Послушајте патриоти

На говорницата во ОН деновиве се изредија голем број политичари и функционери од целиот свет и она што како заедничка нишка провејуваше во обраќањата на сите нив е токму патриотизмот. Се разбира во зависност од говорникот и од земјата од која доаѓа на патриотизмот како политичка доктрина му се пристапуваше од различна призма, со различна диоптрија и различна завршна порака. Завршна порака што потоа некои ја осудуваа додека други ѝ се восхитуваа

Патриотизмот е несомнено убедливо најексплоатираниот термин во политиката. Во домашни и во светски рамки, воопшто. Му доаѓа како некаков задолжителен бенчмарк, по европски нели, без кој речиси и да е невозможна позабележителна политичка кариера. Колку посилно се удирате во гради дека сте патриот толку поголеми ви се шансите да се искачите скалило повеќе. Е сега има многубројни примери и на „силни патриоти“ за кои подоцна е утврдено дека единствената и најголема љубов и посветеност во работата им биле сопствениот џеб и зелените банкноти. Или со други зборови, овие луѓе на својот патриотизам му одредиле некоја пазарна вредност и потоа тргувале со него и го продавале како стока.
Но тоа е веќе друга тема, која навлегува во нешто што се нарекува карактер, дигнитет, етички и морални вредности. Да се вратам на поимот патриотизам.
Еве и претседателот на САД посегна по патриотизмот и го промовира како врвна општествена доктрина.

Така Доналд Трамп во својот говор на Генералното собрание на Обединетите нации посочи дека ја отфрла идеологијата на глобализмот и ја прифаќа доктрината на патриотизам.
Притоа посочи и дека САД го почитуваат правото на сите народи да ги следат своите традиции и обичаи.
„САД нема да ви кажува како да живеете и работите, ние бараме само да се почитува нашиот суверенитет. Ние нема да се откажеме од американскиот суверенитет во корист на бирократијата. Со Америка управуваат Американци“, ќе истакне Трамп во Обединетите нации.

Американскиот претседател практично не кажа ништо ново. Неговите тези се всушност продолжение и континуитет на кампањата што ја водеше и за време на претседателските избори, преку кои дојде на власт и во која кампања ги истакнуваше паролите: „Америка на прво место, Америка пред сѐ, Да ја направиме Америка повторно голема“ итн. Истото го прави и сега, како прв човек на најмоќната држава во светот. Така Трамп го разбира патриотизмот. По неговиот говор следуваше аплаузот, но и коментари дека неговите тези наишле на потсмев и осуда кај дел од присутните.
Ден потоа од истата говорница се обрати друг претседател на мала држава на Балканот, кој, пак, даде свое видување на универзално прифатените норми и стандарди што се однесуваат на правото на самоопределување, човековото достоинство и правото на суверена еднаквост на државите. И ова обраќање беше испратено со аплауз, но и со коментари со потсмев и осуда од неистомислениците.

На говорницата во ОН деновиве се изредија голем број политичари и функционери од целиот свет и она што како заедничка нишка провејуваше во обраќањата на сите нив е токму патриотизмот. Таа генетска и емотивна поврзаност на говорникот со предизвиците и проблемите на својата татковина и својот народ. Се разбира во зависност од говорникот и од земјата од која доаѓа на патриотизмот како политичка доктрина му се пристапуваше од различна призма, со различна диоптрија и различна завршна порака. Завршна порака што потоа некои ја осудуваат додека други ѝ се восхитуваат.

Тоа е така и затоа што нема универзална општо прифатена дефиниција што е тоа вистински патриотизам. Дури напротив има мноштво различни толкувања. Секој го толкува по свое и како нему му одговара.
Поставувањето дефиниција за патриотизам за филозофите на пример претставува тешкотија поради тоа што тој може да манифестира многу различни карактеристики, кои се движат од едноставна љубов кон сопствената земја, па сè до омраза кон сè што „не е наше“. Во тој правец, филозофите, писателите, психолозите и други мислители си земаат и поголема слобода и даваат и едно друго малку поинакво гледиште на работите.

Чувството за родољубивост, припадност кон татковината и нацијата треба да се развиваат уште од мали нозе и преку образовниот систем и понатаму во сите стадиуми на општеството. Само така ќе се исчисти житото од каколот и нема да ни се случуваат парадокси во кои покрај толку многу патриоти, или што се вели патриот до патриот, да не можеме да препознаеме кој е вистински, а кој лажен

Еве само мал дел на изјави и мислења на познати личности во светот за тоа како тие гледаат и како го дефинираат патриотизмот. За Марк Твен на пример „патриот е човек што може да вика најгласно, без да знае зошто вика“.
Пабло Касалс има кажано: „Љубовта кон својата земја е прекрасна работа. Но зошто љубовта треба да застане на граница?“.
Џон Болтон рекол: „Не постои патриотска обврска да му помогнеш на политичар да напредува во кариерата, кој инаку се залага за интереси што се неетички според твоите вредности“.

Вреди да се спомене и мислата на светски познатиот научник и гениј Алберт Ајнштајн, кој има кажано: „Хероизам по наредба, бесчувствително насилство и сите оние гадни бесмислици што се продаваат како патриотизам – многу ги мразам!“
Ќе споменам уште две интересни мисли поврзани со патриотизмот. Првата е на
Валас Шон според кого „патриотизмот е чувство што наводно сите треба да го имаат. Но зошто? Зошто е поблагородно да ја сакаш својата земја отколку нечија друга?“ и другата на Дејвид Стар Џонсон, кој помалку иронично коментира дека „кога кучето лае накај месечината, тоа е религија, а кога лае по странците, тоа е патриотизам“.
Се потрудив да најдам достапни изјави и мисли на македонски политичари и јавни личности, за тоа како тие го сфаќаат и разбираат патриотизмот, се разбира во една прагматична и филозофска смисла, надвор од политиката. За жал, не успеав да најдам ниту една. Чудно нели!

Зарем е можно да не го разбираат или можеби љубоморно го чуваат патриотизмот само за себе за своја употреба, кога ќе им затреба. А од друга страна во разноразните кампањи пред секое гласање и воопшто досега во политиката се изнаслушавме толку многу изјави и пораки, токму од политичарите, што треба да направиме ние како граѓани за да демонстрираме патриотизам кон државата. Самите не знаат што е патриотизам, а нѐ учат нас?!
Како да е тоа нешто што прекуноќ се учи напамет, се дава или зема, или се насочува по нечија желба и потреба.

Од друга страна, според многумина светски умови, патриотизмот е во есенцијата на постоењето и опстојувањето на секој народ. Затоа големите и моќни држави му посветуваат и толку внимание и својата политика на дејствување ја темелат токму на доктрината на патриотизмот. Зашто тој, на крајот на краиштата, ниту служи за еднократна употреба, ниту се манифестира само на избори и гласање, туку треба да се носи со себе постојано, да се негува и надградува. Чувството за родољубивост, припадност кон татковината и нацијата треба да се развиваат уште од мали нозе и преку образовниот систем и понатаму во сите стадиуми на општеството. Само така ќе се исчисти житото од каколот и нема да ни се случуваат парадокси во кои покрај толку многу патриоти, или што се вели патриот до патриот, да не можеме да препознаеме кој е вистински, а кој лажен.алек