Правда од стиропор

Без разлика за кого и да се работи, кога политиката и интересите и одредени центри на моќ се поставуваат над правдата, кога се гази врз постулатите на правната држава, тоа е аларм и за институциите и за секој еден граѓанин. Во таа насока и е овој напис

Веќе со години на Република Македонија, нејзините институции или политички гарнитури им се прилепуваа најразлични и најчесто погрдни атрибути. Зависно од случај до случај или од општествено-политичкиот момент се лепеа и редеа етикети и квалификациите, измислени однадвор или однатре.

Па, така, на почетокот на осамостојувањето во 1990-тите години за сите оние на кои не им се допаѓаше создавањето на новата држава бевме „Титова творба“, потоа „банана-држава“, па „квазидемократија“, па „рамковна држава“ потоа однадвор нѐ окарактеризираа како „заробена држава“, мислејќи на влијанието на политиката врз сите процеси во државата.

Од тој период се и етикетите што се лепеа врз правните институции како „сваровски судство“, која сега се замени со „кацарска судство“ и „русковска обвинителство“.
Еден период се користеше и називот „стиропор политика“, што требаше да алудира на одредени пропусти во градежништвото и архитектурата.

Секоја етикета си имаше своја зададена цел, свој век на траење и своја политичка употребна вредност во дадениот момент.

Но се чини дека од сите овие обиди да се нанесе некаква штета врз државата и врз функционирањето на институциите преку квалификации и лепење етикети најдебелиот крај, сепак, го извлекоа правдата и правната држава. Правната држава се покажа како најмалку отпорна и најподложна на влијание, било на домашните политички случувања било на глобалните интереси и влијанија на различни други фактори.

Последен случај што крена голема прашина во јавноста е одлуката на Врховниот суд, која се однесува на функционирањето на специјалното јавно обвинителство. Одлуката на судот дека СЈО не може да поднесе обвинение по истекот на рокот што му бил законски зададен, со што практично паѓаат во вода редица предмети на СЈО, наиде на остри коментари во јавноста. Имаше тврдење дека ова е своевиден државен удар, дека значи спречување на правдата, дека е враќање на груевизмот, па до одредени тези со призвук на заговор дека всушност се работи за однапред договорено политичко сценарио, бидејќи во моментов никому не му одговарало моќно обвинителство?!

Се отиде и дотаму што се бараше Владата веднаш да интервенира, притоа се заборави на начелото на независност и одвоеност на извршната од судската власт. Дури, замислете, оние што претходно најгласно обвинуваа за „заробена држава“ сега апелираат на нејзино ново заробување, односно итна интервенција и влијание на власта врз судството!?

Во целата оваа папазјанија изгледа најмногу има заробени умови, кои размислуваа еднонасочно или, пак, робуваат и одработуваат во интерес на зададената идеологија. Па, веројатно, затоа заборавиле, што говореа до вчера, а што зборуваат денес.
Но нејсе. Не навлегувајќи во филмот на кое било од посочените тврдења како и за тоа колку досега па и во иднина се покажало за оправдано постоењето на СЈО и на другите институции задолжени за спроведување на законите и истерување на правдата докрај, сакам да укажам на одредени непобитни факти и јавно да поставам некои прашања.

За работите да бидат појасни и проблемите да ги изнесеме на чистина.
Прашањата се следни:
Дали некогаш „заробената држава“ од аспект на неспроведување на правото денес е конечно ослободена или уште подлабоко потоната и заглибена во матните води на севкупното наше политиканството и импровизации?

Што е, кој е или ако сакате каде е клучниот виновник за некогаш „заробена држава“, зошто нема никакви информации за тоа, има ли воопшто истрага и како се одвива таа? За држава што некогаш била држена како заложник, за што, рака на срце и се одговара дебело ако се докаже, треба ослободената од заложништво држава здраво да отвори процедура за да докаже дека била грабната и држена како заложник. Инаку, во најбенигнен случај ќе сметаме дека се заразила со стокхолмскиот синдром. А во најлош, дека е соучесник или помагател. Па бидува ли ви се молам, така? Се разбира дека не!

Токму случајот со поранешниот премиер Груевски беше предмет на СЈО како и многуте други што сега се укинуваат или за кои нема да се постапува. На што прво ви асоцира оваа коинциденција?!

Понатаму, каде е бројчаникот со вратените пари (наши, на граѓаните), кои биле украдени или злоупотребени од поранешни или сегашни функционери. Со која парола сегашната раководна структура дојде на власт (за оние со кратко паметење да потсетам, нема правда – нема мир). Дали денес, на пример, има повеќе правда од вчера, завчера, лани, преклани…?

Како во македонскиот парламент беше изгласан договорот од Преспа со Грција за примена на уставното име и за промена на Уставот на државата? Дали донесувањето на Законот за амнестија може да се смета за врвен правен акт, или како што неофицијално и зад кулоарите признава и самата власт, дека таму нема ништо од правото и се работи за гол политички интерес за остварување одредена стратегиска цел.

Или во делот на меѓународното право, и флагрантното кршење и непочитување на Виенската конвенција и на правото на самоопределување дефинирано во правното начело јус когенс.

За многумина домашни и странски експерти токму низ призмата на договорот со Грција е извршена повреда на меѓународното право.

Да потсетам дека токму ова правно начело, прифатено од целиот свет и од сите демократски земји, јасно посочува дека сите договори, кои се спротивни или го повредуваат правото на самоопределување се ништовни, односно неважечки.
И затоа сега се прашувам зошто некого сега толку го здоболе само иднината на СЈО, а не и сите претходно посочени аномалии, парадокси или директно газење врз законите Уставот и принципите на меѓународното право.

Да бидам искрен, без разлика за кого и да се работи, кога политиката и интересите и одредени центри на моќ се поставуваат над правдата, кога се гази врз постулатите на правната држава, тоа е аларм и за институциите и за секој еден граѓанин. Во таа насока и е овој напис. Бидејќи единствено и само во законитоста е слободата. Така функционираат и на тоа се темелат сите европски и светски демократски држави.
Сѐ друго што е спротивно на уставните и на законските акти води кон општ хаос и отвора можност за конфронтација.

Затоа и сметам дека преку одговорите на сите погоре поставени прашања ќе ви се расчисти барем малку дилемата и околу работата на СЈО, неговата мисија, (дали беше фарса или реалност), но и генерално околу почитување на законите и владеењето на правото во државата.

Со многу размислување и со тешко срце се прекршував самиот во себеси дали насловот „Правда од стиропор“ соодветствува на актуелните околности и случувања. Дотолку повеќе што стиропорот како градежен материјал изминатиот период беше многу често злоупотребуван во политичката јавност, како нешто фалш, расипливо, порозно, лесно, евтино.
Можеби некој насловот може и така да го протолкува. Од друга страна, моите намери се подлабоки и поискрени. Еве и зошто.

Бојата на стиропорот е претежно бела и потајно се надевам и посакувам и правдата да ни биде кристално чиста и бела. Без дамки, сенки, флеки, помрачувања, предизвикани по која било основа. Истовремено стиропорот е и најупотребувано изолациско средство во градежништвото против надворешни влијанија. Која симболика. Замислете каков ефект би се постигнал кога би се пронашло изолациско средство против надворешните влијанија врз правдата, законите и правната држава. Се разбира, насловот и понатаму може да го толкува кој како сака.