Помина летото, доаѓа нечистиот воздух!

Сите дишеме воздух и сакаме тој да биде чист. Токму поради немањето конкретни мерки и безидејноста на Владата за справување со загадувањето, сега на прагот на грејната сезона повторно, но некако задоцнето, сѐ погласни се и невладините организации и граѓанските здруженија за почист воздух

Падот на надворешните температури и свежите утра го ставаат во заборав летото и ја навестуваат зимата. Но ниските температури повеќе не се првата асоцијација за зима, туку тоа е загадениот воздух. Некако зимата, маглите и загадувањето со високи вредности на ПМ-честичките одат заедно последниве неколку години, а покрај капите и шаловите и маските за заштита станаа придружна зимска опрема, која никој оваа зима не би сакал да ја користи. Главното прашање што нѐ измачува сите е дали ќе дишеме зимава почист воздух од лани или повторно Скопје, Тетово, Битола, Струмица ќе се најдат на врвот на европските и светските листи на најзагадени градови. Стравот е голем дека повторно нѐ чека истото, бидејќи летово никој од надлежните, ама баш ништо конкретно не направи за почист воздух. И Владата и Министерството за животна средина ни мавтаат само со планот за почист воздух, кој нема ништо поприоритетно од промената на начинот на греењето во домаќинствата. Целта на планот е до 2020 г. да се намали загадувањето во Скопје до 50 отсто, а во другите градови од 30 до 50 отсто. Како ќе се дојде до овие резултати, ако ништо конкретно не е направено досега, а само три седмици нѐ делат од почетокот на грејната сезона. Е ако и ние како штурецот си свиркавме цело лето и ништо не правевме, тогаш се знае како ќе ја минеме зимава. Дури во вие есенски денови, кога земјоделците почнаа да ги палат стрништата, градот Скопје, па и некои од скопските општини ги засилија инспекциските контроли и почнаа да ловат загадувачи. А граѓаните се плашат дека сѐ досега е само лов на вештерки, наместо правење конкретни нешта. Ете, на пример, градот понуди бесплатно собирање на она што останало по нивите и побара од земјоделците да не ги палат стрништата, бидејќи така го загадуваат воздухот.

Од друга страна, пак, откако градот ја доби дистрибутивната топловодна мрежа од Владата, сега на дваесетина дена пред почетокот на грејната сезона ќе поднесува барање за добивање лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за да може според своите планови некаде од ноември да почне да дистрибуира топлинска енергија од новото претпријатие „Градски енергетски системи“. Се надева дека со пониска цена ќе вклучи поголем број потрошувачи на системот и со тоа ќе се намали бројот на домаќинства што ќе се греат на дрва. Имено, овие домаќинства беа највиновни за загадувањето на воздухот. Но што им менува сево ова на граѓаните, што им е важно дали ќе ги загрева градот или „Балкан енерџи груп“ или можеби некој трет. Важно беше, и сѐ уште е, граѓаните да добијат евтино парно. Многумина и од оние што го имаа се исклучија токму поради високите цени на топлинската енергија, па во зградите каде што останаа да се греат на парно само по неколку домаќинства месечните фактури на сметка на исклучените им стигнаа и до над пет илјади денари. Така беше, на пример, со некои домаќинства што се грееја на топлификацијата „Скопје Север“, па оние што живееја во трисобни станови плаќаа и по над седум илјади денари месечно за парно, за сметка на своите исклучени соседи. Тие мораа да ја плаќаат ангажираната моќност на потстницата на својата зграда, која работеше само за нив. Ако цената на парното беше пониска зошто тогаш овие исти домаќинства би се грееле на дрва и би ги валкале своите станови со пепел? Ќе беше поедноставно ако во име на загадувањето на воздухот Владата побараше од Регулаторната комисија за енергетика, како нејзино тело, да ја намали цената на парното. За сметка на тоа да субвенционирше дел од трошоците на дистрибутерот на топлинска енергија. Тогаш и не ќе мораше стоотстотно да субвенционира граѓани за купување инвертери, ако се откажеле од печките на дрва. Но и да се реши начинот на греењето со почисти енергенти, се поставува прашањето ќе биде ли доволно ако се намали бројот на домаќинствата што се греат на дрва за да дишеме почист воздух. Секако дека не, бидејќи не се во прашање само домаќинствата. Има редици проблеми за решавање, како што е јавниот транспорт, сообраќајот во кој учествуваат многу стари увезени возила што загадуваат, потоа експанзијата на градби во градежништвото, кои го задушија градот во име на загубата на зеленилото што ни значи живот. Особено уништувањето на Водно, најголемите бели дробови на Скопје. Граѓаните од минатата година чекаат да биде откриен некој голем индустриски загадувач, но наместо тоа се откриваат поединци што горат гуми или кабли за да продадат малку бакар за преживување. Треба и овие да се казнат, но не треба да се забошотуваат работите со нив, туку затоа се потребни конкретни мерки, чекори за да се спречи и зимава да умираме од загаден воздух.

Сите дишеме воздух и сакаме тој да биде чист. Токму поради немањето конкретни мерки и безидејноста на Владата за справување со загадувањето сега на прагот на грејната сезона повторно сѐ погласни се и невладините организации и граѓанските здруженија за почист воздух. Тие веќе почнаа со протести, а најавуваат и блокади и други порадикални мерки. Децидни се дека треба да се детектираат индустриските загадувачи и јавно да се објават. Исто така, бараат перманентен мониторинг и поправка на мерните станици за да може да се следи состојбата со воздухот. Помина и летово, а тие не се поправија. Многу е веројатно дека и не ќе може ниту да се поправат затоа што се многу стари и за нив одамна не се произведуваат делови. Ова всушност го кажа и претставник од Министерството за животна средина на една конференција за почист воздух, па зошто и воопшто да се надеваме дека ќе се најдат делови за старите и веќе нефункционални мерни станици. Тешко ни оди справувањето со загадувањето, кое и во некои од летните денови покажуваше повисоки вредности за ПМ-честичките од максимално дозволените. Познато ни е дека минатата зима за решавање на загадувањето Владата издвои само два милиони евра, а еколозите тогаш тврдеа дека само од еколошка такса во буџетот се слеваат 15 милиони евра. Недоволно, навистина недоволно пари за решавање на овој голем проблем, кој со години бил запоставуван од сите владејачки структури. Затоа мора да се почне со детектирање на загадувачите, да се откријат сите што нѐ трујат. Да се посочат вистинските загадувачи и ако тоа навистина се домаќинствата, како што се вели, тогаш да се тргне во правец на решавање најнапред на енергетската сиромаштија, бидејќи огревот е она што во зимскиот период многу домаќинства не можат да го обезбедат или да го платат.