дури и законите на универзумот се дека за секоја акција следува реакција. Можеби овој пат реакцијата прати една многу поголема порака. Со поголема тежина. Реакцијата на надлежните треба да биде онаа вистинската. Оставете ја политиката. Во правото е правдината.

А за Столе… Тој со гестот и пораката „од црта“ постигна уште еден гол. Ракометарите се победници и пред да отпатуваат на светското првенство. Дај боже тој гол да биде победнички каде што тимот на законитоста и владеењето на правото ќе го победи тимот на незаконитоста и невладеењето на правото.