Последната косовска битка на Вучиќ

Српскиот претседател се наоѓа во мал маневарски простор и во деновиве што претстојат ќе треба да го даде одговорот за прашањето за „нивната јужна покраина“ Косово и Метохија, која мнозинството Срби сѐ уште ја сметаат за колепка на српството

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи на седми септември ќе се состанат во Брисел за да се обидат да постигнат сеопфатна спогодба за нормализација на односите за остварување конкретен исчекор во спорот за Косово. Септември е клучниот месец во кој дијалогот меѓу Приштина и Белград влегува во завршна фаза и кога многу работи ќе бидат појасни околу разврската за косовскиот спор, за чие решение постои силен притисок од меѓународната заедница. За тоа говорат и изјавите на Вучиќ, кој во своите последни настапи пред новинарите го најавува и својот историски говор што треба да го одржи пред српскиот народ во северниот дел на Косово. Тоа, наедно ќе значи и одговор пред граѓаните во Србија, кои долго време се ставени во исчекување околу идното решение за статусот на Косово, кое веќе прогласи независност и е признаено од повеќе земји во светот.

Ако подолго се следат политичките случувања на српската сцена, ставовите и однесувањето на најважните дипломатски центри за зачленувањето на Косово во Обединетите нации, настапите на српскиот претседател во последните месеци, всушност, претставува и неговата „последна битка за Косово“. Како што стојат работите сега, мали се изгледите Приштина да го прифати предлогот за кој од петни жили се залага Вучиќ, а кој се однесува на разграничување на северниот дел во кој Србите се мнозинство, со другиот дел од Косово. Како дел од овој пакет е преотстапувањето на Прешево, кое се наоѓа на југот на Србија.

Мали се изгледите Приштина да го прифати предлогот за кој од петни жили се залага Вучиќ, а кој се однесува на разграничување на северниот дел во кој Србите се мнозинство, со другиот дел од Косово

Ставовите на некои аналитичари во Србија се дека тој и неговиот косовски колега се осамени, кога станува збор за темата „разграничување“. Да потсетиме на изјавите од високите кругови на Српската православна црква дека никој од државниците не смее да даде согласност за отуѓување на Косово и Метохија. „Тоа што со сила ќе се земе, може и да се врати. Тоа што ќе се подари, засекогаш е изгубено. Србите и Србија тоа не смеат да го дозволат“, изјави патријархот Иринеј. Противници на самата идеја за разграничување и размена на територии има и во Косово, за што и тамошниот премиер Рамуш Харадинај отворено го прогласи за предавник косовскиот претседател Хашим Тачи, поради тоа што даде почетна согласност за предлогот на Вучиќ.

Наспроти ова се и изјавите на претседателот на општината Прешево, Шаип Камбери, кој не се согласува со парцијално решение за размена само на градот Прешево и сугерира кон Косово да се припои и целата Прешевска Долина во целина. Исто така, и Европската Унија, а посебно Германија, се противи на воспоставување нови граници во регионот, за да се спречат идни такви обиди на Балканот и во Европа. Приврзаниците на актуелната политика на владејачката коалиција во Србија поделбата на Косово ја сметаат за голема придобивка, затоа што на тој начин српското население би било поврзано со матицата, а би ги добиле и економските стратегиски капацитети како што се „Газивода“ и „Трепча“. Ова се и аргументите на Вучиќ, кој самиот вели дека со досегашното решавање на косовскиот проблем „Србите за првпат нема да изгубат“. Како дополнителен мотив се наведува и тоа што продолжувањето на политиката на Белград за т.н „замрзнат конфликт“ нема да одговара на идните европски перспективи и економскиот развој на Србија.

На обвинувањата дека разграничувањето ќе го забрза иселувањето на Србите од Косово, Вучиќ излезе со заканувачки превидувања за тоа дека за 40 години ќе треба да го бранат Врање од проширувањето на Албанците од јужна Србија!? Српскиот претседател се наоѓа во мал маневарски простор и во деновиве што претстојат ќе треба да го даде одговорот за прашањето за „нивната јужна покраина“ Косово и Метохија, која мнозинството Срби сѐ уште ја сметаат за колепка на српството. Конечниот одговор, кој Вучиќ го смета за компромисно решение, ќе го даде на деветти септември од Косовска Митровица. Без оглед на сѐ, белградскиот весник „Данас“ повикувајќи се на дипломатски кругови, пишува дека „засега нема никаков договор меѓу Белград и Приштина“ и затоа е неизвесно дали и ќе биде постигнат, и покрај големата желба на Западот овој спор да се реши до пролетта 2019 година.

Политичките аналитичари коментираат дека Вучиќ и Тачи со меѓународни посредници веќе се договориле за решенијата за кои граѓаните не се информирани и сега двајцата претседатели се обидуваат до го протуркаат тоа во јавноста во двете земји. Во овој момент тешко е да се процени која е суштината на спогодбата, но веројатно договорот е околу ингеренциите на идната заедница на српски општини и какви ќе бидат врските на косовските Срби со Белград, односно кој ќе се грижи за нивните интереси на Косово. Отстапката од Белград во тој случај би била да не го попречува зачленувањето на Косово во ОН, на што остро се спротивставува опозицијата во Србија.