Популизмот повторно ѝ се заканува на Европа

Дел еврокомесари сигурно нема да бидат среќни ниту со размислувањата на Ди Мајо и Салвини за воведување „граѓански приход“ од 780 евра месечно, кој всушност е многу сличен со предлогот на Пет ѕвезди за универзален основен приход, кој ќе биде финансиран со 17 милијарди евра од домашниот буџет, а оставен е и отворен простор за учество на ЕУ во ваквата шема. Покрај тоа, се предлага и воведување рамен данок за компаниите и поединците од 15 отсто, како и укинување на пензиските реформи, кои помогнаа во стабилизирањето на еден од најголемите јавни долгови во Европа во текот на должничката криза

Европа повторно е исправена пред предизвикот на растечкиот популизам на Стариот континент. Овојпат искушението доаѓа, ни повеќе ни помалку, од Италија, една од основачките на ЕУ и трета по големина економија во еврозоната. Земјата сѐ уште ја чека новата влада, а коалициските преговори помеѓу популистичкото движење Пет ѕвезди и антиимигрантската Лига се наоѓаат пред самата завршница. Документите од преговорите, кои протекоа во италијанската јавност, покажуваат дека двете партии силно ја споделуваат желбата за радикална промена на односите помеѓу Италија и ЕУ. Идејата за отпишување голем дел од италијанскиот долг или за измена на мигрантската политика на Унијата сигурно им ја крена косата на бирократите во Брисел, а ни берзите не изгледаат ништо помалку растревожено. Во нацрт-верзијата на владината програма, која е фокусот на разговорите помеѓу популистичките лидери Луиџи ди Мајо и Матео Салвини, се и предлози за воведување механизам за напуштање на еврозоната, кога ќе го посака некоја од членките на монетарната унија… И самата помисла за евентуална реализација на овие идеи и предлози сигурно ќе ја влоши комуникацијата на релацијата Рим – Брисел.

Но да почнеме од почеток. Еден од главните предлози во нацрт-програмата, именувана како „Договор за влада за промени“, е барање за отпишување на дури 250 милијарди евра од италијанскиот долг кон Европската централна банка. Колку за потсетување, Италија има втор најголем јавен долг помеѓу членките на еврозоната. Двајцата популистички лидери сакаат, во соработка со партнерите од Унијата, измена на Пактот за стабилност и пораст, кој поставува строги правила за одржување на јавниот долг под три проценти од БДП на државата. Во заедничката изјава по протекувањето на нацрт-документот тие ја потврдија нивната желба за враќање во периодот пред Договорот од Мастрихт од 1992 година, со кој беа поставени основите за еврото и ги обврза земјите-членки да ги следат финансиските правила на ЕУ.

Дел еврокомесари сигурно нема да бидат среќни ниту со размислувањата на Ди Мајо и Салвини за воведување „граѓански приход“ од 780 евра месечно, кој всушност е многу сличен со предлогот на Пет ѕвезди за универзален основен приход, кој ќе биде финансиран со 17 милијарди евра од домашниот буџет, а оставен е и отворен простор за учество на ЕУ во ваквата шема. Покрај тоа, се предлага и воведување рамен данок за компаниите и поединците од 15 отсто, како и укинување на пензиските реформи, кои помогнаа во стабилизирањето на еден од најголемите јавни долгови во Европа во текот на должничката криза. Со реформите на пензискиот систем би им се дозволило на италијанските работници да се пензионираат кога ќе го постигнат „100-то ниво“, односно кога збирот од нивните години и годините колку што плаќале социјални придонеси изнесува најмалку сто. Некои од овие идеи, како што е отпишувањето на дел од долгот кон ЕЦБ, се во отворен конфликт со постојните договори во Унијата.

Идејата за отпишување голем дел од италијанскиот долг или за измена на мигрантската политика на Унијата сигурно им ја крена косата на бирократите во Брисел, а ни берзите не изгледаат ништо помалку растревожено. Во нацрт-верзијата на владината програма, која е фокусот на разговорите помеѓу популистичките лидери Луиџи ди Мајо и Матео Салвини, се и предлози за воведување механизам за напуштање на еврозоната, кога ќе го посака некоја од членките на монетарната унија

Но, не се само економските планови и барања на популистичкото дуо од Рим што предизвикуваат главоболка во Брисел, а доколку двајцата успеат да ја формираат коалициската влада, евробирократите сигурно ќе го вклучат „црвеното копче за тревога“. Па така, Ди Мајо и Салвини планираат да ги притиснат партнерите во Брисел за ревизија на правилата на ЕУ за миграција, кои во нацрт-програмата се опишани како „неодржливи за Италија“. Предлозите вклучуваат и промена на т.н. Даблински правила, кои ги обврзуваат мигрантите да поднесат барање за престој во државата од Унијата во која прво дошле и воведуваат квоти за раселување на новодојденците низ сите членки на Унијата. Салвини дури и отворено се закани дека министер за внатрешни работи од неговата партија ќе ја затвори вратата за нелегалните мигранти и ќе го забрза раселувањето на мигрантите надвор од камповите во Италија. Доколку би се реализирале ваквите најави, може да се доведе во прашање внатрешната безбедност на ЕУ, како и напорите за справување со мигрантскиот и бегалскиот бран од Северна Африка, Блискиот и Далечниот Исток.

Сигналите и пораките што пристигнуваат од најверојатното коалициско дуо во Италија не се загрижувачки само за ЕУ и нејзината заедничка политика на економски, безбедносен и надворешнополитички план. Во програмата Салвини и Ди Мајо бараат и итно укинување на санкциите против Русија, истовремено потврдувајќи го италијанското место во НАТО.
Го потврдуваме нашето членство во Северноатлантската алијанса, со САД како привилегиран сојузник, и отворање кон Русија, која не треба да се смета за закана, туку за економски и трговски партнер, се наведува во заедничкиот документ на Пет ѕвезди и Лига, кои се сметаат за пријателски настроени кон рускиот претседател Владимир Путин.

Сѐ уште не е јасно дали и кога ќе биде формирана коалициската влада, а и двете партии сакаат прво да ја проверат поддршката за планот кај нивните поддржувачи. Иако може во иднина да ги ублажат нивните барања, нацрт-документот ја покажува вистинската природа на нивната невообичаеност и неискуство. Италија, како што предупредува британски „Фајненшл тајмс“, е на работ од формирање на најнеконвенционалната, најнеискусната влада на една западноевропска демократија по усвојувањето на основачкиот договор на ЕУ во Рим во 1957 година.